1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стефанова контра Јанева: Не ме консултираше за ништо

БГ
9 август 2019

Двете обвинителки на СЈО кои се споменуваат во снимките од разговорите меѓу Камчев и Јовановски денеска со соопштенија отфрлија одговорност за било какви злоупотреби. Стефанова ја обвинува Јанева за своеволност.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалната обвинителка Катица Јанева попладнево преку соопштение  де-факто потврди дека нејзиниот глас на снимките кои ги објави италијанскиот весник Ла Верита е автентичен, но притоа тврди дека тоа не докажува било каква злоупотреба.
„Фрапирана сум како моите постапки како Специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот Рекет“, вели Јанева.Таа објаснува оти како СЈО имала обврска да контактира со сите осомничени како и со други лица против кои се воделе кривични постапки.
Од ваквите разговори, вели Јанева, „се обидувала да извлече што повеќе информации“ во корист на истрагата.
„Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот“, тврди Јанева.
Обвинителката се надева дека на јавноста ќе и се разјаснат нештата откако „ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање од страна на СЈО".
„Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите,  па оттаму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети  кои се водат во обвинителството“, наведува специјалната обвинителка. 
Речиси истовремено, исто така со писмена изјава објавена на страницата на СЈО, се јави и обвинителката Лиле Стефанова. Таа, пак, директно ја обвинува Јанева дека влијаела на истрагата за предметот „Империја“, на тој начин што најпрво инсистирала да се ослободат од притвор осомничените, а потоа предлагала и престанок на истрагата, доколку тие се согласат да ја платат штетата што ја предизвикале.
Според Стефанова, во декември 2018 година, Јанева без нејзина согласност одлучила да им ја укине мерката притвор на осомничените со случајот „Империја“. Во март 2019, продолжува Стефанова, таа повторно не се согласила со Јанева да му се даде патна исправа на Панделески. Подоцна, Јанева донела одлука да му се врати пасошот и на Камчев, додека Стефанова била на одмор.
Конечно, на 16 април 2019 година, тврди Стефанова, на состанок во канцеларијата на Катица Јанева, шефицата на СЈО побарала „да и се достават писмени извештаи за штетата во двата предмети кои осомничените треба да ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени' и осомничените ‘да не одат во затвор'". Стефанова, заедно со обвинителот Бурим Рустеми, барала затворска казна за осомничените и сметала дека е прерано за спогодба.
Коментирајќи ги аудио снимките, Стефанова ги обвинува и Јордан Камчев и Цветан Панделески дека преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец се обиделе да извршат влијание врз предистрагата и врз неа лично, како задолжена за предметот. Таа во изјавата пишува дека Чифлиганец дошол во СЈО да бара информации за случајот против „неговите пријатели“, но таа одбила да разговара со него за предметот. За настанот ги информирала колегите од СЈО. Стефанова ги отфрла како невистинити тврдењата на Камчев од објавените аудио снимки, и смета дека тоа е негов обид да ја дискредитира. 
Бизнисменот Чифлиганец се јави со демант на тврдењата на Камчев во снимките. Тој тврди дека „не е човек кој влегува во такви разговори“, односно дека не барал од Камчев дуќан за стоматолошка ординација за Стефанова. 

Разговорите меѓу Камчев и Јовановски

This browser does not support the audio element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми