1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот од грекзит ги празни банкоматите

СН/ртр/дпа/афп27 јуни 2015

Грција стои на работ на бездната на банкрот, откако еврозоната отфрли натамошно продолжување на помошта. Банкоматите во земјата се под вистинска инвазија, а власта се обидува да ја смири ситуацијата.

Фотографија: Reuters/A. Avramidis

Грчката влада ќе продолжи тесно да соработува со Европската централна банка (ЕЦБ) и со грчката централна банка, со цел да обезбеди банките да останат стабилни, гласеше пораката која преку социјалната мрежа Твитер ја упати денеска Јанис Драгакис, заменик-премиер на Грција по средбата со Марио Драги, претседател на ЕЦБ. Западните новински агенции во неа гледаат обид да се смират стравувањата кај Грците за сигурноста на нивните заштеди во домашните банки, по денешната одлука на Еврогрупата да го отфрли барањето на Атина за продолжување на програмата за помош на Грција по истекот на рокот 30. јуни.

Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Уште пред оваа одлука, а по вчерашната најава на премиерот Алексис Ципрас за распишување референдум за барањата на кредиторите, со што се зголеми ризикот земјата да излезе од еврозоната, голем број Грци денеска во долги „опашки“ чекаа пред банкоматите за да си ги повлечат парите од сметките.

Западните медиуми во текот на денот јавуваа дека колоните се зголемуваат, но дека пред банките, кои поголемиот дел се затворени за време на викендот, не се забележува паника меѓу луѓето.

„Грчката централна банка прави се’ што е во нејзина моќ да овозможи добро снабдување на банкоматите со пари и нема да има прекини“, се вели во соопштението на банката. Владини претставници изјавија дека нема планови за воведување контрола над капиталот, со што би се оневозможило повлекување пари од сметка. Сепак, полицијата ги зајакна безбедносните мерки околу банкоматите.

„Грците треба да бидат спокојни, банките нема да ги затворат своите врати“, изјави денеска Панос Каменос, лидер на десната партија „Независни Грци“, коалициски партнер на Сириза.

Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Освен колоните пред банкоматите, во Грција се забележува и поголема побарувачка на гориво на бензинските пумпи, и покрај тоа што нема проблеми со доставата. Западните медиуми соопштуваат и дека во одделни супермаркети во Атина се оформиле долги редови, откако дел од граѓаните одлучиле да подготват залихи од храна и средства за хигиена.

Инаку, на денешната одлука на министрите за финансии од еврозоната и официјално да го отфрлат барањето на Атина за продолжување на програмата за помош на Грција по истекот на рокот 30. јуни, реагираше и Андонис Самарас, лидер на Нова Демократија, најголема опозициска партија во Грција. Тој најави дека во текот на утрешниот ден ќе води разговори со претседателот на државата, кои ќе се однесуваат на одлуката на Еврогрупата и на најавата на Ципрас за референдум, која Нова Демократија ја осуди. Самарас претходно неделава изјави дека е подготвен да учествува во преодна влада составена од сите парламентарни партии, чија задача би била да ја извлече Грција од банкрот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми