Стејт департмент: Да биде задоволена правдата за ужасното убиство во Македонија
4 мај 2012Портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер на прес-брифинг изјавил дека САД го следи текот на истрагата и повикува на сите осомничени за ова ужасно убиство, без оглед на нивниот идентитет, етничка припадност или вероисповед, да им биде овозможен процес согласно законите. Тонер одговараше на новинарско прашање на Гласот на Америка дали САД имаат информации за закана од радикалниот ислам во Македонија, во контекст на наводите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, дека некои од уапсените се негови следбеници и војувале на страната на талибанците против НАТО во Авганистан и Пакистан.
Портпаролот на Стејт департментот истакнал и дека американската амбасада во Скопје внимателно го следи случајот.
Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс изјави дека во амбасадата се' уште не се запознати со доказите за обвинетите лица во случајот со петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.
„ Ги следиме состојбите по ужасните убиства на 12 април и искрено сочувствуваме со семејствата на убиените. Одблиску го следиме процесот, апсењата и истрагата, ќе ја следиме и судската постапка. Важно е да се почитуваат правилните процедури, за тие што го извршиле ова ужасно дело да бидат изведени пред правдата. Правниот систем треба да постапува според правилата и законите, за граѓаните да имаат доверба дека се осудени вистинските лица. Министерката Јанкулоска и самата кажа дека ќе се следи процедурата и да дозволиме тоа да се случи“, изјави амбасадорот Волерс.