1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српската армија - стабилен работодавач

Владимир Миниќ / Александар Методијев8 март 2014

Трипати повеќе кандидати од потребното – толку лица ноедамна се пријавија за доброволно служење на воениот рок на последниот конкурс на српската армија. Мотивот, освен љубов кон татковината и униформата, е и економски.

Фотографија: DW/V. Minic

Дојче веле ја посети касарната во Топчидер. Таму, според договорот, не чекаат двајца млади разводници. Жељко Никитовиќ има 23 години и е од Прибој. Како доброволец служел воен рок во Ваљево, а потоа станал професионалец-гардист во касарната на Дедиње.

„Како мал ја сакав униформата. Да се биде професионален војник е чесна работа. Освен тоа, постои и можност за вработување на неопределен рок“, раскажува Жељко.

Освен патриотизмот, најчестите мотиви на кандидатите за доброволно служење на воениот рок се приемот во професионалната служба и можноста за вработување во полиција, велат за Дојче веле од Министерството за одбрана и наведуваат дека преку 90 проценти од доброволците се заинтересирани за професионална служба.

Доброволно го служел воениот рок и Слободан Муришан. Овој 26-годишен човек сега е вработен во Четата за почест на командниот баталјон во касарната Топчидер.

„На работа доаѓаме во 6:30 часот. Се подготвуваме за смотра со вооружување. Потоа следува утринското информирање за дневните задачи, физички активности, обука за постројување или обука со вооружувањето“, раскажува младиот разводник. „Работното време е до три, но кога оддаваме почест тоа може да трае и подолго, а тоа дополнително ни се плаќа“.

Плата под просекот

Доброволното служење на воениот рок со оружје во српската армија би требало да трае шест месеци, но поради донесени наредби на претседателот од 2011-та до 2013-та година тој рок е скратен на три месеци.

На последниот конкурс за доброволци се пријавија повеќе од 3.000 кандидати, а во српската војска се примени 1.124 регрути, информира Министерството за одбрана во Белград. Најголемо интересирање за воената служба има на југот на Србија, којшто е и најмногу погоден од кризата. Според некои податоци, невработеноста во некои места надминува 50 проценти. Платата на доброволците изнесува 17.000 динари, а професионалниот војник добива речиси двојно повеќе, но и тоа е под просечната заработувачка во Србија.

Александар Радиќ смета дека сега, споредено со кога било претходно, е најтешко да се најдат квалитетни кадри за во српската војскаФотографија: Aleksandar Radić

„Кога живеете во време на криза, секоја плата која ја добивате наврмено значи многу“, вели за Дојче веле воениот аналитичар Александар Радиќ. Војската, додава тој, се труди редовно да ги исплати платите, но тие се премногу ниски за да бидат мотив за прием на квалитетни кадри.

„Од една страна сега можете повеќе да сметате на луѓето од малите средини, кои немаат голем социјален избор, но во исто време во војската никогаш не било потешко да се одберат најквалитетните луѓе според нивните психофизички способности“, смета Радиќ. „Тоа во иднина најмногу ќе се почувствува кај одредени специјалности, должности, за кои е потребно подолготрајно школување, на пример кај пилотите и техничкиот кадар, кои во цивилниот живот имаат подобри алтернативи“, додава аналитичарот Радиќ.

Српската војска оваа година од државниот буџет ќе добие 60 милијарди динари, што е најмалку во однос на вооружените сили во остатокот од Европа. Според Радиќ, најголем дел од тие пари се трошат на плати и други примања.

Надеж во постојан договор

Разводниците Слободан и Жељко живеат во Белград како кираџии. Признаваат дека не е лесно. Најтешко им паѓа одделеноста од семејството, но својата иднина тие ја гледаат во војската.

„Договорот ми истекува во 2016-та година. По две години стаж во професионалната војска ми се отвора можност да одам на лидерски курс, а потоа и на основен курс за подофицери. Потоа ќе имам можност за вработување и на неопределено време“, вели Слободан Миришан.

Неговиот колега Жељко Никитовиќ би сакал да се обиде и во некои мировни мисии. „Ако ми се укаже таква прилика, со задоволство би прифатил. Ќе ми биде чест да ја претставувам својата земја“, вели Никитовиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми