1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените во македонската политика

Костадин Делимитов20 февруари 2015

Македонија има не една туку три Колинди или Меркел, но некој треба да им го отвори патот. Стереотипите и предрасудите се уште се реална кочница, предупредуваат упатените

Фотографија: picture-alliance/dpa/Antonio Bat

Зголеменото присуство на жените на челни политички позиции на Балканот сигнализира промени во политичката култура на традиционално патријархалниот регион. Ако во минатото беше речиси незамисливо припадничка на понежниот, да раководи со посилниот пол, последниве години сме сведоци на промени. Атифете Јахјага на Косово, Колинда Грабар Китаровиќ во Хрватска, помалку или повеќе се охрабрувачки примери. Сепак колку овој тренд може да повлече реално промени и во останатите земји? Но дали и во Македонија? И покрај фактот дека жените се дел од политичкото секојдневие во земјата, реално нивното влијание во политиката се уште е многу мало. Според женските здруженија слабиот напредок се должи на недоволниот капацитет на политичките партии за развивање и спроведување на родово рамноправни политики во нивните редови.

„Закони имаме, немаме проблем со тоа, но фактичката состојба покажува се. Структурната распределба е проблем. Ние имаме квалитет жена да биде на чело на државата, но партиите не креираат услови за тоа. Работиме на политичко јакнење, кадар има но нема услови. Еве на избори не се гласа за име и презиме туку за партија. На кое место изборно ќе биде името зависи од лидерот. Во фактичката состојба сме маргинализирани. Еве на пример ако во минатиот состав на владата од 22 министерства имавме две жени, сега имаме 27 министри, а бројот на жените е ист. Така што квантитативно останува, но процентот се намалува. Партиите не ги номинираат жените за клучни политички позиции, или ги номинираат таму каде немаат шанса. ДПА на пример ја “истрча“ Мируше Хоџа на изборите за претседател, извонреден кандидат, сите го видовме тоа. Но партијата однапред знаеше дека нема да добие и затоа излезе со жена кандидат. Стереотипите и предрасудите се во преден план. Жените го направија своето, благодарение на широката мрежа состојбите се позитивни, но условите пред се во семејството не и дозволуваат. Ако немаме променети услови во градинките, училиштата, обврските во домот, како таа жена ќе биде член на управен одбор, како ќе оди на повеќечасовни состаноци“, коментира за Дојче веле Савка Тодорова, Претседателка на Сојузот на организациите на жените на Македонија.

Во македонската влада седат две жениФотографија: MIA

„Ние разговараме со политичките лидери, кога ги прашуваме зошто на пример има мал број кандидатки за градоначалнички тие велат дека не се пријавуваат. А ние ги прашуваме, тогаш што вашата политичка партија прави да ги охрабри жените? Политичкиот центар, лидерството со свитата околу себе треба тоа го прави, да се создадат услови, да се охрабрат. Кога ќе се промени половата структура на власт ќе имаме поголема благосостојба и поубав живот затоа што ќе ја внесеме биологијата. Мажите и жените сме биолошки поразлични, тоа носи поубави и поквалитетни содржини за живот. Ние имаме три Колинди, од сите сфери, но треба да се охрабрат жените и да се создадат услови“, вели Тодорова.

Четири жени градоначалници, над 400 советнички, две министерки, речиси една третина пратенички во Парламентот. Трендовите се менуваат но се уште многу бавно, предупредуваат од организациите што се борат за поголеми права или застапеност на жената во системот:

„Кај нас доколку партијата со добар рејтинг истакне жена сметам дека таа би била избрана. Мислам дека гласачкото тело нема ништо против жените, напротив некаде и ги преферираат. Битно е да има жени, бидејќи бројката дава квалитет. Не може да имате толкав процент на жени во собрание, совети и во други институции а само две на раководни позиции. Тоа се коси со демократијата. Тоа е како во парламент да има доктори, професори, но не и земјоделци, работници. Не може партиите да креваат раце и да викаат немаме доволно жени, тие треба тоа да го направат, да работат на тоа, да создадат имиџ и услови. Ако решите за 4 годишен период кандидат да го направите успешен можете тоа да го направите. Па еден обичен портпарол станува популарен, а камоли жена политичар, убедена сум дека ако има политичката волја тоа може да се постигне. Но проблем се генереално трендовите внатре во партиите, порано беа лоши, но сега се мислам малку понаклони, но се уште се скржави. Оваа влада е со најголем број на мажи министри, тоа покажува се`. На пример на Колинда во Хрватска и се поклопија и коцките.Таа е навистина добар кандидат и повеќе ја кандидираа како личност, но во истиот момент и владејачката партија има пад во рејтингот, а расте и незадоволството кај граѓаните. Се случи нејзин што не значи дека Хрватска е посензитивна кон ова прашање, но добро е што се случи и ќе биде добар модел за сите млади девојки“, коментира Даниела Димитровска извршна директорка на Македонското женско лоби.

Искуствата покажуваат дека неретко жените успешно се справувале и менаџирале со кризи. Ангела Меркел е само еден од примерите што доволно покажува каква може да биде улогата и влијанието на жената како политичар, коментира Димитровска:

Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa/S. Sauer

„Ние се бориме најмногу за жените, кога ќе има повеќе во политиката и квалитетот на парламентот и извршната власт ќе се зголеми, а и компетицијата ќе биде поголема. Секојдневно сме во комуникација со политичарите, најнормално е во политиката да има различни политички ставови, за нешто можеме за нешто не да се договориме, треба да се најде заедничка основа. Мислам дека жените со кои работиме и кои се во врвот, имаат сенс за модерирање на конфликти, посмирено им приоѓаат на работите, па гледајте во собрание каква е атмосферата. Кога жените беа координаторки, полесно се пеглаа разликите. Затоа постојат резолиуции каде се бараат повеќе жени во преговарање кога има проблеми. Ние постојано лобираме, ги зајакнуваме капацитетите на жените во локалната самоуправа, собранието. Кој се надеваше дека Меркел на стартот толку ќе направи и ќе остави таков впечаток во европската политика, таа има план, став, добри мерки, се наметна како вистински лидер не само во ЕУ туку и во свтески рамки. Таа треба да биде пример. Не дека и ние немаме такви, но треба да се поттикнат и охрабрат“, вели Димитровска.

Но не само во политиката, клучно е да се промени и свеста за улогата на жената на секое поле, коментира Тодорова:

„Во структурите на менаџирање, на пример во управните одбори каде се носат политиките повторно процентот е намален. Можеби имаме вкупно 15% застапеност, но од тие сигурно дека 10% се во градинките, училишта, таму каде се спроведуваат или препишуваат законите. Но во менаџерските структури каде се добиваат пари, каде се креира политика нив ги нема. Еве на пример во здравството се вработени главно жени, а кој е министер. Во образованието исто така има повеќе жени, а кој е министер, маж. Зошто кога таму работи високообразован кадар, магистри, доктор на науки, тој е недоволно способен за тос? Затоа и нашите заложби генерално на секој план. Еве настојуваме да се субвенционираат и сервиси за семејства во делот на услугите, зашто домот е на сите не само на жените, туку и на мажите. Тоа се реалните состојби, работиме, има резултати но не можеме да им се лутиме на жените“, коментира Тодорова.

Очекувањата на домашните женски лоби здруженија се дека застапеноста на жените во политиката ќе скокне од сегашните 30%. Иницијатива постои, генерално добива поддршка, потребна е само волја за нејзина реализација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми