Статус-кво за рестриктивните мерки против коронавирус
ДТЗ
26 март 2021
Комисијата за заразни болести во вторник повторно ќе се состане. Дотогаш на сила останува забраната за движење од 22 часот до 5 часот изутрина
Реклама
Комисијата за заразни болести и на денешната средба по увидот на епидемиолошката состојба во Северна Македонија не донесе одлука за воведување на нови рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот. На сила остануваат веќе донесените мерки за заштита – а тоа е забраната за движење во периодот од 22 часот навечер до 5 часот наутро, којашто е планирано да трае до 6 април.
Иако болниците се полнат со пациенти, а се поголем е и бројот на млади лица на кои им е потребна хоспитализација поради сериозните последици од вирусот, засега нема измени ниту во работата на кафеаните, ниту во времетраењето на полицискиот час. Нова средба на Комисијата е закажана за во вторник, кога повторно ќе се анализираат состојбите со коронавирусот.
Ковид-19 ги намножи бездомниците во Скопје
04:51
Врз основа на извештаите од болниците и анализите за моменталната состојба, надлежните повеќепати досега најавија дека е можно заострување на мерките. Засега, се тврди дека ситуацијата е под контрола. Надлежните институции постојано апелираат на почитување на мерките за заштита со носење маски и одржување дистанца, како и почитување на протоколите. Но, од друга страна, на терен се поевидентно е непочитувањето на мерките – полицијата и инспекторите често растураат свадби и масовни прослави, младите се групираат во кафулињата непочитувајќи ги здравствените протоколи, а не се ретки ниту домашните забави, на кои надлежните им влегоа во траг изминатиот период.
Третиот бран на коронавирус, кој се покажа дека има најразорна моќ го зголеми притисокот врз болниците. Се бара кревет повеќе и во државните и во приватните болници. Само во последните 24 часа во скопските ковид оддели примени се 70-тина пациенти, па вкупниот број на хоспитализирани на ниво на држава се искачи на 1537. Во ковид-центрите во болниците низ земјата е пријавено дека се лекуваат вкупно 916 пациенти, а во Скопје 621.Според, Министерството за здравство, слободни се околу 250 болнички легла. Масовната вакцинација треба да започне в среда за лица постари од 70 години, хронично болните и попишувачите.
Македонија и ковид-19: Седете дома и лапајте витамини
Обврска за носење маски, забрането групирање, ретки или никакви социјални контакти... Пандемијата на коронавирусот од корен го промени начинот на живот на луѓето и нивните навики. Пандемијата во Македонија низ фотографии
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!