1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Одлука за парламентарни избори до крајот на неделава

4 февруари 2019

По враќањето на премиерот Заев од Софија, започнуваат разговори за барањето на опозицијата за парламентарни избори, а Извршниот одбор на СДСМ ќе излезе со став до крајот на неделава, велат извори од СДСМ

Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

До крајот на оваа седмица Извршниот одбор на СДСМ треба да изгради став дали заедно со претседателските, треба да се одржат и предвремени парламентарни избори. Седницата неформално беше најавувана за изминатиот викенд, но од партијата велат дека официјално не била закажана. Од таму потенцираат дека на оваа седница ќе и претходат консултации на партискиот лидер и премиер, Зоран Заев, со лидерите на коалициските партии, кои ќе се одржуваат во текот на неделава.

Во изминатиот период стигнаа бројни пораки од функционери од Брисел, дека не е време за вонредни избори, туку за фокусирање на реформите. Во СДСМ велат дека ги анализираат сите аргументи, при што тежиштето секогаш го ставаат на државните, а не на партиските интереси. Гледано од тој аспект, се поизвесно е дека оваа пролет граѓаните на Македонија можеби ќе гласаат само за избор на нов претседател на државата. А на тој план се уште не се отворени сите карти. Социјалдемократите ќе го изберат нивниот кандидат во почетокот на март. Со оглед дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде познат по Конвенцијата закажана за 16-ти февруари, извесно е дека изборот на опозициски кандидат во голема мера ќе влијае врз кандидатскиот „одговор“ на СДСМ, односно на владејачката коалиција, доколку се решат да настапат со заеднички прифатлив кандидат. До крајот на неделата ќе бидат познати и резултатите од анкетите спроведени од две агенции по барање на СДСМ, по што ќе има појасна слика кои од десетината личности ставени на проверка кај граѓаните имаат највисока доверба. Неофицијално, според првичните резултати, кандидатот на СДСМ сепак ќе се избира меѓу четворката - Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Никола Димитров и Стево Пендаровски. 

Белата палата утре ќе ги соопшти кандидатурите

Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ на јавниот повик за кандидирање пристигнале осум кандидатури. Покрај пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски кои јавно ги обелоденија кандидатурите, останатите се уште не се официјално потврдени, а се шпекулира дека на повикот за кандидирање се јавила професорката од Правниот факултет на УКИМ, Гордана Силјановска Давкова, којас беше мотивирана и повикана да се кандидира од страна на 27 универзитетски професори. Од партијата ниту потврдуваат ниту демантираат дали нејзиното име е меѓу кандидатите, а молчат и за шпекулациите дека на повикот се јавил и поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.

Повеќе:

-СДСМ остава граѓаните да номинираат претседателски кандидат

-Нова нијанса: ВМРО-ДПМНЕ „инсистира“ на парламентарни избори

-Заев: СДСМ ќе го разгледа прашањето за предвремени избори

Оние, пак, кои ги најавија кандидатурите веќе се во поход  по поддршка од делегатите и партиски личности. Кандидатот на движењето „Македонија - Блокира“, Филип Петровски, го повика Никола Груевски јавно да застане зад неговата кандидатура.

„После сѐ, негова негација би бил кандидат на ДПМНЕ од СОРОС кој е во роднински врски со Мицковски. Ајде Груевски осмели се и исправи ја твојата неправда кон мене од Валандовскиот Конгрес“, напиша Петровски на Фејсбук, алудирајќи на можно фаворизирање на кандидатура на професорката. Тој најави дека неговата кандидатура ќе се зајакне и со 10.000 потписи, а поднесе барање до Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ да го добие списокот на делегати на Конвенцијата и списокот на претседатели на Општинските комитети.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, најави дека утре (вторник) ќе ги соопштат имињата на кандидатите што исполнуваат условите.

„Потоа ќе започне и оној дел што ние го нарекуваме презентација на програмата и нивните идеи. Ќе биде отстапен простор во Општинските Комитети, секој од нив ќе може да појде таму и да си ја каже својата програма“, најави Мисајловски.

Од вечерва почнуваат консултации

Во СДСМ велат дека оваа е клучна недела за разговори околу парламентарните избори, а во периодот потоа и за утврдување на претседателски кандидат. Првите меѓупартиски консултации ќе започнат уште вечерва, по враќањето на премиерот Заев од Софија. Таму Заев денеска ќе има средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, на која ќе разговараат за соработката во разни сектори, како и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Во делегацијата се и министерот за култура, Асаф Адеми, и националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Програмата ќе започне со заедничко положување на венец пред спомен-бистата на Гоце Делчев во градскиот парк „Борисова градина“ по повод 147 годишнината на неговото раѓање. Венците ќе ги положат македонскиот и бугарскиот министер за култура, Асаф Адеми и Боил Банов, кои потоа ќе потпишат „Програма за соработка во областа на културата“.

„По враќањето на премиерот од Софија, започнуваат разговори и консултации за барањето на опозицијата за вонредни парламентарни избори. По сите анализи, се очекува и Извршниот одбор на СДСМ да излезе со свој став до крајот на неделава“, изјавија високи партиски извори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми