1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српско - косовскиот договор на референдум?

Ивица Петровиќ/ Жана Ацеска30 април 2013

Судбината на договорот меѓу Белград и Приштина би можела да биде решена на референдум. Преговорите со косовските Срби околу тоа се‘уште се во тек, но засега властите покажуваат подготвеност за негово одржување.

Фотографија: dapd

Дури и ако биде донесена официјалната одлука за одржување на референдум, постојат бројни несогласувања околу важни детали. Политичката и стручната јавност е прилично поделена, а постои голем број луѓе кои сметаат дека референдумот е пред се‘ непотребен. Властите предупредуваат - нема да се дозволи референдумското прашање да биде „сака ли Косово да остане во Србија“, туку дека исклучиво ќе биде врзано за бриселската спогодба. Несогласувања постојат и околу тајмингот. Косовските Срби сакаат повеќе време за кампања, можеби дури и целите 90 законски денови, додека властите сакаат работата да се заврши што побрзо, поточно изјаснување 15 дена по распишувањето референдум.

Референдумот не е задолжителен?

„Во суштина, за таков вид политички одлуки мислам дека референдумот не е задолжителен“, вели  за Дојче веле Ѓорѓе Вуковиќ од Центарот за слободни избори и демократија. Референдумот е секако сериозно помошно средство во демократијатам, истакнува тој.

„Но, влезот во непосредна демократија на ваков начин, граѓаните да се изјаснуваат за вакви крупни политички прашања, а притоа да не знаат кои се можните економски, воени, социјални импликации на едната или другата одлука, мислам дека едноставно не е никаков придонес кон стабилизирањето на демократијата во Србија“.

Отфрлувањето на спогодбата - голем проблем

Доколку на референдумот се отфрли бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина, тоа би значело дека тој не може да се примени. Тоа веројатно би довело и до нови избори, а сето заедно би ја искомплицирало политичката ситуација, оценува за Дојче веле Богољуб Милосављевиќ, професор на Правниот факултет Унион.

„Тогаш би се отворила цела редица нови прашања. Практично, би биле отфрлени сите вложени напори, не само откако е формирана новата влада, туку сето она што со години е работено во тој правец, на нормализација на односите. Тоа би значело повторно враќање на старите основи, онака како што тоа кај нас се толкува, Косово е во состав на Србија, а мислам дека тоа би било доста проблематично“.

Договорот беше потпишан на 19 април во БриселФотографија: picture-alliance/AP

Тешко до поддршка на мнозинството?

Бидејќи зад бриселскиот договор стојат практично речиси сите политички партии во Србија, аналитичарите сметаат дека спогодбата ќе биде прифатена и на референдум. Од другастрана, се предупредува дека Кoсово е прашање кон кое граѓаните пристапуваат повеќе емотивно, а помалку партиски. Ѓoрѓе Вуковиќ во секој случај смета дека нема да биде лесно да се добие поддршка за спогодбата на референдум.

„Се‘ зависи какви ќе бидат критериумите. Дали ќе се бара некое квалификувано мнозинство или релативно, значи - мнозинство од излезените на референдум или квалификувано мнозинство во однос на избирачкиот список? Доколку се бара квалификувано мнозинство во однос на избирачкиот список, не знам дали ќе има доволно гласачи кои ќе го поддржат договорот од Брисел. Во таа смисла не го делам мислењето на мнозинството, дека е тоа свршен чин.“

Успехот или неуспехот на референдумот ќе зависи пред се‘ од формулацијата на референдумското прашање. Светската пракса вели дека оној кој го формулира прашањето и раководи со целиот процес на некој начин може да ги усмери граѓаните кон сакан исход, истакнува Богољуб Милосављевиќ. Референдум секако не е нешто на што се сметало во бриселските кругови, оценува Ѓорѓе Вуковиќ. Тој затоа мисли дека до референдум можеби нема ни да дојде. Тој потпис ја обврзува Србија, а секоја дополнителна измена на ставот би била крајно поразувачка за Белград, вели Вуковиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми