1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот Димета го чува

1 ноември 2016

Диме Спасов е арогантен и безобразен, бидејќи знае дека неговите политички ментори во изминатата деценија изградија култура на непризнавање вина. И дека таа „култура“ ќе ги покрие неговите лудории со „законски одлуки“.

Mazedonien Dime Spasov stellvertretender Minister für Soziales
Фотографија: MIA

Веќе четврти ден сме сведоци на сите возможни и невозможни обиди со кои ВМРО-ДПМНЕ бедно се обидува да му даде на Диме Спасов улога на жртва. Но, со тоа уште поупорно ја уверува јавноста дека Македонија има многу поголем проблем од неодговорното и неморално однесување на еден заменик - министер.

Диме Спасов може да биде и неизживеан, и неодговорен, и да нема текнувало дека треба да си даде оставка и јавно да им се извини на граѓаните. Може да си мисли дека државните ресурси се негова детска градинка, дека постојат за да може тој раскалашено да си игра со службените автомобилчиња, да си прави градско рели, и дека не постои полиција што смее да го запре. А, ако тоа евентуално се случи во некоја „Алжирска“,секогаш има доволно Минхаузеновски приказни со кои ќе ги неутрализира нивните активности.

И во право е што така си мисли, бидејќи како човек „од внатре“ точно знае колку неговите политички ментори цела деценија упорно градат култура на непризнавање на вина.

Во тој проект е инвестирано најмногу. Многу повеќе и од „Скопје 2014“. Неговиот работен наслов е „Македонија - таа наша чудесна прчија“. Диме Спасов денес може да биде и арогантен и безобразен затоа што знае дека неговите лудории ќе бидат покриени со „законски одлуки“. Молкот не беше случаен. На партијата ѝ требаше време да се соземе, да ги испегла првичните глупости направени во неговата паника - од лажно пријавувување на наводен возач на „Туарегот“, преку криминалистички филмчиња во кои ни децата од градинките не веруваат. И откако „чесно“ се изрезилија, решија да преминат на „легалистички“ пристап. Тоа го покрија со соопштение од Агенцијата за вработување (АВРМ), институција на чиј возен парк денес може да ѝ позавидат најуспешните дистрибутери на возила во земјава.  

„За користење и управување со овие возила на Агенцијата, директорот издал и соодветни овластувања. Во надлежни институции постои документација од која јасно може да се констатира дека не станува збор за каква било злоупотреба од страна на Агенцијата. Сите преземени дејства од страна на Агенцијата за вработување се поткрепени со соодветни докази и документација и не постои никаква злоупотреба на нејзиниот имот и средства“, соопшти АВРМ.

И да не се сомневате дека се поткрепени со соодветни докази. Партијата во чиј вокабулар најчесто споменувани зборови се „креирано и монтирано“ најдобро знае како се прави тоа. Ако треба - и антидатирано. Проблемот настанува кога тоа ќе биде „откриено“. 

Но, сега можете да заборавите на објективна проверка дали и какви креации се правени во изминативе денови во архивата и документацијата на АВРМ. Таа работа тешко ќе оди. Треба ли да се потсетиме на еден разговор од „бомбите“, во кој Гордана Јанкулоска го убедува Никола Груевски дека писмо од архивата на МВР навреме го земала и сокрила кај неа (за случај со сопругата на Иванов). И ако некој денес побара од надлежниот Инспекторат да ги провери документите и можните марифетлуци во АВРМ, да не се сомневате дека наодот ќе биде „чист“. Случајно или не, токму сопругот на Јанкулоска, е именуван за претседател на Инспекцискиот совет. Па секој што ќе сака да ги провери фактите во АВРМ, сега таму ќе може да си брка единствено „покемони“. 

Фотографија: DW/K. Blazevska

Тоа најверојатно ќе биде епилогот во земја, каде декларираната демохристијанска партија десет години работи на секакво умртвување на прашањето за моралната и политичката одговорност на нејзините претставници. Во светот не постои безгрешна власт. Не постои ни во најзрелите демократски системи, а уште помалку во Македонија, која инсталира клептократска демократија и лажен легализам поставен врз континуитетот на беззаконието, ставен во погон на божем, националната и државна причина. Резултатот од тоа е - спектакл од простаклаци, несанкциониран волунтаризам и криминал и поле за промоција на деструктивни нагони.

Ако ги прашате психијатрите, немаат дилема. Пред нив е типичен егземплар на функционер и партија кои се соочени со сепарационен страв. Тој се дефинира како инфантилно чувство кај децата - рационална реакција поради страв дека оние што се грижат за нив ќе ги напуштат, и е типично за периодот кога ќе тргнат во градинка. Но, кога станува збор за возрасни, тој страв е регресивна реакција и се јавува кога одредено возрасно лице не сака да признае вина. Станува збор за, по пририода инфериорни лица, кои одржуваат односи на силна симбиоза со некоја моќна фигура или структура (партија) која се грижи за нив и ја презема одговорноста за нив. Тие се плашат дека поради признавање на грешката ќе бидат отфрлени (екстернализација на инфериорноста) и затоа развиваат претстави кои им отвораат можности тоа да не се случи. Но, тој страв ја завладува и моќната фигура/партијата, бидејќи ако ја признае вината на поединецот, може да биде отфрлена од уште помоќна структура - од оние кои ѝ помагаат да дојде на власт. Се плаши од казната од народот. Затоа и се обидува да ги скрие грешките.

И затоа на Диме Спасов сега најверојатно ќе му обезбедат „одлука“ во која ќе пишува дека „Туарегот“ (и не само тоа возило) мора да го вози токму тој и никој друг, во секое време и на секое место. И веруваат дека тоа ќе биде крај на дискусијата, и доказ за надалеку прочуената безгрешност на партијата. 

Да, можат да го направат тоа. Може и да ги искешираат сопствениците на оштетените возила, за да признаат дека биле непрописно паркирани и дека му се испречиле на Диме на патот. Можат и да го унапредат Диме, да му кренат споменик, да нарачаат фан-страница на која партиски скрибомани ќе сечат вени за неговата невиност. Но, од Диме Спасов не ќе можат да направат морален лик. Неговата кариера е завршена, без оглед дали ќе остане на функцијата. По целата оваа одбранбена фарса, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ е загрижен за моралот колку за ланскиот снег. Но, мора да знаат дека граѓаните се загрижени за тоа каков „модел на однесување“ брани власта. Загрижени се и родители, баби и дедовци (она големо гласачко пензионерско семејство на кое власта смета), а на чии внуци Спасов им раскажува прикаски за безбедност во сообраќајот, за добрите чичковци полицијаци кои го штитат јавниот ред и мир (а на кој тој не им верува) и за разни „мини-фини буџетчиња“ што тој успева да ги потроши така брзо и лесно во една ноќ.   

Загрижени се и психолозите. Укажуваат дека во вакви ситуации постои само еден излез: да се признае грешката, да се даде извинување и да се преземе одговорноста. Ако тоа го учат малите деца, мора да го научат и големите (недораснати) министри.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми