1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српското замајување и македонската ладнокрвност

Обработка: Е.М. Фиданоска
23 август 2017

Што стои во заднината на судирот меѓу Србија и Македонија? Со ова прашање денеска се занимаваат дел од медиумите на германски јазик.

Serbien Ivica Dacic und Aleksandar Vucic
Дачиќ и Вучиќ денеска телефонски разговараат со Заев и Димитров во обид за надминување на недоразбирањатаФотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска во подолгиот текст околу повлекувањето на српските дипломати од Македонија, меѓу другото, пишува:

„Кога една влада го повлекува својот амбасадор на консултации, тоа често е знак за сериозен дипломатски конфликт. Но, она што сега го прави српската влада, со која маневрира претседателот Александар Вучиќ, оди чекор понатаму: откако во Белград беше повлечен целиот дипломатски персонал од српската мабасада во Скопје, односите меѓу двете земји, кои инаку се солидни, се ставени на искушение. Ако му се верува на српскиот владин весник 'Политика' и на белградските таблоиди кои му се верни на Вучиќ (што обично не се препорачува, зашто вистината е често спротивна на што стои таму), конфликтот е настанат поради шпионирање на српски дипломати во Скопје или поради Косово. Според тие медиуми, Белград го повлекол својот персонал од Скопје кога новата македонска влада на премиерот Зоран Заев оставила простор да се насети дека би можела да му даде поддршка на косовското барање за прием во УНЕСКО. Косово веќе имаше направено обид во 2015 година да се вклучи во оваа органзиација на ОН, но за малку не доби неоходно двотретинско мнозинство гласови, односно зад себе имаше 92 држави. Само три ЕУ-држави (Кипар, Шпанија и Словачка) гласаа против прием на Косово. ЕУ-кандидатот Македонија пак припаѓаше кон големото мнозинство европски држави кои гласаа за прием. Особени реакции од страна на Србија тогаш немаше.

Значи, зошто само најава на Скопје дека при евентуално ново гласање ќе се ориентира повторно според мнозинството европски држави, сега би довела до повлекување на српските дипломати од Македонија? Верзијата исконструирана во Белград делува неверодостојно и поради тоа што гласање во моментов не е ниту на дневен ред... 'Ние сме благодарни што сите наши соседи, освен Србија, гласаа за наше членство во УНЕСКО, ФИФА и Олимпискиот комитет, но најновите тензии меѓу Белград и Скопје немаат ништо со Косово', изјави поранешниот косовски министер за надворешни работи Петрит Селими во вторникот за овој весник.

Ако УНЕСКО е само свртување на вниманието, останува вториот дел од изјавите од Белград, според кои српските дипломати во Македонија биле систематски шпионирани. 'Политика' во вторникот ги цитираше Вучиќ, кој вели дека дипломатите се повлечени поради тоа што се добиени 'докази за многу офанзивна акција против институциите и органите на Србија (во Македонија)'. Детали не наведе, но наводно станува збор за вмешаност на можен странски фактор, за што повеќе ќе се знае 'во наредните 10 дена'. Вучиќ често најавува расчистување на нејасни работи во одреден рок, но тоа досега никогаш не се случило. Меѓутоа, Вучиќ рече дека на Србија и натаму ѝ е до одржување добри односи со Македонија... Во Скопје се претпоставува дека има други причини за обвинувањата на Белград за шпионажа од страна на македонско-албанската коалиција на премиерот Заев. Така, српските медиуми кои вообичаено го поддржуваат Вучиќ, во повеќемесечната борба за власт меѓу Заев и неговиот претходник Никола Груевски, застанаа јасно зад Груевски. Белград можеби не останал само на медиумска поддршка на Груевски. Кога приврзаниците на Груевски во април го нападнаа парламентот во Скопје и им нанесоа повреди на Заев и повеќе други политичари, на безредијата присуствуваше и српски дипломат и разузнавач. Македонските медиуми тоа ѝ го пренесоа на јавноста со фотографии и видео снимки. Во Белград беше речено дека човекот само си ја вршел работата и известувал од местото на случувањата. Меѓутоа, подоцна на виделина излегоа и телефонски разговори и други документи кои укажуваат дека националистичкиот српски новинар, колумнист и почитувач на Путин, Мирослав Лазански (пратеник на Вучиќевата СНС во парламентот) во Скопје 'истражувал' со поддршка на српската тајна служба за некој свој текст. Резултатот е објавен во 'Политика' и беше огнен апел за соборениот Груевски додека тој со трикови спротивни на Уставот се обидуваше да се одржи на власт. Кабинетот на Заев околу повлекувањето на српскиот дипломатски персонал досега реагираше ладно. Владата во Скопје соопшти: се преземаат чекори 'чија цел е решавање на проблемите, а не создавање проблеми'“, пишува ФАЦ.

Српската влада застана на страна на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа на страната на оние кои на крајот мораа да ја предадат власта, анализира „ostpol.de“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Онлајн магазинот ostpol.de исто така се занимава со повлекувањето на српските дипломати од Македонија и меѓу останатото наведува:

„Досега нема сериозни докази дека обвинувањата на Белград се разбирливи. Вучиќ и во минатото паѓаше в очи со теории за заговор и гласини за наводни обиди за пуч против неговата влада. Критичарите велат дека со ваквата стратегија тој се прикажува како жртва и се обидува приврзаниците да ги врти околу себе... Во заднината на судирот меѓу Србија и Македонија е нешто друго. Во Македонија, по тригодишна владина криза, во мај дојде до промена на власта. Десноконзервативната ВМРО-ДПМНЕ ја загуби власта, а социјалдемократот Зоран Заев со помош на албанското малцинство стана премиер во земјата. Пред промената на власта десноконзервативната ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше со сите средства да остане на власт, иако ги загуби изборите. Во врвот на судирите над стотина приврзаници на конзервативците упаднаа во македонскиот парламент и истепаа пратеници на социјалдемократите, на албанските партии и новинари. Српската влада застана на страна на десноконзервативната ВМРО-ДПМНЕ и со тоа на страната на оние кои на крајот мораа да ја предадат власта.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми