Германската канцеларка Меркел денеска оди на разговори со рускиот претседател Путин во Москва. Средбата е од големо значење со оглед на состојбата на Блискиот Исток.
Реклама
Посетата на германската канцеларка се реализира во драматичен момент. Само во текот на оваа недела САД и Иран се напаѓаа меѓусебно на ирачка територија, Иран го напушти Атомскиот договор, а Турција испрати војници во Либија - доволна причина за рускиот претседател Владимир Путин да ја покани во Кремљ германската канцеларка Ангела Меркел. Најгоре на списокот со теми - конфликтот помеѓу Иран и САД, но ќе се разговара и за состојбите во и околу Либија, Сирија и Украина.
Иако Германија и Русија традиционало имаат блиски трговски односи и Меркел е шеф на западна влада кој често бил на гости во Москва, руските постапки во кризата со Украина и пред се’ анексијата на Крим тешко ги оптоварија односите на двете земји. Политикологот Александер Баунов од московскиот центар Карнеги, сепак верува дека Украина веќе „не е толку токсична“ за руско-германските односи како што беше некогаш. Знак на политичко одмрзнување беше последниот напредок во решавањето на украинскиот конфликт во мандат на новиот украински претседател Володимир Зеленски.
Обединети поради Трамп
Украинската криза можеби ги оддалечи Меркел и Путин, но „едностраните и непресметливи акции на САД“ ги зближија, оценува Баунов за ДВ. Притоа, московскиот политиколог ги наведува американските санкции против гасоводот Северен тек 2 и контроверзната одлука на американскиот претседател Трамп за убиство на иранскиот генерал Касем Сулејмани.
Руското Министерство за надворешни работи убиството го оцени како „безобѕирно“, а портпаролот на германското МНР, Рајнер Бројл изјави: „Во моментов немаме информации кои би ни овозможиле да сфатиме какво е - според меѓународното право - образложението на САД за нападот.“ Ваквата формулација значеше јасно дистанцирање.
Руските набљудувачи укажуваат дека по убиството на иранскиот генерал, Меркел и Путин имаат заедничка цел за спречување на натамошна ескалација. Рускиот експерт за Блиски и Среден Исток, Андреј Онтиков, оценува: „Русија сака да спречи натамошни, уште покрвави последици на Средниот Исток.“ Онтиков е уверен дека Германија и други европски држави би можеле да придонесат за деескалација, па оттука „Русија, се разбира, би морала својата политика да ја усогласува со другите, па и со Европа“.
Путин би можел да се обиде својата средба со Меркел да ја претстави како показател за обединет фронт со Германија и Русија како посредници, а во Берлин се размислува како да се искористи влијанието на Путин на Блискиот и Средниот Исток. Руското влијание во регионот е зголемено од 2015 година, кога Русија директно се вмеша во војната. Заедно со Иран руската армија му даде поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Тој се смета за гаранција на натамошно руско влијание во регионот. Во политиката за Сирија, Путин тесно соработуваше и со турскиот претседател Ердоган.
Политичарот на Зелените, Омид Нурипур, за ДВ изјави: „Путин се однесува како да има влијание. Тогаш, се надевам дека Сојузната канцеларка ќе го натера да ги увери Иранците да не преземаат никакви мерки на одмазда.“
Кремљ постојано се обидува да ги привлече на своја страна Германија и остатокот од ЕУ, додека во истовреме ги претставува САД како недоверлив партнер, особено откако Трамп минатата година крена раце од Атомскиот договор со Иран. И Германија и Русија оттогаш се обидуваат да го спасат договорот, дури и откако Иран во неделата соопшти дека го напушта.
Политичари кои станале пријатели
Можат ли светските врвни политичари да бидат пријатели? Одговорот гласи: и да и не. На Денот на пријателството ви ги прикажуваме политичките пријателства и оние кои само наликуваат на тоа.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Забава над облаците
Германскиот канцелар Хелмут Кол и американскиот претседател Бил Клинтон во 1998 година се шегуваат во американскиот претседателски авион Air Force One кој лета кон Франкфурт. Дали ќе имаше толкава срдечност доколку лево седеше актуелниот американски претседател Трамп, а десно актуелната германска канцеларка Меркел? Веројатно не. Хелмут Кол и Бил Клинтон важеа за вистински пријатели.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Naltchayan
Збогување од еден пријател
Вистинското пријателство често се препознава дури во клучни моменти. Дека Клинтон и Кол беа поврзани со вакви пријателство можеше да се види на комеморацијата по смртта на поранешниот германски канцелар, во 2017 година. Бил Клинтон не само што присуствуваше, туку изгледаше вистински трогнат - повеќе од актуелната канцеларка Меркел, која го теши.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Murat
Фатени за рака
Целата галерија би можела да се состои од фотографии на Кол и неговите пријатели, зашто поранешниот канцелар имаше близок однос со голем број светски државници. Делот за Кол го завршуваме со можеби најпознатата фотографија која сведочи за едно машко пријателство: Кол и францускиот претседател Франсоа Митеран во 1984. во Вердан фатени за рака им оддаваат почест на загинатите во двете светски војни.
Фотографија: ullstein bild/Sven Simon
Сличен вкус за облекување
И наследникот на Кол, Герхард Шредер, негуваше и негува пријателства со моќниците во светот. Но, Шредер повеќе тендира кон Исток. Него го врзува блиско пријателство со рускиот претседател Владимир Путин и до некаде сличен вкус за облекување. На фотографијата двајцата во 2014 година срдечно разговараат во летната резиденција на Путин на Црното Море.
На средбата се разговараше за европска политика, како приближувањето на Русија кон ЕУ. Она што го прикажува фотографијата е навистина близок однос на двајцата државници при прошетката крај брегот. Двајца луѓе, куче, плажа, залез на сонце - слики кои вообичаено се доказ за некој семеен одмор. Во 2004 година Шредер го нарече Путин „чист демократ“, за што е критикуван до денес.
Фотографија: Jürgen Gebhardt/BPA/dpa/picture-alliance
Не бакневче, туку вистински бакнеж
Иако можеби изгледа како нешто повеќе, и во овој случај станува збор за пријателство. На одбележувањето на 30-годишнината од постоењето на ГДР, на 5 октомври 1979 година, првиот човек на ГДР и генерален секретар на Централниот комитет на СЕД, Ерих Хонекер и советскиот претседател и шеф на КПР, Леонид Брежњев, фотографите го забележаа т.н. братски бакнеж на двајцата државници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Spiegl/S.Simon
Пријателство меѓу нации
Дваесет години претходно почна едно неочекувано пријателство. Првиот германски канцелар Конрад Аденауер (д.) и францускиот претседател Шарл де Гол првпат се сретнаа во 1958 година. Двајцата брзо изградија срдечно пријателство, што беше изненадување. На фотографијата двајцата државници се во Бон, во 1962 година, а во позадина се луѓе кои демонстрираат за обединета Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хорст Зехофер и...?
Кого го има прегрнато во 2016 година тогашниот баварски премиер Хорст Зехофер? Тоа е унгарскиот премиер Виктор Орбан. Двајцата се толку цврсто прегрнати, што меѓу нив „не може да се стави ниту лист хартија“. Веројатно затоа Зехофер листовите ги држи в рака. Дистанцата кон Ангела Меркел е поголема - кај двајцата. Но, дали Зехофер и Орбан се вистински пријатели? Веројатно не.
Американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се разбираат прилично добро. Придонес за тоа има Трамповиот зет Џеред Кушнер, врз кого Трамп радо се потпира кога станува збор за политиката на Блискиот Исток. Според Њујорк тајмс, таткото на Кушнер и Нетанјаху се пријатели. Кога Нетанјаху доаѓал во посета, спиел во собата на Кушнер, а тој морал да се сели во подрумот
Фотографија: Reuters/R. Zvulun
Од максимална ескалација до светски мир
„Малиот ракетен човек“ и „сенилниот со побелена коса“ наголемо се фалеа меѓусебно по средбата на 12 јуни годинава. Ким Јонг Ун и Доналд Трамп претходно беа во вербална војна, а по меѓусебната средба делуваа вчудовидувачки хармонично. Она што ги поврзува е - непредвидливоста. Оттука, некакво пдооцнежно пријателство меѓу двајцата не би требало барем да се смета за незамисливо.