1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија ѝ се заканува на Македонија со празна пушка

Ивица Петровиќ
5 јануари 2017

Судејќи според последните изјави на Ивица Дачиќ, очајното ниво на односите во регионот очигледно ќе продолжи и во 2017. година

Serbien Außenminister Ivica Dacic
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Кога се помисли дека затегнатите односи на релација Белград-Загреб-Сараево би можеле да тргнат по нагорна линија, стигнаа нови компликации на релација Белград-Скопје-Подгорица. Како веќе да нема доволно регионални проблеми. Србија со изјавата на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ упати остри критики на сметка на Македонија и на Црна Гора, и така дополнително ги искомпликува веќе доволно лошите односи во регионот. Шефот на српската дипломатија наведува дека Србија ја налутила Грција со тоа што ја признала Македонија под уставното име, а за возврат Македонија го призна Косово и гласаше против интересите на Србија во меѓународните институции.

Притисок врз Македонија како позитивна порака за Грција

Станува збор за земји со кои Србија немала речиси никакви сериозни билатерални проблеми, а меѓусебните односи секогаш се оценувани како „повеќе од добри“. Меѓутоа, Александра Јоксимовиќ, претседателка на Центарот за надворешна политика, потсетува дека Македонија и Црна Гора беа единствените земји, чии амбасадори беа протерани од Србија по признавањето на Косово: „А сега повторно ја имаме истата приказна за барањето на Косово за членство во УНЕСКО. Србија сега очигледно се обидува со притисок врз соседна Македонија да обезбеди уште некој глас со кој би се спречило во некој нов циклус на лобирање Косово да стане членка на УНЕСКО. Би требало да се каже дека е тешко да се очекува Македонија да го промени ставот, без оглед на внатрешнполитичките проблеми, кои ги има“, смета Александра Јоксимовиќ.

Таа наведува дека постои уште една важна причина зошто Србија токму сега, навидум непредизвикана, се сети да ја критикува Македонија: „До крајот на јануари Србија би требало да ја посети грчкиот премиер Алексис Ципрас и ова сега е добра можност на Грција да ѝ се испрати некоја позитивна порака. Односите со Грција веќе долго не бележат некаков позитивен тренд, нема некои конкретни проблеми, но многу тешко доаѓа до средби на највисоко ниво“.

Закана со големиот брат

Изјавите на министерот за надворешни работи на Србија, за Александар Попов, претседател на Центарот за регонализам, можат тешко да се објаснат. Попов забележува дека ова, на некој начин, е покажување мускули на соседите, а новитет е тоа што на удар сега се најдоа Македонија и Црна Гора. „Бидејќи во пресрет се избори, можно е сега да му се покаже на избирачкото тело дека нема да дозволиме никому да нѐ гази и оти повеќе нема да го вртиме другиот образ. Тука сега се поставува прашањето, зошто на тие изјави не реагираше премиерот Александар Вучиќ, бидејќи тие се спротивни на неговата регионална политика, која ја обележуваат главно помирливи тонови.“

Поинакви времиња? Ивица Дачиќ и тогашниот македонски премиер Никола Груевски во Скопје во јануари 2013. Фотографија: MIA

Александар Попов забележува дека со критика кон Македонија, но и кон другите земји од регионот, не можат да се освојат никакви поени. „Тоа е закана со празна пушка, освен ако Србија не мисли оти 'големиот брат', а во овој случај тоа е Русија, би можел да се пресмета со оние кои работеле против српските интереси. Но, нас и таа руска поддршка нѐ чини и на тоа секогаш мора да се возврати на некој начин“, оценува Попов. Тој, истотака, истакнува дека „ни Србија не е безгрешна, особено кога е во прашање војната во поранешна Југославија и оти и таа не толку голем светица, која сега на сите наоколу би требало да им дели лекции.“

Ехо на глобални движења

Македонија од еднастрана е изненадена од нападите кои дојдоа од Србија, но истотака, во Белград се вели дека лутината на Србија не е неочекувана или неоправдана, бидејќи се работи против српските интереси. „Сосема е јасно дека секако не е во српски интерес кога некоја од соседните земји ќе го признае Косово“, вели Александра Јоксимовиќ, „но секогаш е во прашање реакцијата и споредувањето на реакциите во односот на одделни земји. Причина за реакции и лутина секако има, но тие не се кон сите исти. Србија по тој повод не реагираше на ист начин кон сите земји во соседството и во регионот, а посебно тоа не го стори кон некои други европски и светски земји.“

„Ако зборуваме за лош почеток на годината за регионалните односи и ако се обидуваме да анализираме како  ќе се одвиваат работите во 2017. година, можеме да кажеме дека случувањата во регионот се благо ехо на глобалните движења“, истакнува Александра Јоскимовиќ. „Пред сѐ мораме да видиме какви ќе бидат односите на новиот американски претседател Доналд Трамп и Европската Унија, но и дали ќе дојде до релаксација на односите со Русија. Од другастрана, ЕУ има доволно сопствени проблеми и ќе видиме колку таа ќе биде подготвена дополнително да се занимава со Западниот Балкан“.

Алаксандар Попов смета дека нема многу причини за оптимизам:„Секоја од земјите во регионот има многу внатрешни проблеми, кои потоа се рефлектираат и врз односите со соседите. Практично имаме постојани циклуси на избори, кои не ги решаваат проблемите. Има премногу запалив материјал во регионот, како последица на распадот на Југославија, кој сега тлее и единствено можеме да се надеваме дека нема натаму да се распламти“. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми