1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врз грбот на жените

27 август 2021

Во суровоста и насилството кое талибанците го применуваат врз жените се забележува и нешто друго, а тоа е автентичен страв од жената. Пишува Ивор Мицковски

Karikatur von Vladdo | Taliban Rechte von Frauen in Afghanistan

Забележавте ли дека на видеата со хаосот на аеродромот во Кабул речиси и да нема жени. Каде се жените, зошто бегаат највеќе мажи?!

Зошто и тие уплашени мажи, татковци, синови, не им помогнале на жените од својот живот? Зошто во најголем дел ги оставиле сами и зошто не се гледаат ниту деца на тие видеа исполнети со паника и хаос? 

Испаѓа дека жените во Авганистан се двојно напуштени - и од Западот кој ветуваше слобода и демократија и од мажите кои во најголем дел беа соработници и работеа за Западот. 

Жените најверојатно се кријат по подруми и дупки, не ги напуштаат децата и старите, но колку долго можат жените да се кријат, кога ги чека монструозната талибанска интерпретација на Шеријатот. 

Ги чека затвор, со една ѕирка за очите, свилен саркофаг на машката препотенција и неговата доминација над моќта и принудата. Жените, заедно со децата, се најголемите жртви од талибанското освојување на власта. 

Тоталитарна идеологија 

Проблемот со талибанците и „радикалниот Ислам“ лежи во неговата есенција или суштина. Таа се базира на убедувањето дека муслиманите се потценети и дискриминирани затоа што се потчинети од странски сили или корумпирани лидери, па оттука, одговорот лежи во враќање кон корените на Исламот, преку креација на држава, која не се базира на националното, туку на религиозното. Таквата држава претпоставува дека сите аспекти на општеството и политиката треба да бидат раководени од една тврда догматска, идеолошка и фундаменталистичка интерпретација на Исламот. 

На тој начин, исламската религија се трансформира во политичка идеологија, која во својата природа е екстремна и исклучителна, бидејќи во свет составен од многу вери, култури и вистини, таа застапува позиција дека постои само една единствена вера и вистина и дека сите треба да се прилагодат на неа. 

Ивор Мицковски, колумнистФотографија: Privat

Со други зборови, религијата се претвора во тоталитарна политичка идеологија. Тоталитарните сили власта најчесто ја освојуваат и одржуваат преку употреба на сила и насилство, а во тој потфат, не случајно токму жените се првата цел и жртва на тоа насилство - физичко, идеолошко, но и политичко. Поточно, бидејќи секоја идеологија тендира кон тоа да го потчини плуралниот карактер на реалното и да го асимилира кон сопствениот тесен идеал, идеологијата во својата основа е предполитичка, трибална и фанатична. 

Стравот од жената

Тоа веќе го видовме со талибанците во 1996 година, но истото го сведочиме и на многу други места, било тоа во Иран, Саудиска Арабија или насекаде низ Блискиот исток и исламска Африка. Жените, нивната култура, нивната историја, слобода и права се најчесто првата цел за освојување на секој тоталитарен поредок. 

Тоа е пред се така затоа што жените претставуваат една алтернативна идентитетска или идентификациска визија и реалност, затоа што постоењето на нивните права и слободи се коси со маскулинистичката, мачоистичка и шовинистичка интерпретација на светот, односите и општеството. 

Но, во суровоста и насилството кое талибанците го применуваат врз жените се забележува и нешто друго, а тоа е автентичен страв од жената, пред се затоа што жените го претставуваат она на што тие се обидуваат да му го негираат постоењето. Стравот пак секогаш генерира омраза. 

Авганистански девојчиња на настава по англиски јазик во средно училиште во КабулФотографија: Paula Bronstein/Getty Images

Маскулинистичката хетерофобија на талибанците во Авганистан добива своја програмска димензија во рамките на едно политичко протерување. Веќе видовме дека сите слики на продавниците и локалите во Кабул на кои стоеја женски ликови беа набрзина избришани или варосани. Уште пострашно, слушаме за систематската потера не само врз жените кои се спротивставуваат на старо-новиот режим, туку и врз сите оние жени кои се немажени или вдовици и кои треба да бидат земени како воен плен и награда за талибанските борци. Ја гледаме во исто време трката по бурки, чија цена десеткратко се зголеми по доаѓањето на талибанците. Со други зборови, сведоци сме на еден вид на лов на жени, од простата и едноставна причина - што се жени. Идеолошката претпоставка на која се базира оваа систематска потера е дека: жената онтолошки е извор на корупција и како таква претставува закана за наметнувањето на систем на владеење базиран единствено и ексклузивно на моќта на мажите. 

„Лов на вештерки“ 

Овој прогон по многу нешта потсетува на западниот „лов на вештерки“. И во едниот и во другиот случај, основата на прогонот се базира на сексофобиски пулсации кои не го толерираат постоењето на жената како инкарнација на слободата. Тоа што порано била „вештерката“ денес е жената корумпирана од Западот. И тука лежи суштината на талибанската хетерофобија: омразата кон жената е омраза кон светот. Ако светот е отворено место, простор за размена, за врски, за контаминација, за плурализам и за слобода, тогаш жената го симболизира светот. Затоа, другоста на жената е сфатена од страна на талибанците како хомологна за анархизмот на Западот и демократијата. Но, слободата на авганистанските жени не е нешто западно. Исто како што праксата да се каменуваат жени, да се примора на брак 9 годишно девојче или да се затвори жената зад бурка, нема никаква врска со авганистанската или муслиманската традиција, религија или култура. Тоа има врска само со тесноградата и насилна интерпретација на нештата од стана на мажите. 

Во идеолошката слепост на талибанците прогонот на жената како симбол на слободата се базира на вечната религиска заблуда за чистотата. Демократијата, еднакво како и жената е црвот кој може да ја расипе чистата и незагадена вредност на Идејата. Идејата е апсолут и затоа тие кои мислат дека се носители на идеолошкиот мандат немаат милост, немаат осет, немаат чувства, просто кажано, немаат срце. Ваквата екстремна религиска и политичка идеологија е минерална, таа манихејски го дели светот на чисти и нечисти, на добро и на зло. Во оваа анахрона шема на талибанскиот фундаментализам, жената, исто како и демократијата, очигледно се на страната на злото, на гревот и на нечистото. 

Сепак, како што знаеме од психоанализата, идеалот за чистотата секогаш бара да постои нечистотата. Во конкретниот случај, според талибанскиот делирум, во сексуалната слобода е сконцентрирана нечистотата која треба да се отстрани по секоја цена. Зошто? Затоа што „ловот на вештерки“ против жените ја анулира или минимизира својата спротивставена пулсација: толку посакуваниот рај за талибанците полн со жени-девици кои се нудат без никакви ограничувања. Како што психоанализата ни има потврдено, зад секоја голема фобија се крие длабока привлечност кон она што се отфрла или потиснува со жестока и фанатична упорност. 

Тоа е Авганистан за жените денес, предполитички идеолошки кошмар каде моралниот суд на мажите му претходи и го ориентира политичкото и општественото. Живот, религија, политика, идеали, држава и машкост изградени врз грбот на жената. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми