1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српската опозиција ги има загубено и часовникот и календарот

Ивица Петровиќ / Жана Ацеска1 февруари 2014

Српската опозиција очигледно неподготвено ги дочекува вонредните избори кои се закажани за 16. март, но сигурно дека никој не очекуваше толкава неорганизираност и распад.

Фотографија: picture-alliance/dpa

По распишувањето на вонредните парламентарни избори во Србија, практично на секои неколку часа се појавуваат нови и се демантираат старите информации за политичкото прегрупирање на опозицијата. Најголемо внимание на јавноста предизвика најавата дека поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ (на насловната фотографија), би можел да го предводи т.н. Демократски фронт (ДФ) за кој моментно кандидати се Заедно за Србија (ЗЗС), Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), Обединетите региони на Србија (УРС), како и Либерално-демократската партија (ЛДП). Освен што одделни партии веќе демантирале дека сакаат да влезат во тој фронт, се појавија и тврдења дека целата приказна околу Демократскиот фронт всушност е измислена за да се ослабне позицијата на Демократската партија. Меѓутоа, како што може неофицијално да се дознае, разговори се водат на сите страни. Според информациите, Борис Тадиќ е сериозно заинтересиран да го предводи ДФ, но засега ја одмерува ситуацијата, зашто како поранешен претседател на Србија не би сакал да застане на чело на некој скромен фронт со мал број партии. ЛДП, од друга страна, води преговори со УРС, но со, како што се тврди, необично барање за повлекување на лидерот на партијата, Млаѓан Динкиќ, зашто се проценува дека тој не е многу популарен кај гласачите.

Драган ЃиласФотографија: DW/M. Maksimovic

Демократската партија од своја страна преговара со Новата партија на премиерот Зоран Живковиќ, а во оптек се и гласини дека досегашниот министер за стопанство Саша Радуловиќ би можел да формира нова партија или да се приклучи кон некоја опозициона групација. За целата работа да биде уште покомплицирана, Борис Тадиќ истапи од Демократската партија, зашто таа стапи во преговори со партијата на Зоран Живковиќ. Иако можеби очекувана, па и логична, оваа одлука секако и‘ зададе дополнителен удар на опозицијата. Тадиќ сега го нема товарот дека како член на ДС прави коалиции со други партии, но тоа само ги поттикна натамошно судирите во опозицијата.

Сето тоа всушност зборува дека опозицијата моментно е преокупирана со голото политичко преживување и првенствено со борбата за место на некој вид лидер на опозицијата. На околу еден месец пред изборите како никому да не му паѓа на памет да се занимава со партиските програми со кои би требало да се излезе пред гласачите. Се стекнува впечатокот дека во опзозицијата во Србија е загубен и часовникот и календарот.

Опозиција како во времето на Милошевиќ

Потребна е претпазливост кога е во прашање создавањето на Демократскиот фронт кој би го предводел Борис Тадиќ, истакнува за Дојче веле новинарот Слободан Ступар, кој спаѓа во оние кои ДФ го гледа само како сон на јавноста. Тој не е ни формиран, а како што ми изгледа, нема ни да биде, смета Ступар. Сето она што се случува деновиве со бескрајните партиски комбинации, опозицијата ја враќа во времето на најсилната власт на Слободан Милошевиќ, кога ја сметаа за целосно атомизирана и неспособна, оценува Ступар.

„Вучиќ и Николиќ ги добија изборите со конзервативна и националистичка програма. Денес тие се проевропска партија и имаат платформа преземена од Демократската партија. Со други зборови, тие на демократската опозиција и‘ ја зедоа дури и нејзината програма, а она што сега остана од опозицијата не е доволно ни да се скрпи некоја посериозна политичка програма.“

Задоцнето политичко групирање на опозицијата

„Демократскиот фронт очигледно е замислен како начин за Борис Тадиќ некако да се врати во политиката“, вели за Дојче веле политичкиот аналитичар Бранко Радун. „Освен тоа, постојат и други опозициони партии кои се борат за цензус, а во тој смисол идејата за ДФ звучи логично, зашто тие здружени секако подобро би поминале на избори. Затоа, не мислам дека приказната е измислена, но јасно е дека работата тргна предоцна“, предупредува Радун.

„Кампањата веќе би требало да почне, а уште не се знае кој со кого е во каква коалиција, а од тоа зависи каква политичка кампања ќе се води. Мислам дека тоа генерално ќе ја ослабне опозицијата, целата таа конфузија која настана сега. Она што првично ја ослабе опозицијата е внатрешниот судир меѓу ДС и Борис Тадиќ, а сега доаѓа и овој хаос. Така целата опозиција делува неподготвено и меѓусебно раскарано, тука царуваат страсти и политички суети, па зошто тогаш некој избирач би гласал за партии кои не покажуваат доволно ниво на сериозност“.

Борба за место број 4

Одделни партии се во специфична позиција, а веќе сега може да се чуе дека претстојните избори ќе бидат некој начин борба за местото број 4, кое може да обезбеди сојуз со Напредната партија (претопставка е дека првите три места ќе ги заземат коалиците околу СНС, ДС и СПС). Тоа посебно може да се однесува на ЛДП, но и ДС донекаде ја преценува својата улога и значење, а не се свесни колку Србија се промени од времињата кога тие имаа некоја доминантна улога.

„Во сите преговори, според некој наш обичај, секој тврди дека вреди два или три пати повеќе отколку што е тоа реално. И тоа некако оневозможува реален договор. А тука е и прашањето за лидерството во опозицијата. Затоа, не е доволно да се соберат на куп неколку партии и да се очекува некој позитивен исход на изборите“.

Мали се шансите и за обединување на т.н. десен, односно патриотски блок. Двери, Српската радикална партија (СРС) и Демократската партија на Србија (ДСС) веројатно ќе одат самостојно на избори. Двери упатија јавен повик за обединување на трите групации, но во ДСС молчат, додека радикалите наведуваат дека ќе одат сами на избори. Тие партии на минатите избори заедно имаа околу 17 проценти од гласовите. Тоа, според аналитичарите, покажува дека суетите и личните анимозитети не се присутни само во граѓанската опција, туку и во онаа патриотската.

Ако не можат да се обединат, тогаш се поставува прашање што тие партии воопшто можат да им понудат на избирачите, истакнува Радун.

„Мислам дека тие немаат некоја заедничка идеја, туку само желба да опстанат на политичката сцена. А по изборите, изгледа дека мнозинството од нив ќе и‘ се нудат на владејачката коалиција како помал коалициски партнер“, заклучува Радун.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми