Почетокот на викендот носи големо задоволство за германските фудбалски фанови. Со вечерашниот натпревар помеѓу Бајерн Минхен и Вердер Бремен започнува 54-та сезона во германската Бундеслига.
Реклама
За милиони Германци изминативе неколку недели беа период на мачно исчекување и на огромна празнина. Сѐ до денеска. Од вечерва во 20:30 сѐ ќе биде повторно во најдобар ред. Да, животот повторно ќе биде исполнет а викендите ќе бидат вистинска закуска. Почнува Бундеслигата односно според длабоко субјективното гледање на сите тие милиони Германци- најдобрата фудбалска лига во светот.
Првиот натпревар ќе се одигра помеѓу тимовите на Бајерн Минхен и Вердер Бремен. Домаќинот на првиот натпревар според традицијата е актуелниот шампион, Бајерн Минхен, а гостинскиот тим на Вердер Бремен сезоната ја заврши на 13-то место од табелата.
Најголемата новина на овој натпревар е новиот тренер на домаќините - Карло Анчелоти. По едногодишна пауза од тренерската работа, тој застанува на кормилото на еден од најквалитетните клубови во Европа. Токму поради тоа, очекувањата на фановите се: минимум освојување на трофејот во домашната лига и успех во Лигата на шампионите. Ова е разбирливо доколку се земе предвид дека Бајерн Минхен четири години по ред ја освојува домашната титула, а во истиот период три пати се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите. Сепак, Анчелоти е единствениот тренер во Европа кој три пати го има освоено најпрестижниот европски трофеј, со Милан во 2003 и 2007 година и со Реал Мадрид пред две години. Но Анчелоти не е единственoто ново лице на ко во наредните месеци ќе му се радуваат германските фудбалски фанови:
Новите лица во Бундеслигата
Многу нови талентирани фудбалери ги засилија клубовите во Бундеслигата за сезоната 2016/17. Ви ги претставуваме најголемите засилувања, од кои повеќето се млади таленти.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Fromme
Усмане Дембеле, Борусија Дортмунд
Дортмунд загуби неколку клучни играчи, но Дембеле можеби ќе успее брзо да ја врати довербата во тимот. Овој 18-годишник одигра само една полна сезона како професионалец за францускиот Рен, но таа му донесе големо меѓународно внимание. Сега е голема надеж на Борусија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Fromme
Онджеј Дуда, Херта Берлин
Дуда го нема меѓународниот профил на другите играчи на листата, но Херта веќе заврши на седмото место во лигата без звучни имиња во тимот. Тој е еден од најголемите таленти на Словачка, а доби шанса да настапи и на Европското првенство и покрај тоа што има само 21 година. Би можел да му биде од голема помош на тренерот Пал Дардаи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P.Zinken
Брил Емболо, Шалке
Новиот спортски директор Кристијан Хајдел го претпостави заминувањето на Лерој Сане и го ангажираше Емболо од Базел. Тинејџерот веќе има искуство во Лигата на Шампионите, како и 14 настапи за швајцарската репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Fromme
Рафаел Гвереиро, Борусија Дортмунд
Португалија има нова генерација со неверојатни таленти, а Гвереиро е еден од нив. Стигна до финалето на Европското првенство до 21 година, а потоа и го освои првенството со сениорите летово. Откако неговиот Лориен испадна во втората француска лига, Гвереиро замина за Дортмунд.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G.Kirchner
Ален Халиловиќ, Хамбургер
Најавуван како новиот голем талент од Хрватска, 19-годишниот Халиловиќ минатата сезона ги одигра речиси сите мечеви за шпанскиот Спортинг Хихон. Но, матичната Барселона нема место за него во тимот. Шансата да стане следната хрватска суперзвезда ќе ја има во Хамбургер, кој веќе со години се мачи во лигата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Scholz
Наби Кеита, Лајпциг
Неговиот трансфер во Лајпциг беше обвиткан во контроверза- затоа што тој е веќе петти играч кој од Салзбург преминува во германскиот клуб. Заеднички им е сопственикот- Ред Бул. Но, неговиот талент е неспорен. Со неполни 19 години веќе постигна 14 гола за Салцбург минатата сезона, а настапуваше и за Гвинеја на Африканскиот куп.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.Neubauer
Ренато Санчез, Бајерн Минхен
Ренато Санчез беше една од ѕвездите на Европското првенство и ја освои наградата за најдобар млад играч. Бајерн го купи од Бенфика пред почетокот на турнирот, па веројатно ги чинеше далеку помалку. Можеби нема експресно да се наметне во Бундеслигата, но го поседува талентот за да биде идна ѕвезда.