1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Стоп Сорос“ - нови закони против НВО во Унгарија

Кено Верзек
20 февруари 2018

Унгарската влада има намера со нов пакет закони да ги стави под надзор невладините организации кои поттикнуваат „илегална миграција“ и со тоа се оддалечува уште повеќе од принципите на правна држава.

Ungarn | Anti-Soros Plakate
Фотографија: AFP/Getty Images

Омилениот непријател на унгарскиот премиер Виктор Орбан се вика Џорџ Сорос. Орбан смета дека американскиот милијардер со унгарско потекло има намера да ја уништи христијанската култура во Европа и да ги уништи европските нации. За таа цел, како што вели Орбан, тој поддржува инвазија на континентот од страна на милиони муслимански мигранти. Ваквите наводни намери унгарскиот премиер ги нарекува „Соросовиот план“.

„Соросовиот план“ е вусшност пропагандна лага - дури и не многу вешта - со цитати од Сорос кои се измислени, извртени или претворени во спротивност. Но, тоа не го спречува Орбан и неговата владејачка партија Фидес да водат со месеци кампања на подбуцнување против Сорос и неговиот наводен план. Сега унгарската влада прави и чекор повеќе: сака да донесе т.н. „Стоп Сорос“-законски пакет. Парламентарната дебата за пакетот закони почна денеска. 

За критичарите - казнен данок, обврска за пријавување и забрана за влез

Пакетот закони е насочен против дејноста на невладините организации (НВО), кои се една од последните сѐ уште функционални контролни инстанци во Унгарија. Тој се состои од три столба:

- Сите НВО кои во каква било форма придонесуваат за „илегална миграција“ мора да бидат судски регистрирани и редовно да поднесуваат детални извештаи за своите активности

- НВО кои се занимаваат со „илегална миграција“ и кои повеќе од половината од своите приходи ги добиваат од странство, мора на тие приходи да плаќаат казнен данок од 25%

- Унгарските државјани кои се под сомневање дека поддржуваат „илегална миграција“ може да добијат забрана за влез во појас широк осум километри пред надворешната граница на Шенгенскиот простор, а странските државјани кои се под исто сомневање може да се соочат со забрана за влез во земјата

Доколку парламентот ги донесе предложените законски решенија, Унгарија уште повеќе ќе се оддалечи од принципите на правна држава и европските темелни вредности и ќе се приближи кон репресивни состојби како во Русија, сметаат критички настроените набљудувачи. „Се сомневам дека овие законски решенија се уставни и во согласност со европските договори', вели за ДВ политикологот Атила Тибор Наѓи од институтот Мелтанјошаг во Будимпешта. „Во една правна држава невладините организации мора да функционираат слободно. Но степенот на оданочување е толкав, што тие веќе нема да можат слободно да  работат.

Освен тоа, вели Наѓи, државноправно е многу проблематично да се користи политички поим како „илегална миграција“ во правен контекст.

Протести во Будимпешта против владината кампања против Сорос (9.04.2017)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/MTI/Z. Balogh

Тајно примање бегалци

Претставниците на невладините организации во Унгарија се сомневаат дека законскиот пакет предложен во форма во каква што е предложен, може да биде и донесен. „Сосема е јасно дека владата повторно се обидува да ги замолчи критичарите и дека тоа на ваков начин веројатно нема да може да го постигне“, нагласи за унгарските медиуми Мате Шабо, директор на „Друштвото за слободарски права“, една од најважните унгарски организации за граѓански права. Шабо укажува дека веројатно нема да има правна основа за оданочување на приходите поради нивното странско потекло.

Повеќе:

ЕУ презема мерки против Унгарија поради законот за НВО

Национализам кој доаѓа од Исток

Шокантна анти-Сорос кампања во Унгарија

„Стоп Сорос“- законскиот пакет пред сѐ има ПР-функција, зашто на 8 април во Унагрија се одржуваат парламентарни избори. Според истражувањата на јавното мислење, нема сомнеж дека ќе победи Фидес, дотолку повеќе што изборниот закон е скроен според потребите на владејачката партија. Критичките истражувачи на изборите и правни експерти затоа велат дека изборите во Унгарија се слободни, но се одржуваат во нефер рамковни услови. Но, дури и така двотретинското мнозинство за Орбан е под знак прашалник. Затоа, веруваат многу набљудувачи, Орбан со најави од типот на „Стоп Сорос“-законскиот пакет оди на карта на максимална поларизација во кампањата.

Покрај тоа, законскиот пакет доаѓа во исклучително непријатен момент за владата. Еден државен секретар од унгарското МНР неодамна несакајќи откри дека владата „тајно“ примила 1.300 бегалци, што е повеќе од квотата од 1.294 бегалци која власта со сите сили ја отфрла. Со оглед на тоа, опозицијата сега - шегувајќи се - прашува како стојат работите со наводно толку големата опасност од мигрантите.

Оној кој им помага на бегалците во Унгарија е соочен со казнаФотографија: picture-alliance/Zuma Press/London News Pictures/P. Hackett

Замолчување на критичарите

Меѓутоа, Орбан со „Стоп Сорос“-законскиот пакет може да е и навистина сериозен. Конечно, минатата година и покрај големите критики дома и од странство, веќе беше донесен првиот закон против невладините организации. Тој закон ги обврзува невладините организации да се декларираат како „финансирани од странство“ и да се внесат во соодветен јавен регистар доколку нивните приходи од странство пречекоруваат одреден износ. Веќе овој закон силно потсетуваше на рускиот пандан од 2012 година, со кој невладините организации можат да бидат етикетирани како „странски агенти“.

За неделникот „хвг“ актуелната состојба е сосема јасна: „'Стоп Сорос'-законскиот пакет во прва линија е предизборен маневар, но доколку овој ПР-производ на 8 април донесе успех, власта може да продолжи да се движи во познатиот правец без да има општестевни дебати.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми