1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Стравот во медиумската сеприсутност

2 март 2020

Треба да се учиме да го победуваме постојано егоизмот и да се отвориме кон другите луѓе. Тогаш нема да не плашат ни бегалците, ниту болестите. Оти ќе знаеме дека секогаш можеме да сметаме на солидарноста на другите.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Да беше друго време, тоа пред интернетот, за да ги дознаам најновите податоци за инфицираните со корона-вирусот во Германија, требаше прво да одам во  киоскот зад аголот и да купам дневен весник. Еден клик рано изутринава  и веќе го знаев бројот на инфицираните од коронавирусот денеска  на 2-ри март, во Германија. 130 луѓе. Од нив 74 во покраината во која живеам, Северна-Рајна-Вестфалија. Која, патем, е најгусто населена во 17-те милиони жители. Во тој сооднос 74-мината се чинат  не толку сериозна бројка, меѓутоа густата населеност го овозможува брзото ширење на болеста.  Што значи, мерките на претпазливост се оправдани. Доколку се размислува и постапува разумно, најдобрата заштита од корона-вирусот е да се придржуваме за правилата на хигиена кои ги  препорачуваат лекарите. Да се мијат често рацете, да не се ракуваме, да стоиме на  растојание од еден метар од луѓе кои кашлаат, да се дезинфицираат кваките, да се избегнуваат големи собири и ткн. Тие заштитни мерки, впрочем,  важат секоја зима кога владее сезонскиот грип.

Светот денес нѝ дојде дома. На дофат нѝ е во секој миг. Тоа е благодатта на модерната комуникација. Таа, притоа, често станува искушение. Особено  кога невидливата  „мрежа” околу нас  информира за катастрофи. Затоа што  во нас брзо се раѓа страв и несигурност. Сепак, стравот од заразата почна полека и невидливо да го контролира германското секојдневие. Во продавниците во саботата немаше макарони и млеко со подолга трајност. Иако на улиците нема луѓе со маски, сепак, во аптеките и дрогериите  нема средства за дезинфекција. Тие знаци говорат за паника. Тие луѓе не реагираат панично заради некоја видлива загроза, туку заради  ирационален страв од непознатото. Иако  вчера  во ударните телевизиски вести  во Германија корона-вирусот беше на второ место. На првото се најде опасноста од новите бегалски бранови, откако Ердоган ги отвори границите за бегалците. Стравот од бегалците  им го сугерираат на граѓаните во западните општества  деничарските партии и неофашистичките идеологии особено по  2015-та, кога Германија прифати еден милион бегалци. Невидливата хибридна војна, која ја водат центрите на моќ  од кои се шират теориите на заговор,  го поттикнува систематски стравот од непознатото. Бегалците се израз на туѓото, непознатото страдање, од кое, кога реагираме без сочувство и човечност, се заштитуваме несвесно стигматизирајќи ги како зло. Дифузниот, нејасен, ирационален страв од бегалците е идеолошки, а не биолошки. Човекот кога реагира според човечноста е солидарен и сочувствителен. Само кога тој идеолошки веќе е преформиран со страв од туѓото, тој регира со  одбивање и омраза. Стравот ги „дехуманизира”  сликите што ни ги испраќа  интернетот. Само така сликата од  редицата бегалци, која ја предводи млад маж со бебе в раце, не ја препознаваме повеќе болката и страдањето од војните кои веќе неколку години се водат во Сирија. Стравот многу полесно го  предизвикува нашата  глобална можност за брзи информации, доколку не сме способни за диференцирано размислување.

Веста за чудната нова болест од коронавирусот во далечната Кина стигна до нас уште на крајот на декември 2019-тата. Ама тогаш таа уште беше на другиот крај на светот. Сепак, новата година започна со катастрофи. На нејзиниот почеток  долго во пеколни пожари гореа големи делови од Австралија. Секој ден ги гледавме стравотните слики од пеколот во кој се најдоа илјадници животни. Ја гледавме изгорената земја, гламјосаните дрвја. Ама и тоа беше на другата страна од земјината топка. И затоа имагинарно и нереално за нашата прецепција. Нашиот ум, нашата имагинација останува неспособна за реална претстава на просторно далечното, колку и да ни сугерира новата комуникација со интернетот дека ние во секој миг сме насекаде. Ние не сме насекаде. Ние можеме да бидеме реално само на едно место. Тоа го знаат нашиот ум и нашите сетила. Затоа некогаш нашата перцепција на светот реагира парадоксално. Со страв и паника. Сликата тогаш останува фантомска, нереална, виртуелна. Затоа, после првиот шок, сликите од катастрофите и војните кои секое утро не поздравуваат не само на телевизиските екрани, туку и на социјалните мрежи, ги доживуваме само виртуелно и имагинарно. Затоа што навистина  се далеку од нашиот свет. И веруваме дека тие нема никогаш да нѝ се случат нам. Само ретко се  сепнуваме и стануваме свесни дека   гледаме реално стравотни слики, додека спокојно пиеме кафе, додека седиме во трамвајот и од здодевност пребаравуваме во интернетот  преку мобилниот телефон. Нашата рамнодушност со која ги примаме тие информации и слики е нашето искушение. Таа рамнодушност, секако, е привид. Затоа што е доволно да помислиме дека таа катастрофа може да дојде и кај нас, за да не обземе паника и хистерија, како што се случува деновиве со можната епидемија.

Во последните десетина години медиумската сеприсутност се заканува  целосно да го контролира односот на кој реагираат  луѓето не само на околината, туку на светот воопшто. Тоа што  некогаш се нарекуваше информатичко општество, кое беше услов за глобализацијата како стопански проект, денес се преобрази во целосна медиумска сеприсутност. Светот навистина стана глобално село. Притоа, не значи дека луѓето имаа доволно време да ги прилагодат и преобразат своите перцептивни способности на новата медиумска и информативна состојба. Напротив, виртуелната реалност која ја создаваат модерните медиуми, замислени како мрежа во која е обвиен светот во буквалната смисла,  создава се‘ повеќе осамени конзументи, чиј светоглед  може да биде контролиран и моделиран од центри на моќ со досега  во историјата незамисливи размери. Осамените конзументи, меѓутоа, остануваат одвоени монади, кои комуницираат само виртуелно меѓу себе, дури и кога од нив се создава униформирана маса од симпатизери на  десничарска или фундаменталистичка идеологија. Во тоа е најголемото искушение на модерната технологија. Затоа што осаменоста на конзументите коинцидира во непредвидлива маса која е „инфицирана” од истата идеологија. Фразите на фанатичниот патриотизам  ги повторуваат папагалски и македонски иселеници во Австралија и македонски граѓани во Скопје или Битола. Неофашистите ги говорат истите нешта и во Данска и во Германија и во Хрватска и во  Бугарија. Тие луѓе никогаш не мора да се сретнат, а сепак се идентични во своите реакции и мислења, примени и сугерирани преку модерните медиуми. Тој факт е особено погубен кога  виртуелната стварност за некои луѓе ќе стане единствената стварност, како што беше случајот со атентаторот во германскиот град Ханау.

Други колумни од Кица Колбе:

-Естетскиот вкус и хуманоста

-Македонските пазари

-Гоце Делчев - биографија над сите балкански национални граници

Дури и кога не се работи за вакви екстремистички феномени, кои сериозно го загрозуваат политичкиот поредок во  државите, сеприсутноста на интернетот веќе одамна е длабоко  навлезена во  основната структура на нашето секојдневие. Мрежната поврзаност на светот овозможува молскавично пренесување на вестите и инфрмациите  од едниот крај на светот на другиот. Секако, сите профитираме од предностите на брзата комуникација и пристапноста со еден клик на сето „знаење на човештвото“ за секого и насекаде. Напишете ја на Гугл само половината од некоја прочуена реченица од роман на  Достоевски или драма на Шекспир, а  „мрежата” веднаш ќе ви го покаже целиот пасус од делото.  Но, таа демократизација на инофрмациите не делува секогаш  благопријатно врз нашите животи.  Интернетот и нашата постојана вклученост во протокот на информациите не‘ менува и преобразува, особено доколку некритички го ползуваме. Човекот не смее да се  редуцира само на конзумент на информациите. Тој мора да биде критички субјект и во ползувањето на медиумите. Затоа постојано треба да се прашаме дали со неговото ползување стануваме послободни и подемократски, космополитски и  толерантни  кон непознатото. Дали безбројните информации  ни помагаат да станеме  критички мислечки личности? Имено, ние можеме  да ја контролираме нашата способност за реакција само кога сме критички кон сопственото однесување. Интернетот, модерните комуникации се средства, алатки и медиуми. Тие не смеат да владеат со нас, како што е  кога стануваме зависни од нив. Како ќе ги ползуваме, зависи од нас. Што значи, модерното образование мора да  почне да ги учи децата и младинците како критички и разумно ќе ги ползуваат модерните медиуми. 

За среќа, во времето на катастрофи има и позитивни искуства. Прекинатите транспортни врски со Кина заради коронавирусот  го погодија и стопанството. Пред некој ден прочитав дека модната индустрија стравува дека пролетната и летната мода нема да стигне навреме. Во тој миг ми стана јасно колку, во нормални услови, без страв од катастрофи и епидемии, сите сме станале робови на конзументскиот диктат. Меѓутоа, не мора секоја година да  има нова мода. Катастрофите може  да не научат да ги ограничиме нашите секогаш нови и нови потреби. За да ја најдеме мерата во сите нешта. Впрочем, катастрофите, климатските промени настанаа затоа што човештвото одамна ја има изгубено мерата. Мерата во сите нешта, од желбата за профит и неограничен прогрес, до мерата во односот со другите луѓе. Теодор Адорно во шеесетите беше напишал дека вистинскиот прогрес би бил да се истапи од прогресот, да се  прекине неговата налудничава брзина. Токму такво сознание му е  потребно на човештвото во овој миг. За да се вратиме на мерата на човечноста и солидарноста, на сочувството и скромноста. Но, пред се‘, да се свестиме дека кон природата, кон ресурсите треба да се однесуваме со мудрост, грижа и благодарност. Треба да се учиме да го победуваме постојано егоизмот и да се отвориме за другите луѓе, со кои треба да делиме сѐ. Тогаш нема да не плашат ниту бегалците, ниту болестите. Оти ќе знаеме дека секогаш можеме да сметаме на солидарноста, на помошта од другите.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми