Старт на новата индиска фудбалска лига
11 октомври 2014Анелка, Трезеге, Дел Пјеро, Матераци, Пирес, Љунгберг - познати имиња, кои звучат како избор на најдобри од Лига на шампиони од почетокот на 21. век. Но наведените фудбалски ѕвезди ги поврзува не само фактот што најдобриот период од кариерата веќе го имаат зад себе, туку и фактот дека од утре, 12 октомври 2014, сите ќе играат во индиската новоосновата професионална лига ИСЛ. Меѓу нив има и еден Германец - Мануел Фридрих, кој во Бундеслигата играше за Мајнц, Бајер Леверкузен и Борусија Дортмунд. Сега ќе ги носи копачките за Мумбај Сити ФЦ. „Уште пред година и половина сакав задолжително да отидам во Азија“, вели 35-годишниот Фридрих, додавајќи: „Меѓутоа ова беше прва понуда за која имам чувство дека има голема поддршка. Потоа, целата ситуација, со тоа што се работи за сосема нова лига, што ќе се игра во форма на еден вид турнир, што за цел има да го направи фудбалот поатрактивен овде во Индија, каде не е спорт број 1, сето тоа едноставно ме убеди.“
Нова лига, нови ѕвезди
Новиот клуб на Фридрих е еден од осумте реторта-клубови во новата Индиска Супер Лига (ИСЛ) кои се расфрлани ширум земјата како претпријатија со франшиза. Тие имаат сликовити имиња, како „Ченаи Титанс“, „Делхи Динамос“, „Керала Бластерс“ или „Атлетико де Коката“. И сите имаат чуден концепт - секој од клубовите треба да биде предводен од меѓународна „фудбалска легенда“. Покрај тоа, во секој тим играат уште по седум странци. Кон тоа се додаваат уште 14-мина Индијци и екипата е готова. Мецени на клубовите се пред се‘ поранешни крикет-ѕвезди, Боливуд-магнати или индустриски магнати.
Нема сомневање - новосоздадената Индиска Супер Лига (ИСЛ) е целосно вештачки производ, подигнат во најкус можен рок од страна на маркетинг фирмата ИМГ и медиумската империја на Руперт Мардок. На субконтинентот живеат околу 1,2 милијарди луѓе, од окои околу 80 милиони редовно гледаат фудбалски натпревари на телевизија. Само што досега не се гледаа индиски натпревари, туку пред се‘ европската Лига на шампиони, објаснува Арунава Чоудури, менаџер на клубот каде што ќе игра Фридрих - Мумбај Сити ФЦ.
Новата ИСЛ треба да ги загрее Индијците за домашниот фудбал. Притоа, целата сезона трае само три месеци. Веќе во декември ќе се знае кој ќе го држи в раце шампионскиот пехар.
Индија има фудбалска лига уште од 2007 година, но таа е речиси безначајна. На натпреварите од оваа лига има по околу 6000 навивачи. А и индиската репрезентација не ги одушевува навивачите. Индија на актуелната листа на ФИФА е на мизерното 158 место, меѓу Порторико и Свазиленд.
На фудбалот во Индија досега му беше тешко, зашто омилен спорт на Индијците е и останува - крикетот. На фудбалот досега му недостигаа спонзори. И квотите на гледаност беа лоши. Нема скаути за таленти, нема професионални клупски структури, дури нема ниту доволно стадиони со рефлектори. Затоа голем број од натпреварите се играат во текот на денот, некаде на температури до 45 степени. Тоа е големо оптоварување и за фудбалерите и за гледачите.
Мензаџерот Чоудури е уверен дека „со ИСЛ фудбалот во Индија ќе се етаблира на врвно ниво“. Тој сепак предупредува од преголеми очекувања. „Сигурно ќе бидат потребни повеќе од 10 години додека индискиот фудбал го достигне нивото со кое ќе може да се квалификува на едно светско првенство“, нагласува менаџерот.