Стотици визи за имами во Германија
21 мај 2018Севим Дагделен нема разбирање за потегот: „Германската влада или е премногу наивна или неодговорна", негодуваше на социјалните мрежи потпретседателката на пратеничката група на партијата на Левицата во германскиот Бундестагот. Причина за фрустрацијата на Дагделен е тоа што германската влада и во 2017 година дозволи влез во Германија на стотици турски имами на Турско-исламската унија на институцијата за религија, Дитиб. Како што може да се види од одговорот на германското министерство за внатрешни работи на прашање на пратеничката група на Левицата, 350 имами добиле работни визи со важност од 180 денови. Од одговорот исто така се гледа дека министерството нема сознанија дали имамите по истекот на визата ја напуштиле земјата или можеби поднеле барање за азил.
Скандали од скоро минато
Дитиб, најголемото здружение на џамии во Германија, со 960 џамии и над 800.000 муслимански верници е постојано мета на критики. Минатата година се објави информација дека турските имами на Дитиб ги шпионирале своите верници во Германија. Свештениците требало да собираат информации за приврзениците на движењето на Ѓулен и да поднесат извештај во турскиот генерален конзулат во Келн. Турција го смета верскиот водач Фетула Ѓулен за одговорен за обидот за пуч од јули 2016 година. Германското јавно обвинителство покрена истрага за случајот со шпионирање.
Повеќе:
-Германија - „Кога горат џамиите, гори нашата земја“
-Молитви во Германија за војна?
Покрај ова се случи и внатрешен спор: кон средината на 2017 година целото раководство на младинската организација на Дитиб беше сменето. Причина за тоа било тоа што во организацијата биле промовирани многу либерални тенденции.
Пред неколку недели се случи нов скандал: од повеќе џамии кои се членки на Дитиб во јавноста стасаа слики и видеа со деца војници во воени униформи. Децата потсетуваат на битката кај Чанак кале во која во Првата светска војна трупите на основачот на турската држава Кемал Ататурк ги победиле сојузничките сили. Дитиб побрза со соопштение за јавноста да го осуди ова, но штетата во јавноста веќе подолго време е сторена.
Нарушен углед поради блискоста со Анкара
Експертот за Турција, Кристоф Рам работи на Универзитетот во Берн. Тој за Дојче Веле вели дека Здружението има нарушен углед. Дитиб по обидот за пуч во Турција стана „лошо момче". Клучните зборови кои се поврзуваат со она што го правеше Дитиб во Германија, на пример, за време на референдумот се обвинување за шпионажа", „политиката на Ердоган" . „Всушност тие си лобираат за турската држава во Германија", истакнува Рам.
Дитиб кој формално е независно германско здружение е всушност многу близок со Анкара. Имамите кои држат служби во џамиите на Дитиб доаѓаат и се платени од турските религиозни власти Дијанет Ишлери Башканлиги. Иако Турција е секуларна држава на хартија, Дијанет се смета себеси за бедем против верскиот екстремизам и редовно ја нагласува својата „политичка неутралност“, иако организационата шема на организацијата е во спротивност со овие принципи. Прво, директорот на Управата директно го назначува турскиот претседател. Од друга страна, од основањето на Дијанет во 1924 година целта на организацијата била пропагирање на исламот во согласност со идеите на турската држава. Со 117.000 вработени и речиси 87.000 џамии, денес таа е една од најголемите државни институции во Турција.
Пари од јавни фондови
Поради овие причини негодува Севим Дагделен кога станува збор за улогата на Дитиб во Германија. За заменик претседателката на пратеничката група на партијата на Левицата во парламентот е апсурдно тоа што „едно здружение кое треба да го поддржува зајакнувањето на демократските процеси во Германија, и кое западна во шпионска афера и е инволвирано во случаи на заплашување на критичарите на Ердоган и прогон на неистомислениците, воопшто функционира во земјата“.
Фактот дека речиси ништо не се промени по последните скандали го потврдува и следниот пример: Дитиб се уште добива пари од германската држава. Откако по скандалот од 2017 година финансиската помош за здружението беше прекината, од скоро време повторно функционира. Од 2012 година до сега Дитиб од јавните фондови има добиено над шест милиони евра.