1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба без многу содржина, но со голема симболика

20 јули 2010

Денеска (20.07) во Кабул се одржува уште една меѓународна конференција за Авганистан, на која ќе се зборува за напредокот и неуспесите, како и за повторната изградба во Авганистан.

Канцеларката Меркел со војници на Бундесверот во АвганистанФотографија: AP

Во првата половина од годината политиката за Авганистан беше најпроблематичната надворешнополитичка тема за сојузната влада. Безбедносната состојба постојано се влошуваше, загинаа седум германски војници, сега и официјално се спомнува „војна“. Сојузната канцеларка Ангела Меркел, во нејзиниот последен владин извештај за Авганистан, нагласи дека ништо не потценува: „Сосема го разбирам тоа што повеќето војници, она што го доживуваат во Авганистан, го нарекуваат граѓанска војна, или само војна. Оној кој секој ден мора да стравува дека ќе падне во заседа или ќе биде погоден во престрелка, тој не размислува за правните поими.“

Погрешни проценки за Талибанците

Талибанците не може да се победат по воен патФотографија: AP

Германската политика со години во јавноста прикажуваше успешна заложба за стабилизација. По Лондонската конференција за Авганистан во јануари, на која уште еднаш беа наведени недостатоците, проценката на Меркел беше поскромна од дотогашните. Под впечаток од смртта на седумте германски војници во април, таа изјави: „Малку повеќе од осум години по почетокот на мисијата мора да заклучиме, го велам ова сосема самокритички и без префрлување вина на некој друг: имаше одреден напредок, но имаше премногу неуспеси, а нашите цели беа делумно нереално амбициозни, или дури и погрешни.“

Погрешна беше претставата дека Талибанците може да се победат по воен пат. Претставникот за надворешна политика од СПД, Гернот Ерлер потсетува - во јуни имало 102 мртви од редовите на НАТО-трупите, што е најголема загуба за еден месец од почетокот на мисијата: „Справувањето со бунтовниците според нов модел започна со операцијата „Муштарак“ во февруари, и резултираше со окупацијата на местото Марџа. Потоа требаше да следи голема офанзива за повторно окупирање на Кандахар. Тоа беше одложено на неодредено време.“

Германската влада не наведува датум за повлекување

Министерот за надворешни работи Гидо ВестервелеФотографија: picture alliance / dpa

Гидо Вестервеле од конференцијата во Кабул меѓу другото очекува конкретни предлози, како авганистанската влада да ја намали корупцијата и да ја подобри делотворноста на владата: „Особено внимание притоа ќе обрнеме на владината политика во провинциите, регионите и селата. Тука авганистанскиот граѓанин наидува на својата држава. Тука тој го оформува своето мислење за неговата влада и нејзината легитимност. Но, моментално таму има поголеми недостатоци отколку во главниот град Кабул. Тука мора да се стори повеќе. Тоа е предуслов на авганистанската влада да може да и‘ се препушти поголема одговорност.“

Се‘ уште е неизвесно кога таа самата ќе биде подготвена да ја преземе одговорноста за сопствената земја. За разлика од другите земји, сојузната германска влада не наведува датум за повлекување на 4.500 војници на Бундесверот, туку само најави почеток на повлекувањето наредната година.

Автор: Нина Веркхојзер / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми