1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српската амбасада во Скопје почнува со работа утре

ЕМФ /агенции
24 август 2017

Првите членови на персоналот во српската амбасада во Скопје се веќе пристигнати, а останатите се очекуваат во текот на денов. Во меѓувреме, нови моменти во случајот со српскиот разузнавач во Собранието.

Mazedonien Serbische Botschaft in Skopje
Амбасадата на Србија во Скопје утре почнува повторно да работи Фотографија: Google 2017

Амбасадата на Србија во Скопје ќе почне да работи утре, јави агенцијата Бета, повикувајќи се на информации од амбасадата. Србија го повлече персоналот од амбасадата на консултации во неделата вечерта. Српскиот претседател Александар Вучиќ објасни дека тоа е направено затоа што надлежните органи имале докази за „многу офанзивно разузнавачко дејствување“ против органите и институциите на Србија. Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, веднаш потоа потенцираше дека македонската влада не вршела, не дала наредба, ниту пак планирала разузнавачки активности против или на штета на некоја од соседните земји, вклучувајќи ја и Србија.

Вучиќ во интервју за РТС пред два дена зборуваше и за присуството на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ за време на насилствата во македонското Собрание на 27 април и рече дека Живаљевиќ „не отишол во Собранието сам од себе“ и дека не ги прашал ниту него, ниту кого било друг во Србија:

„Тој ги прашал највисоките претставници на извршната власт во Македонија, највисокото раководство и рекол дека сака да биде таму. И тие беа запознати со неговото присуство таму“, рече Вучиќ.

ВМРО-ДПМНЕ по интервјуто на Вучиќ соопшти дека по извршените проверки утврдила дека „ниту МНР, ниту Владата, ниту Парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле барање, ниту издале согласност и одобрение“. Веднаш со појаснување за Танјуг се јави самиот Живаљевиќ, кој тврди дека „за престојот во Собранието добил одобрение од советникот за безбедност на претседателот на Македонија, Синиша Алексовски". Тој уште оценува дека „во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ намерно се прескокнува инстанцата претседател на Република Македонија".

Со чија дозвола српскиот разузнавач бил присутен во македонското Собрание за време на насилствата на 27 април?Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Од кабинетот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов велат дека посочениот советник на претседателот Иванов не е овластено лице за пријавување движење и престој на странски претставници и тој во конкретниот случај постапил во согласност со безбедносните протоколи за што изготвил и архивирал извештаи проследени до надлежните претпоставени. „Фактите говорат дека критичниот ден пред да влезе во Собранието на Република Македонија амбасадорот на Република Србија, односно дипломатот, не побарал писмена или усна дозвола од овластено лице и надлежен државен орган, туку кога го завршил дејството, известил за своите активности, со што не може да ја намали одговорноста за неовластен престој во Собранието на Република Македонија", се наведува во соопштението.

Во интервју за агенцијата МИА денеска советникот за национална безбедност на претседателот Иванов, Синиша Алексовски, изјави дека тој не е овластено лице кое дава одобрение за престој во Собранието на РМ, ниту пак на кој било друг орган на државната управа. Околу тврдењата на Живаљевиќ, Алексовски вели: „Сметам дека тоа го направил за преку мене да обезбеди алиби и да го оправда неовластеното и непрофесионално однесување, спротивно на законите во Република Македонија.“

Српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев, инаку, вчера во долг телефонски разговор постигнале согласност „сите можни несогласувања да ги решаваат со дијалог, без оглед на разликите во политичките и регионалните прашања и заеднички ќе се борат не само за зачувување, туку и за унапредување на пријателските односи меѓу српскиот и македонскиот народ и граѓаните на Србија и Македонија“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми