1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источното крило на НАТО бара заштита

Роберт Шварц/превод: Ж.А.6 ноември 2015

Девет членки на НАТО од централна и источна Европа во Букурешт побараа дополнителни мерки за обезбедување на источното крило на Алијансата. Тоа е храбар чекор, смета Роберт Шварц.

Фотографија: picture-alliance/UPPA W. Dabkowski

Лидерите на девет членки на НАТО од централна и источна Европа заеднички скокнаа во ладна вода. Во декларацијата што ја потпишаа на заедничкиот мини-самит во Букурешт, побараа нови мерки кои ќе овозможат побрзи и поадекватни реакции во моментно напнатата безбедносна ситуација во регионот.

Пораката на челниците на четири членки на Вишеградската група (Полска, Словачка, Чешка и Унгарија), балтичките држави (Естонија, Летонија и Литванија), како и Бугарија и Романија, првенствено е насочена кон Северноатлантската алијанса. НАТО, според нивно мислење, премногу е колеблив во спроведувањето на одлуката од последниот голем самит одржан во септември 2014 година. Тогаш, во контекст на војната во Украина, беа договорени активности со кои источните држави, членки на Алијансата, би биле заштитени од евентуален агресивен став на Русија. Првенствено стануваше збор за заеднички маневри и за трупи за брзо дејствување во регионот.

Тоа што девет источни партнери од НАТО потпишаа заедничка декларација, претставува новост. На Полска, Романија и балтичките држави очигледно им успеало на своја страна да ги придобијат и преостанатите три земји. Словачка, Чешка и Унгарија досега беа воздржани кога стануваше збор за Русија. Освен тоа, оваа декларација претставува прв чекор во насока која ќе се конкретизира на самитот на Алијансата наредната година во Варшава.

Опасност од запоставување на регионот

Источните партнери, покрај мерките договорени минатата година, сакаат и перманентни заштитни пунктови во своите земји. Сепак, таа желба во Букурешт остана неизречена. Во декларацијата нема конкретни информации околу тоа, веројатно поради обѕири кон Германија и Франција, кои пак не сакаат дополнително влошување на односите со Русија.

Токму од таа причина „старите“ членки на НАТО мораат сериозно да ги сфатат овие барања. „Новите“ му ја „нафрлија“ топката на НАТО, каде би требало да ја прифатат сите членки. Источното крило не би требало да остане „привремен приоритет“, туку би морало да влезе во стратегијата на Алијансата, се наведува во Букурешт. Домаќинот, романскиот претседател Клаус Јоханис, со помирлив тон порача дека е договорено повторно обвновување на дијалогот со Русија „врз основа на заедничкото сфаќање на меѓународното право“.

САД и Западна Европа мораат сериозно да ги земат во предвид стравовите на своите источноевропски партнери. Постои голема опасност, со запоставувањето на оваа важна регионална иницијатива, НАТО да го снајде истата судбина како и Европската Унија. Многумина Источноевропејци, и неколку години по влезот во Унијата, се чувствуваат како граѓани од втор ред. Негативно расположение кон ЕУ и Алијансата би било плодна почва за агресивната руска пропаганда, која е се‘ пораширена во регионот. Тоа го знаат во Брисел, Берлин и Париз. Токму затоа, не се бара премногу кога се бара поголема помош на источните партнери.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми