1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стечајците чекаат Зврлевски да замине „во стечај“

17 август 2017

Денеска ќе се гласа за разрешување на јавниот обвинител. Поради долгото блокирање на точката од страна на ВМРО-ДПМНЕ, на дневен ред не дојдоа многу предлог-закони, меѓу кои и оние за минимална плата и за стечајците

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

По еден месец маратонска седница, опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа се откажа од понатамошната расправа за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Формалниот повод за ваквата одлука го најдоа во толкувањето на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) - дека разрешувањето во предизборен период е во спротивност со законот. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од собраниската говорница соопшти дека по објавеното мислење на ДКСК дискусијата за разрешување на Марко Зврлевски е незаконска, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во таква противзаконска постапка.

Институционална победа“ или замор од пропаганда?

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, смета дека во недостиг на аргументи и на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им станало јасно дека треба да престанат со блокирање на парламентот. Тој најави дека денеска ќе се гласа за разрешување на Зврлевски и дека ДКСК неовластено се обраќа до Собранието.

„Претседателот на Собранието не се обрати до Државната комисија за спречување на корупција, имајќи предвид дека автентичното толкување на закони, според Деловникот, е надлежност на Собранието. Писмото на ДКСК не произведува формално-правни обврски кон мене и кон Собранието кое е највисок законодавен орган, и не може да ја попречи работата на парламентот“, рече Џафери.

И покрај ваквото укажување на Џафери, од ВМРО-ДПМНЕ толкувањето на ДКСК го нарекоа „институционална победа“ и  доказ за оправданоста на отпорот кој го правеле нивните пратеници. Од владејачкото мнозинство, пак, велат дека на сите им е јасно дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ само си нашле алиби како да излезат од непродуктивната маратонска седница, која и нив прилично ги изморила. 

„Каква институционална победа! Тие многу добро знаат дека ДКСК, која е основана од Собранието, не може да ги толкува законите што ги носи парламентот. Автентично толкување може да даде Законодавно-правната комисија. Но, на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ова 'толкување' им беше потребно како покритие за да се извлечат од лавиринтот во кој заглавија, бидејќи со блокадата на парламентот предизвикаа гнев во јавноста, која очекува на дневен ред да дојдат законски предлози од интерес на разни категории граѓани“, велат пратеници од мнозинството.   

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Стечајците и „минималецот“ заглавени заради Марко

На ова деновиве укажа и пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски, која ја повика најголемата опозициска партија да престане да ги блокира законските решенија што ќе им помогнат на две категории граѓани.

„Со вашите јалови дискусии во Собранието, за одбрана на криминалот и за попречување на правдата, вие директно го блокирате усвојувањето на Законот за минималната плата, но и Законот за материјално обезбедување на невработени лица (законот за стечајци). Ако уште не знаете, да ве потсетиме што добиваат граѓаните со овие закони: Со новиот закон за минимална плата илјадници работници во текстилната и кожарската  индустрија ќе имаат загарантиран минимален приход од 12.000 денари, наместо досегашните 9.000. Со предлог Законот за стечајците се опфатени околу 3.000 работници кои биле најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, и работниците на кои им престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, од 1-ви јануари 1995 година до 31 декември 2016 година. Тие ќе добиваат месечен износ од 7.596 денари“, рече Ременски.

Таа потенцираше дека „нема да помине обидот со блокирање на процесите во Собранието да се покрие катастрофалниот рејтинг на Никола Груевски и неговата партија, која во пресрет на локалните избори со беспредметни пропаганди се обидува да го попречи решавањто на проблемите кои што тие ги создадоа во изминатите години на криминално владеење“.

Гласањето за разрешување на државниот јавен обвинител се очекува денеска попладне. Претседателот на Собранието за денеска најпрво ја закажа осмата седница, на чиј дневен ред е изборот на заменици на Генералниот секретар на парламентот. По нејзиното завршување, треба да продолжи шестата седницата, на која пратениците ќе гласаат за разрешување на Зврлевски. За да помине предлогот, потребно е 61 пратеник да гласа „за“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми