1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средбата кај Иванов отвора врата за политички дијалог

Катерина Блажевска11 мај 2015

Во првата средба кај Иванов на сите клучни партии и без странски медијатори, дел од аналитичарите препознават обид за почеток на политички дијалог, но други се сомневаат во искреноста на претседателот.

Фотографија: MIA

Рафалите во Кумановско замреа. Нив ги заменија пораки за мир, смиреност, соживот, општествен и меѓупартиски дијалог. По премиерот Никола Груевски, вчеравечер на граѓаните им се обрати и шефот на државата, Ѓорге Иванов. Неговите пораки најмалку можеа да ги слушнат Кумановци. Едни ги отвораа угостителските објекти и продавници, други се враќаа во домовите. По 8 часовен прекин, струјата повторно беше вклучена во кризната зона и во околината на „Дива Населба“. Но, приоритет на локалните жители во тој момент не беше да ги вклучат тв-приемниците, туку да ги расчистат сведоштвата од престрелката меѓу вооружената група и полицијата - скршените прозорци, остатоците од муниција и трагите од човечка крв.

Истовремено, и во претседателската вила на Водно, беше пуштена „нова струја“. Така барем аналитичарите го доживуваат фактот што за првпат на иста маса на седница на Советот за безбедност, седнаа сите претставници на главните политички партии. Аналитичарот Сашо Клековски во тој факт гледа значајни чекори за деполаризација и за создавање амбиент за политичкиот дијалог.

Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Најсилната порака од Советот за безбедност е поканата и присуството на Зоран Заев, како и претставниците на ДУИ и ДПА, Талат Џафери и Имер Алиу. Сите страни ги надминаа партиските интереси и агенди, во име на националните интереси. Зоран Заев е обвинет, но е невин додека не се докаже спротивното. И направи исправен чекор што ја прифати поканата, иако не ги признава за легитимни изборите на кои е избран претседателот. И ДУИ ја надмина својата агенда на бојкот на претседателот. Ова е прва средба на сите клучни партии, по подолг период. И уште поважно - без странски медијатори. Дали ова средба може да ја отвори вратата на толку потребниот политички дијалог? Потребно е сите страни, почнувајќи со ВМРО-ДПМНЕ да започнат со чекори за деполаризација и за создавање амбиент за политичкиот дијалог. А веќе има доближување на ставовите дека политичката криза треба да има и правна и политичка разврска“, смета Клековски.

Над дневната политика

Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Ивица Боцевски, главната придобивка од вчерашната средба ја лоцира во успехот на претседателот да ги собере на иста маса сите релевантни политички претставници, но и во пораките кои Иванов ги испрати до домашната јавност и до меѓународната заедница.

„Прво, претседателот Иванов покажа врвна одговорност со тоа што свика проширен состав на Советот за безбедност. И покрај 'возбудливата' политичка состојба, тој се издигна над дневната партиска политика и ги покани сите релевантни политички лидери на средбата. Второ, јасно стави до знаење дека скапо ќе плати секој оној што има намера да го загрози уставниот поредок на Република Македонија. Тоа е суштината на неговата улога како шеф на државата и тој совршено прецизно ја исцрта таа линија. Трето, претседателот кој својата академска, а подоцна и својата политичка кариера ја посвети на унапредувањето на меѓуетничките односи, јасно стави до знаење дека меѓуетничките односи ќе се бранат со сите расположиви сили затоа што тие се клучот за стабилноста и безбедноста на Македонија. Ничии чудовишни идеи и сценарија не смеат да го срушат овој темел на државата. Четврто, се надевам дека критиката на претседателот за состојбата со политичкиот дијалог ќе најде свој пат до лидерите. Време е глумата да заврши и секој да си ја понесе својата одговорност“, вели Боцевски.

Смета дека не е момент сега да се зборува за „непристојноста и целосното отсуство на одговорност на оние што не се појавија на средбата кај Иванов“, како и за „евтиното политичарење во изминативе денови“.

„За оние, пак, што пронаоѓаат партиска политика зад настаните и за оние што избираат да продолжат со протестите, нема потреба никогаш повеќе да се зборува“, вели Боцевски.

Вмровски говор

Но, реакциите во однос на пораките на шефот на државата, се различни. Дел од аналитичарите го поставуваат прашањето: ако претседателот уште од почетокот на годината имал информации за присуството на најопасната терористичка група во регионот, и знаел дека се подготвува акција за пресметка со неа, тогаш зошто заминал во Москва? Притоа, не се се склони лесно да поверуваат во искреноста на неговите пораки, со оглед на неговиот „минат претседателски труд“ кој го претстави исклучиво како експонент на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а не како претседател на сите граѓани. Потсетуваат и на неговиот перманентен молк во многу важни моменти и за многу важни прашања. Велат дека ќе го прифатат неговото обраќање како искрено, тогаш, кога во практика ќе видат дела кои ги потврдуваат неговите зборови.

Големи резерви искажува и аналитичарот Алајдин Демири, кој во вчерашната седница на Советот за безбедност препознава „изнуден собир“ во проширен состав и неискреност по повеќе прашања во обраќањето на Иванов.

Фотографија: MIA

„Со присуство на опозицијата, за чудо и со покана за албанските лидери на оваа седница, но и со неприсуство на албанските лидери кои и овој пат го делегитимираа, (за чудо тоа го направи и Тачи), Иванов се обиде да се претстави како државник и претседател, но обидот беше неуспешен. Фразите дека ова е мошне тежок период во постоењето на Македонија, за мобилизирање на граѓаните и за враќање на дијалогот, беа фрази кои ги изговори со леснотија, но и тој не веруваше во тоа што го зборува. Затоа што беше отсутен и неинформиран од службите, кои знаеја се, но одлучија да не го информираат. Или го сметаа за непотребен во земјата, или мисијата во Москва ја сметаа поважна. Но, во продолжение тој демантираше дека не знаел, бидејќи уште пред неколку месеци се обратил за помош од Обединетите Нации, Европската Унија и НАТО, предупредувајќи за она што ќе се случи. Притоа, уште еднаш се потруди да ги натовари соседите за состојбите во Македонија, како и НАТО и Европската Унија што не ја примаат Македонија во своите редови. Повикот на опозицијата за дијалог беше ист како на оној на Груевски. Постапи вмровски - дека во Македонија се е во ред, но има опозиција која се руши“, оцени Демири.

Иако претседателот Иванов во обраќањето најави дека заклучоците на Советот за безбедност брзо ќе и бидат достапни ја јавноста, до утрово нема никакви информации за нивната содржина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми