1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Стоп за помилувањата пред Нова Година

ДТЗ
21 декември 2021

Министерството за правда одлучи оваа година да не испрати предлог до претседателот. Пендаровски, пак, вели дека треба да има помилувања пред празниците.

Бојан Маричиќ Северна Македонија
Министерот за правда Бојан МаричиќФотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот Стево Пендаровски нема да помилува затвореници во пресрет на Нова Година. Оваа традиција годинава ќе биде прекината, бидејќи Министерството за правда одлучи да не испрати листа со предлози за делумно или целосно прекинување на затворските казни на дел од осудените лица. Но, претседателот е дециден дека барем две помилувања мора да има годишно. „Помилувања во принцип мора да има затоа што секојпат има барања, е сега теоретски кажано, може да се добијат 30 или 50 предлози, а да не се прифати ниту еден“, вели Пендаровски. Тој очекува предлогот за помилувања повторно да биде пратен до неговиот кабинет.  

„Комисијата за помилување би се состанала за период од околу една недела по добивањето на финалната верзија.Само од нив зависи кога повторно ќе го враќаат кај нас, ќе го пратат ревидиран и само од тоа зависи, кога ќе го добиеме колку брзо ќе ја закажеме комисијата за помилување“, изјави денеска Пендаровски. 

Но, Министерството за правда попладнево информираше дека е повлечен претходниот список со предлози за помилувања и дека годинава нема да има новогодишни групи помилувања на осуденици. 

Претседателот Пендаровски не се согласува со одлуката да нема помилувањаФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Ваквиот развој на настаните следи откако пред неколку дена беше повлечена спорната листа, која предизвика бурни реакции во јавноста. Меѓу предлозите беа и имињата на бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на четиригодишниот Алмир во Куманово. 

„По консултација со Управата за извршување на санкциите, Министерството за правда одлучи оваа година да не проследи предлог за новогодишни групни помилувања, односно листата целосно се поништува“, информира министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Според него, ќе се даде време најнапред да се допрецизираат критериумите и законски да се зајакнат филтрите во однос на тоа како се составуваат листите со предлози на лица кој треба да бидат помилувани. 

„Во Министерството за правда постои работна група која работи на составување на нов предлог-закон за помилување, со кој ќе се зацврснат критериумите и ќе се дефинираат нови построги услови за тој кој може да биде помилуван. Со тоа сметаме дека ќе се минимизираат шансите на овие листи во иднина да се најдат лица кои во јавноста предизвикуваат сомнеж за нормалното функционирање на правниот систем“, соопшти Маричиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми