Среќни во изолација: Каде во светот нема коронавирус
БГ /АФП
31 март 2020
Тропскиот остров Палау се чини е перфектна локација да се избегне пандемијата на коронавирусот. Доколку тоа ви се чини предалеку, алтернативи се Туркменистан и Северна Кореја, каде властите едноставно забранија Ковид-19!
Реклама
Микродржавата Палау со 18 илјади жители е меѓу малкуте преостанати места на Земјата каде не е пријавен ниту еден случај болеста Ковид-19, додека бројот на заразени расте насекаде. Во оваа група спаѓаат уште и Самоа, Туркменистан, Северна Кореја и неколку бази на замрзнатиот континент Антарктик.
Точка во океанот на стотици километри од најблиските соседи, Палау е опкружен со огромниот Тихи океан, кој е некој вид заштита од вирусот.
Покрај стриктните ограничувања на патувањата, тоа засега ја задржува заразата за бројни нации како Тонга, Соломонските острови, Маршаловите острови и Микронезија.
Но ни оддалеченоста не е гаранција за запирање на незадржливиот марш на новата болест. Островите Северна Маријана викендов ги пријавија првите случаи, а по нив и првиот смртен случај.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
8 фотографии1 | 8
Единствениот континент без коронавирус
Кламиокл Тулоп, 28-годишна уметничка и самохрана мајка, се надева дека Палау ќе ја избегне судбината на Вухан, Мадрид или Њујорк- каде и далеку подобри здравствени системи беа прегазени од вирусот. Но таа го опишува засиленото чувство на страв дека вирусот доаѓа или дека веќе пристигнал неоткриен.
„Можете да почувствувате како растат тензијата и стравот и при купувањето. Продавниците се преполни дури и во недели кога не се исплаќаат плати“, вели таа.
Во австралиските бази на Антарктикот, околу 90 луѓе се единствените жители на единствениот континент без коронавирус. Во бескрајната тундра во која престојуваат нема потреба ниту од социјално дистанцирање.
„Тие се веројатно единствените Австралијанци кои можат да вечераат заедно, да отидат во бар или во вежбална“, вели менаџерот на антарктичките операции Роб Клифтон. Овие бази ќе останат изолирани до ноември, па истражувачите се безбедни, но Клифтон признава дека нивната најголема грижа се нивните најблиски кои останале во домовите.
Ако „нема“, не значи и дека нема
Во некои земји, тоа што нема пријавени случаи не значи дека такви навистина и не постојат.
Северна Кореја веќе ги прогласи своите вонредни мерки за неверојатен успех во битката против Ковид-19, и покрај тоа што епидемијата беснее во соседните Кина и Јужна Кореја. Но државните медиуми веќе објавија манипулирани фотографии од обични граѓани со заштитни маски, па скептиците сметаат дека комунистичката влада веројатно не ја кажува целата вистина.
И Туркменистан на оригинален начин „се бори“ против пандемијата. Во оваа авторитарна централно-азиска држава деновиве беше забрането споменувањето на коронавирусот.
„Медиумите под контрола на државата повеќе не смеат да го користат зборот“, соопштија Репортери без граници. Дополнително, властите им се закануваат на граѓаните кои јавно зборуваат за коронавирусот со апсење.