1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимистички пораки од Елисејската палата

ДТЗ
11 јуни 2021

Пораките испратени од Париз на синоќешната средба меѓу францускиот претседател, Емануел Макрон и премиерот Зоран Заев, наидоа на позитивни реакции во земјата.

Frankreich Premierminister Nordmazedoniens Zoran Zaev trifft Präsident Emmanuel Macron
Фотографија: Government of North Macedonia

Пораките од Елисејската палата ги вратија надежите за европската иднина на Северна Македонија. Аналитичарите се децидни – дека Франција ги валоризираше реформите коишто ги направи С. Македонија на патот кон ЕУ, дека е време да се конкретизира одлуката на ЕУ за започнување преговорите со земјата, а особено значење е помошта којашто ја нуди Макрон за постигнување балансиран компромис со Бугарија. „Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување. Јас сум лично вклучен да се најде решение со Бугарија“, силната порака испратена од Париз на синоќешната средба меѓу францускиот претседател, Емануел Макрон и премиерот Зоран Заев, којашто наиде на позитивни реакции во земјата.

„Пред да ги анализираме пораките кои претседателот Макрон ги упати вчера пред Елисејската палата на почетокот на посетата на премиерот Заев, веројатно најважниот аспект на посетата е дека станува збор за прва посета на Париз, на највисоко ниво (премиер или претседател) по 2009 година“, вели за ДВ Андреја Стојковски, извршен директор на ПРЕСПА Институт.

-повеќе на темата: Макрон подготвен да помогне за балансиран компромис со Бугарија

Според него, има повеќе важни пораки кои претседателот Макрон ги упати во своето обраќање при пречекот на премиерот Заев. „Најнапред, претседателот Макрон го издвои Преспанскиот договор и укажа на неговото историско значење за стабилизирање и смирување на регионот. За договорот, Макрон јасно ја лоцираше заслугата во храброста и визионерството на премиерите Заев и Ципрас, а го посочи и како добар модел за надминување на другите билатерални спорови на Балканот, мислејќи првенствено на дијалогот Белград-Приштина. Со ова, претседателот Макрон се стави на линијата на САД и новата Извршна наредба на претседателот Бајден. Оттаму, не треба да не изненади ако во иднина реакциите на ЕУ и државите членки против оние кои работат на поткопувањето или пак на спречувањето на имплементацијата на Преспанскиот договор да бидат исти или усогласени со оние на САД“, анализира Стојковски.

Макрон јасно ја лоцираше заслугата во храброста и визионерството на премиерите Заев и Ципрас, а го посочи и како добар модел за надминување на другите билатерални спорови на Балканот.Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Според нашиот соговорник, Макрон го појасни и пристапот на Франција кон политиката за проширување и притоа покажа одредена грижа на совест за претходното блокирање на државава од октомври 2019. Сепак, тој посочи дека процесот подразбира посветена работа на реформскиот процес дома, кај нас, што според новата методологија и политичкото водење на преговорите може да придонесе за побрзо пристапување. „Во таа смисла, посветеноста на реформскиот процес кој државава го покажала, придонесот на Преспанскиот договор и новата методологија за Франција се доволна причина да инсистира на одржувањето на првата меѓувладина конференција веднаш. Ова може да се толкува како дополнителен притисок врз Бугарија, но да се потсетиме нашиот сосед беше осамен во блокадата и на крајот на минатата година“, вели Стојковски.

Конечно, според него, претседателот Макрон укажа на веројатно најважниот, за Франција, аспект на развојот на билатералните односи, но и односите со државите од регионот - суштинската вклученост во реформскиот процес и поблиската соработка преку отворањето на локална канцеларија на Агенцијата за развој на Република Франција во Северна Македонија.

САД и Европа се обединети

Во октомври 2019 година, Макрон одби да даде „зелено светло“ за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. По ветото изјави дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите во соседството на Унијата.

Оваа криза со Бугарија ја освести француската дипломатија дека можеби Макрон згрешил кога го наметна прашањето за предимство, вели Нано Ружин.Фотографија: MIA

Нано Ружин, универзитетски професор и долгогодишен дипломат, во изјава за Фактор наведува неколку тези како се случи Макрон да најавува поддршка за земјава во ЕУ, но и помош за решавање на проблемот со Бугарија. На прво место е што во изминатиов период откако се случи блокадата на земјава од Софија, Република Северна Македонија покажа голема конструктивност во реформите.  „Практично, оваа криза со Бугарија ја освести француската дипломатија дека можеби Макрон згрешил кога го наметна прашањето за предимство, односно за примат на реформите во самата ЕУ во однос на проширувањето со државите од Западен Балкан, иако тој е всушност голем европеист. Но, тогаш Макрон потклекна под приматот на француските евроскептици и националисти предводени од Мари Ле Пен, бидејќи претходно имаше став дека ЕУ треба да се проширува“, објаснува Ружин. Втората работа за која тој смета дека придонесе за оваа промена е фактот што македонската дипломатија за целиот повој период, особено додека трае спорот со Бугарија, се однесуваше целосно рационално. Според професорот, има и една трета димензија, која е многу важна, а тоа е дека САД и Европа изгледа дека овој пат се многу обединети, особено со доаѓањето на Џо Бајден, и сакаат конечно да ги надминат сите критични точки на Западен Балкан кои се исполнети со корупција, криминал, популизам и лажни вести.

-повеќе на темата: Германија и Франција „цврсто посветени“ на европската перспектива на Западниот Балкан

„Посетата на нашиот премиер Заев на Франција но и она што го кажа Макрон е компатибилно со одлуката на Бајден со Декретот кој го објави, со кои им се обрати на сите поединци кои со својата политика се спротивставуваат на европските вредности и патиштата на балканските лидери кои се европски ориентирани“, објаснува Ружин.

Притисок врз Бугарија

Експертот за Балканот од универзитетот „Џон Хопкинс” во Вашинтгон, Даниел Сервер смета дека се очекува Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да изврши зголемен притисок врз Бугарија за откочување на евроинтегративниот процес на земјата. Сервер вчера во изјава за МИА оцени дека се очекува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да изврши зголемен притисок врз Бугарија за откочување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, додавајќи дека смета оти претпристапните преговори меѓу Скопје и Брисел за членство на нашата земја во ЕУ треба да се отворат во јуни.

Тој очекува американската администрација да изврши притисок врз Бугарија за изнаоѓање брзо решение во однос на „апсурдните барања до Северна Македонија” поврзани со јазикот и историјата, што, според него, е причина за фрустрација во многу европски центри и во Вашингтон. „Администрацијата ќе изврши голем притисок што ќе ја оптоварува Бугарија. Иако, не сум убеден дека некој во Софија го слуша тоа“, изјави Сервер.

САД и Европа овој пат се многу обединети, особено со доаѓањето на Џо Бајден, и сакаат конечно да ги надминат сите критични точки на Западен Балкан.Фотографија: Government of North Macedonia

Амбасадорот на Словенија во ЕУ, Изток Јарц, за МИА изјави дека проширувањето и пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија се од голема важност за словенечкото претседателство со ЕУ, кое започнува на 1 јули. Тој истакна дека Словенија за време на своето претседавање со ЕУ ќе продолжи да работи на процесот на проширување во ЕУ согласно новата методологија за преговори и се надева дека тоа ќе помогне да се засили ЕУ перспективата за земјите од Западен Балкан. Јарц додаде дека е можно идната недела веќе да се разговара за односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија на амбасадорско ниво, во пресрет на Советот за општи работи на 22 јуни на кој треба да се донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија.

Историска посета

Претседателот на Франција, Емануел Макрон во својата изјава пред Елисејската палата вчера го истакна напредокот на Северна Македонија кој го нарече дека е исклучителен.„Европската Унија донесе одлука уште во март минатата година да ги отпочне преговорите со вашата земја и сега е време таа одлука да се конкретизира и Франција активно го поддржува тоа. Северна Македонија заслужува да ги отпочне преговорите без одложување. Јас сум лично вклучен да се најде решение со Бугарија“, рече претседателот Макрон во изјава пред работната вечера.

„За нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, со јасно поставени стандарди и без да се губи време. Пред нас е Самитот на Европскиот Совет во јуни, што е вистинска можност за чекор напред и за решение кое ќе ја оттргне блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решенија, а најважното просперитетно решение пред нас е решението за почеток на преговорите кој ќе биде одобрен од сите земји членки на ЕУ“, рече Заев, кој ја оцени работната посета на Париз како историска.

Тој потенцираше дека предложените решенија на португалското претседателство се добра основа и дека земјата е подготвена за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и взаемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, потенцирајќи дека прашањата за македонскиот јазик и идентитет не може да бидат на преговарачката маса.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми