Стејт департмент: Иванов да ја преиспита одлуката
13 април 2016 САД се длабоко загрижени по објавата на македонскиот претседател Иванов да ги амнестира лицата кои се под истрага во врска со скандалот со прислушкување.
„Доколку биде имплементирана, оваа одлука ќе ги заштити корумпираните функционери и ќе им ја одземе правдата на македонските граѓани. Одлуката натамошно ќе го загрози владеењето на правото во Македонија, интегритетот на правосудните институции и кредибилитетот на посветеноста на нејзините лидери кон фундаменталните вредности на НАТО и ЕУ“, се наведува во изјавата на портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби.
„Како пријател на Македонија, САД силно го повикуваат претседателот да Иванов да ја преиспита својата одлука и да му дозволи на Специјалното јавно обвинителство- формирано во рамките на Договорот од Пржино- да ги истражи сериозните наводи за злоупотреби од страна на владата, и да им дозволи на судовите да си ја завршат својата работа“.
САД ги повикуваат владата и партиите да продолжат да работат на реформите кои ќе ги зајакнат демократските институции и ќе ја вратат Македонија на патот на веродостојни избори и на евро-атлантската интеграција.
Претходно со критика за постапката на Иванов реагираше и американската амбасада во Скопје.