1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици милиони евра за Газа

Х.А.Циглер / Е.М.Фиданоска12 октомври 2014

На конференцијата во Каиро посветена на обновата на Појасот Газа ветена е голема финансиска помош од страна на САД и Европа. Палeстинските автономни власти проценуваат дека за обнова се неопходни околу 3 милијарди евра.

Фотографија: REUTERS/M. Salem

Радикално-исламскиот Хамас е повеќе од јасен. Шефот на Хамас, Исмаил Ханија, констатирајќи дека ветувања дадени на претходни конференции не се остварени, рече: „Овојпат мора да се влеат многу пари. Ние не сме питачи, но нашиот народ даде големи жртви и меѓунaродната заедница има одговорност да го обнови она што (израелската) окупаторската сила го уништи во својата нечовечка војна во Газа“, изјави Ханија.

САД и Европејците ветија милионска помош

САД и Европејците на донаторската конференција во Каиро ветија троцифрена милионска помош за обнова на Појасот Газа. ЕУ на располагање треба да стави вкупно 450 милиони евра, изјави првиот европски дипломат, Кетрин Ештон. САД, според наводи на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери, ќе дадат 212 милиони долари (околу 168 милиони евра). Германија, покрај учеството во помошта на ЕУ, ќе даде и 50 милиони евра во форма на билатерална помош.

„По војната и уништувањето луѓето во Газа се итно упатени на наша помош за обнова“, соопшти шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер. Германија сака да помогне во снабдување на населението со најнеопходните работи за живот во густо населените палестински територии. „И сакаме да им пружиме поддршка на палестинските автономни власти во повторното преземање на одговорноста во Газа.“ Во изјавата од Берлин, меѓутоа, германскиот министер ја врзува помошта со услови: „Газа веќе не смее да биде злоупотребувана од Хамас и други екстремисти како депо за оружје и луѓето во Газа мора да добијат економски перспективи и слобода на движење.“

Фотографија: Reuters/M. Abd El Ghany

Двете работи мора да се обезбедат во разговорите за трајно примирје меѓу Израел и Палестинците, побара Штајнмајер, кој во Каиро е претставуван од страна на државниот министер за Европа во Министерството за надворешни работи, Михаел Рот.

Многу загинати, многу уништување

Во Каиро, на покана на Египет и Норвешка, претставници на околу 50 земји и 20 меѓународни организации разговараат за финансиска помош за обнова на Појасот Газа. Во седумнеделната војмна меѓу Израел и екстремистичките палестински групи во текот на летото загинаа повеќе од 2100 Палестинци и 73-ца Израелци. Израелските воздушни напади предизвикаа и големи уништувања кои сега треба да се поправат со меѓународна помош.

Во минатото, постојано беа инвестирани големи суми пари за обнова на палестинската енклава. Појасот Газа на три пати беше многу уништен во војните против Израел откако на власт таму е радикално-исламскиот Хамас. Финансиската помош честопати се покажуваше како буре без дно.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми