1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќна старо-нова политичка варијанта

31 декември 2021

Македонската политика наликува на кула од карти која не нуди никаква смисла, ниту пак сигурност, со исклучок можеби на негативната стабилност на ДУИ. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Крајот на годината и почетокот на новата секогаш е време за некаков биланс и за помалку или повеќе фантастични предвидувања околу тоа што нѐ очекува. Во нашиот случај да се предвиди нешто околу 2022 година на многу теми е еднакво рационално како да си мислиме дека можеме рационално да се обложиме на рулет.

Актуелната ситуација и досегашната состојба едноставно не нудат разбистрена слика за иднината, барем не во поглед на оптимизмот.

Новата 2022 година за нас ги носи истите проблеми (или предизвици, ако сакате пооптимистички) како и минатата. Од август - септември 2021, Македонија речиси и да нема функционална  влада.  Министрите прво беа во предизборен погон за локалните избори со своите кандидати за градоначалници, потоа се обединуваа, а сега, сега повторно се обединуваат.

И целата јавност ја тормозат со прашања кои не знам веќе дали се интересни и за нивните членови или поддржувачи. Од месец октомври владејачката СДСМ е фокусирана исклучиво на случувањата во својата партија. Не се обединија на пример за одговорност на Венко Филипче, за несреќата на 8 септември и пожарот во тетовската модуларна болница, каде што загинаа 14 луѓе. Не се обединија и не презедоа одговорност ниту за трагедијата, каде што во автобуска несреќа во Бугарија загинаа 45 наши државјани. Се обединија за својот изборен пораз, за поразот во Скопје, во најголемиот дел скопски општини и други градови. И срамно е кога посериозен пристап (или барем повеќе време) се посветува кон изгубените избори (читај тендери, градби и вработувања) отколку кон изгубените животи.

Други колумни од авторот: Пучот на Трамп и судбината на демократијата

Ординарен хаос за македонската политика, каде во отсуство на лидери, Претседателот мора да изигрува вистински шеф на државата, каде опозицијата повикува самити на сојузи кои не постојат, каде оној што треба да владее заедно со разно-разни партии потоа ги третира за непријатели, каде секој што седи со власта, се обидува да изигрува опозиција, додека делови од опозицијата шуруваат со власта за своите тесни интереси и амбиции. Македонската политика наликува на кула од карти која не нуди никаква смисла, ниту пак сигурност, со исклучок можеби на негативната стабилност на ДУИ. Степенот на хипокризија е толку висок што сме навистина блиску до една перманентна состојба на колективна шизофренија.

Транзициска 2022

Од тој аспект 2022 се навестува како некаква си година на политичка транзиција. Поголема сигурност можеме да изразиме дури и за 2023 година, кога за очекување е дека контрадикциите ќе пукнат како балон, па дали преку избори (ако не се случат во 2022) или некоја друга партиско-политичка перипетија ќе добиеме некаква постабилна и нешто порежимска власт од актуелната политичка промаја. Таа трагедија која допрва следува не е продукт на касандрите полни песимизам, туку е плод на константните предупредувања кои ни доаѓаат од странските политичко-општествени сондажи и постојаните изборни пораки од народот кои остануваат нечуени и неадресирани. Народот сѐ повеќе сака и бара силни лидери, народот верува во секакви глупости и завери, младите сведочат за силен песимизам за иднината, чувство на несигурност, осиромашување и губење доверба во демократијата.

Се разбира, пред оваа очигледност ќе се опираат легиите и ордите на ботови кои ги бацуваат папучите на старо-новите политички газди, вперувајќи го прстот и залудно барајќи одговорност во она малкуте слободоумни и некорумпирани граѓани, кои останале и ја задржале луцидноста во овој антисистем на владеење и недостаток на правда да ги именуваат нештата со нивното вистинско име, да го наречат режимот-режим, макар бил и по мерка на нашиот естаблишмент oblige.

Оваа сигурност дека по една владејачка катастрофа базирана на тотална незаинтересираност и неспособност ќе следува уште поголема трагедија произлегува од фактот кој нѐ следеше и во изминатата година и во последните 30 години: Македонија е земја без владеење на правото, без одговорност, заробена во криминал, корупција и клиентелизам, жртва на партиски дилови и интереси, трајно бесперспективна и со политички организирана реалност која не познава вистинска левичарска и слободоумна опција. Или со други зборови, комплетно е убиена секоја идеја за борба и за подобрување на нееднаквоста, била таа економска, социјална, општествена или културна.

Нов владин состав, стари навики

Но, да се вратиме на блиската иднина. 2022 година ќе ја започнеме со нова Влада, со нов владин состав, но многу веројатно и стари навики. Тоа што деновиве го слушаме од  новото раководство на СДСМ  е предвесник на она што ќе се случува и во  Владата.  Ќе се занимаваат само со себе и ќе гледаат колку што можат да пролонгираат предвремени парламентарни избори (за кои е извесно дека ќе се одржат наесен). Деновиве слушаме дека новиот претседател  Ковачевски веќе побарал поддршка за да ја предводи партијата и после изборниот пораз, со аргумент дека немал доволно време за консолидација.

Океј, значи и од октомври-ноември 2022 постои можност пак да се обединуваат. Веќе е познато дека новиот владин состав се крои директно под диктат на Заев. Ковачевски е тука само да нѐ обедини, да ни каже дека е голем технократ, дека знае да менаџира и дека сакал видливи резултати со зацртани рокови. Ви звучи познато? Но, еве, здраво е да му оставиме и некаков личен „benefit of the doubt“, иако премногу луѓе од неговото опкружување не го заслужуваат отсуството на сомнеж.

Други колумни од авторот:  Додека постои Русија ќе постои и СССР

Од другата страна, пак, ништо ново. Воодушевени од грујовата матрица за мешање на партијата со државните институции, Мицкоски продолжува да сече ленти по општините каде што доби градоначалници. Неспорно е дека  опозицијата  е зајакната, но далеку е од тоа да биде вистинска алтернатива, која ќе биде препознатлива за поширокото граѓанство. И за да успеат во тоа не им требаа нови доктрини и националистички наративи, туку реално согледување на нештата и околностите. Зарем толку е тоа тешко? Но, зошто некој навистина би се бавел со суштината кога гледаме колку лажењето, мимикријата, викањето по социјални мрежи е поисплатлива политичка варијанта. Левица го покажува начинот и за поголемите партии, дека не ти требаат база и ограноци, туку постојано пласирање на глупости, 5000 лајка, пари од буџетот или од друга партија и ете како се гради наводно некаква трета опција во подем.

Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Уморни од бесперспективноста

Оттука, во 2022 многу веројатно е дека истото ни се пишува, само со некои старо-нови ликови, како една нова варијанта на вирусот кој со децении нѐ разјадува. Факт е дека сите ние, како јавност, граѓани, повеќе немаме сила да ги слушаме истите наративи, економски и реформски флоскули, празни ветувања и пропуштени датуми.

Уморни сме од бесперспективноста. Жално е што ги разочаравме младите. Оние млади луѓе кои пред 7-8 години беа некоја надеж дека нешто можат да променат. Е па, ги заразивме и нив. Дел трајно се изолираа или избегаа по светот, а тие што останаа тука, се уморија да бидат лажени, етикетирани, омаловажувани.

Чекајќи го Годо"

Ах, ќе заборавев на датумот... и тој е тука и во 2022. „Чекајќи го Годо“, само Годо не доаѓа, отишол на пазар во Софија и таму заглавил. Секако, и новиот мандатар е оптимист, но за жал повторно државниот врв делува раштимано. Со исклучок на претседателот Пендаровски, кој барем искрено кажа пред Собранието дека брзо и по секоја цена решение на спорот со Бугарија, не смее да биде наша единствена и приоритетна цел.

Но, тоа не го мислат ни министерот за надворешни работи Османи, како ни новиот мандатар Ковачевски. И од ваква позиција, кога челните луѓе немаат единствен став и пристап, прилично е несериозно да се влегува во еден преговарачки процес, особено кога другата страна го држи ножот за дршката.

Политиката, болната македонска политика, раскажува и си раскажува еден свет кој никаде не постои, освен во нивните глави. Неверојатно е дека македонската политичка класа која е биолошки или морален наследник на транзицијата, израсната низ непрепознавање на противникот, искалена преку идентитетот на контрапозиција, робинка на консензусот и политичкиот дил, посветена на демагогијата која е непријател на егзактноста, може да научи да гледа подалеку и да ги прифати одговорностите кои ѝ следуваат, а кои времето ги бара.

Оној којшто бега од реалноста – не може да претендира да владее со реалноста.

Останете во добро здравје и Среќна Нова 2022.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми