Голем број затвореници Палестинци сметаат дека затворските услови во Израел се екстремно лоши. Околу 1500 од нив поради тоа почнаа штрајк со глад.
Реклама
Бројот на штрајкувачите, според наводи на ополномоштеникот на палестинските автономни власти за прашања на затворениците, би можел и да се зголемува. Ваква акција на затворениците немало со години, а почетокот на штрајкот се поклопува со палестинскиот ден на затвореници.
Палестинското здружение на затвореници соопшти дека затворениците бараат подобрување на условите во затворите, како подолго време за посети и пристап до јавни говорници. Палестинската политичарка Ханан Ашрави го критикуваше Израел и за задржување во затвор „од безбедносни причини“ без обвинение.
Штрајкувачите се одзваа на повикот на познатиот затвореник Марван Баргути. Овој политичар е осуден на доживотна казна затвор, но се надева на ослободување и на политички камбек. Баргути беше водач на втората Интифада (од 2000 до 2005 година). Тој важи за еден од најпопуларните политичари на движењето Фатах и, според анкетите, би можел да победи на претседателските избори.
Според палестински наводи, во Израел во затвор во моментов се наоѓаат најмалку 6300 Палестинци. Израелскиот весник „Хаарец“ пишува дека бројот на затвореници во последните 18 месеци е значително зголемен. Од почетокот на новиот бран насилство во 2015 година, Палестинци постојано напаѓаа Израелци со нож или извршуваа напади со автомобили.
Израел за време на т.н. Шестдневна војна во 1967 година ги освои, меѓу другото, Западниот брег и Источен Ерусалим. Подоцна Источен Ерусалим беше анектиран, а на Западниот брег, под заштита на армијата, се градеа еврејски населби. На Западниот брег живеат околу 2,9 милиони Палестинци.
Израелските населби на палестински територии
И покрај протестите и политичките предупредувања, израелскиот парламент донесе закон со кој се легализираат илегалните населби на палестинските територии. Критичарите велат дека тоа значи крај на решението „две држави“.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
На палестинските територии има повеќе од 200 населби
Според податоците на организацијата за човекови права Бетселем, на Западниот брег и во Источен Ерусалим од 1967 до средината на 2013 година се изградени 125 официјални израелски населби и околу сто „диви населби“. Израелските власти, според Канцеларијата на ОН за хуманитарна помош (ОЦХА), за изградба на населби на палестински територии заплениле 35 проценти од површината на Источен Ерусалим.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
Нема шанса за мир?
Во моментов еврејска населба се гради во Хар Хома, на Западниот брег, меѓу Ерусалим и Витлеем. Водечки претставници на Палестинците оценуваат дека израелската политика за градење населби го уништува решението „две држави“ и го спречува мирот со Палестинците. Изградбата на населбите на палестински територии е критикувана и во меѓународни рамки.
Фотографија: picture alliance/newscom/D. Hill
Израел конфискува палестински приватни имоти
Новиот закон за ретроактивно легализирање на станови на доселеници на Западниот брег и во Источен Ерусалим е спорен. Со него се погодени 16 населби. За еврејските доселеници да можат да останат каде што се, предвидена е финансиска отштета за Палестинците кои се сопственици на земјиштето.
Фотографија: Reuters/A. Awad
Уривање на Амона
Новиот израелски закон не важи за куќите на доселениците за кои веќе има судска одлука за уривање. Партијата на доселениците имаше намера со законот да спречи принудно расчистување на населбата Амона. Сепак, куќите на 40 семејства беа испразнети минатата недела, а само четири дена потоа се почна со уривање.
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Coex
Барикади и безредија
Одлуката на израелскиот Врховен суд за уривање на Амона беше донесена уште на крајот на 2014 година. Рокот беше повеќепати одлаган. Десните групи и доселениците до крај се обидуваа да спречат евакуација и уништување на местото. Многумина доаѓаа од други места специјално за да демонстрираат. И на спротивната страна имаше насилни протести на Палестинците.
Фотографија: Reuters/M. Torokman
Ескалација при принудното иселување
Жителите на Амона веруваат дека Западниот брег, окупиран од страна на Израел од 1967 година, е дел од територијата која Бог во Библијата му ја наменил на еврејскиот народ. На Западниот брег и во Источен Ерусалим живеат околу 600.000 Израелци. Меѓу доселениците и Палестинците постојано има судири.
Фотографија: Reuters/M. Torokman
Нов дом
На приватни имоти на Палестинци спротивно на законот се изградени околу 4000 станови. Тие треба или да бидат испразнети, или со новиот закон треба да бидат ретроактивно легализирани. Многу од жителите на Амона имаат нов дом во соседните населби, како овде, во Офра.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
Принудно иселување во Офра
Но и во Офра има нелегални куќи. До 5 март тука треба да бидат испразнети девет куќи кои се изградени на приватен имот на Палестинци. Куќата мора да ја напушти и семејството Бен Шушан.