1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од „руската мечка“ кај источноевропските ЕУ-држави

Зоран Арбутина / Зоран Јордановски10 септември 2014

Источноевропските ЕУ-држави се загрижени поради политиката на Западот спрема Русија. Неа ја сметаат за нерешителна и попустлива. Во Полска, Романија и Бугарија повторно се разбудија старите стравови.

Фотографија: Reuters

Колку што е можно повеќе трупи на НАТО, стационирани колку што е можно поблиску до источната граница - и тоа побргу веќе денес, отколку утре. Тоа би можело да биде резимето на изненадувачки усогласеното мислење во Полска, кога се во прашање очекувањата на земјата во однос на сојузниците од НАТО во сегашната криза во Украина. Со месеци инаку толку поделената полска политика по исклучок зборува во еден глас: агресијата на Путин врз Украина се сфаќа како опасност за безбедноста на Полска.

Повторно се разбудија сеќавањата на трауматската окупација на Полска од страна на Советскиот Сојуз на почетокот на Втората светска војна, како и репресијата по војната, кога Полска беше дел од Источниот блок. Во сегашните настани се гледа избивање на нова ера на конфронтација и сега уште се жали по годините по првите слободни избори во јуни 1989 година. „Тоа беа најдобрите 25 години на Полска за повеќе векови. Сега тоа заврши“, пишува Адам Михник, главен уредник на дневниот весник „Газета виборча“.

Страв од Русија, разочарување од Германија

Од десницата до левицата - сите критички гледаат на воздржаната политика на Германија во однос на Москва. „Во критичен момент Германија не би ја бранела Полска од Русија“, гласи резимето на публицистот Бартош Вјелински во „Газета виборча“. А, Павел Залевски, многу угледен политичар од редовите на владејачката, инаку спрема Германија многу пријателски настроена партија Граѓанска платформа, неодамна дури пишуваше за „германска бомба под темелите на Европа“. Тој тврди дека Германија би ги ставила економските интереси над безбедноста на Источна Европа.

Павел ЗалевскиФотографија: Pawel Zalewski

Самитот на НАТО во Велс на почетокот од месецов во никој случај не успеа да го разувери тој критички став. Полска го смета за грешка опстојувањето на Германија за почитување на темелниот документ за односите НАТО-Русија. Земјата навистина по самитот се чувствува побезбедна отколку пред него, но во коментарите доминира ставот дека е ставен печат врз судбината на Украина оти Западот, кочен првенствено од Германија, не е подготвен сериозно да и’ помогне ни воено, ниту економски. „Црното сценарио е распад на Украина, беспомошност на Европа и продолжение на досегашниот курс од страна на Путин“, предупредува Адам Михник. Тој прогнозира: „Прва на ред ќе биде Молдавија. Наскоро потоа ќе слушаме колку страшно се прогонувани Русите во Естонија и Летонија и дека ним безусловно мора да им се помогне“.

Атомско оружје на источната граница на НАТО

И во Романија со голема загриженост се следи постапувањето на Русија во некогашните советски републики Молдавија, Грузија и сега во Украина. Рационално погледнато, навистина, нема никаква директна опасност за неговата земја, но мора да се биде подготвен за ирационалното, рече неодамна романскиот претседател Трајан Басеску. Со оглед на ескалацијата на состојбата на истокот на Украина, тој ги повика ЕУ и НАТО да ја опремат со оружје украинската армија. За да се запре Русија мора, наместо времето на изјави за намерите и заштитни шлемови, да дојде една нова политика на сила. „Денес е Украина на ред, утре тоа може да го снајде секого“, смета Басеску.

Трајан БасескуФотографија: picture alliance/AP Photo

Сосем конкретни претстави за оружјето што е нужно има поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси. Во интервју за ДВ тој го потврди своето барање за разместување атомско оружје на државите на НАТО на источните граници на Алијансата. „Атомското оружје со застрашувачкото дејство спречи Трета светска војна во 20. век. Тоа би било политички одмерено решение, кое би придонесло за стабилизирање на состојбата“. Со „инвазијата на Путин во Украина“ таков чекор стана неопходен, вели Паси. Тоа претставува „голем безбедносен проблем“ за ЕУ и НАТО и тука мора да се биде активен; економски сакции во овој случај, за жал, не се продуктивни - тие не го импресионираат особено Путин, смета Паси.

Надежи во НАТО

За разлика од поранешниот бугарски министер за надворешни работи, романскиот претседател Басеску за својата земја пред очи првенствено има конвенционално оружје. На самитот на НАТО во Велс тој побара, слично како Полска и балтичките земји, востановување воена база на Алијансата во неговата земја. Романија може и сака да учествува и во одбраната од сајбер-напади, рече Басеску. Во предвечерјето на самитот романскиот Совет за одбрана даде согласност за стационирање на борбени авиони на НАТО, кои треба да бидат вклопени во интегрираниот одбранбен систем на Алијансата. Романија се стреми кон поблиска соработка со партнерите и во областа на военопоморските сили. Причина за тоа е засиленото присуство на руската воена флота во Црното море.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми