Страв од четврти бран на коронавирусот во Германија
Сабине Кинкарц
3 јули 2021
За помалку од сто дена ќе се избира нов состав на Бундестагот. Атмосферата на предизборна кампања во Германија се меша со страв од мутација на коронавирусот и нов локдаун, покажува новата анкета Дојчландтренд.
Реклама
Сѐ би можело да биде убаво. Стигна летото, почнуваат распусти и одмори, бројот на новозаразени со коронавирус се ближи кон нула. Но, тука е т.н. Делта мутација на вирусот, на која отпаѓаат веќе речиси половина од новите инфекции во земјата. Оној кој ќе допатува во Германија од земји во кои доминира оваа варијанта, мора 14 дена да помине во карантин, па макар и да е вакциниран.
Дури 62% од Германците стравуваат од нов бран ковид, што е 12 % повеќе отколку минатото лето. Во превод, сега многу помалку луѓе веруваат дека короната е победена. Тоа произлегува од репрезентативната анкета Дојчландтренд, која редовно ја објавува јавниот сервис АРД.
Загрижени родители
Родителите на школски деца во огромен процент (89%) стравуваат дека изминатите месеци, кога училиштата работеа „на лажичка“ и наизменично се вршеше онлајн со настава со физичко присуство, ќе остават последици врз развојот на децата. Во општата популација тоа мислење го имаат 79% од луѓето.
Затоа голем број од граѓаните бараат пред идната школска година да бидат спроведени подготовки. На пример инсталирање филтери за воздух во училиците (тоа го поддржуваат 84 % луѓе) или задржување на праксата учениците, доколку не се вакцинирани, двапати неделно во училиштата да се тестираат со брзи тестови (76%). Понудата за поделба на одделенијата и одржување наизменична настава преку интернет и во училница ја поддржуваат 68 % луѓе.
Од друга страна, граѓаните не одобруваат обврска децата на часовите непрекинато да носат маска. Само 37% се за тоа, како и само 27% од родителите на школски деца.
Без оглед на стравот од четврт бран коронавирус, економското расположение се поправи. Првпат од избивањето на пандемијата, мнозинство луѓе (60%) оценува дека ситуацијата во економијата е добра или многу добра. За волја на вистината, постојат големи разлики во одговорите во зависност од тоа која политичка партија ја преферираат испитаниците.
Демохристијаните солидно пред Зелените
Кога сме веќе кај партиите. За Унијата (ЦДУ/ЦСУ) би гласале 28% граѓани, исто како и во минатомесечната анкета. Зелените, кои пролетоска беа на прво место, сега можат да сметаат на 20%, Социјалдемократите се трети со 15%, а следат Алтернатива за Германија (АфД) и Либералите (ФДП) со по 11%, па Левица со 7%.
Работите се менуваат кога луѓето ги прашате за канцеларски кандидат. Да можат директно да гласаат за кандидатите, дури 29% би го избрале социјалдемократот Олаф Шолц. Следат шефот на ЦДУ Армин Лашет со 28% и Аналена Бербок од Зелените со 18%.
На одлуката за изборот влијае и тоа што граѓаните чувствуваат потреба од темелни промени во земјата. Тоа го посакуваат 34% испитаници, што е дури 15% повеќе отколку пред изборите во 2017 година. Но и денес мнозинството (57%) заговара само помали корекции на курсот.
Очекувано, најмногу заговорници за радикални промени има меѓу гласачите на АфД (58%), Левица (53%) и Зелените (46%). Кај ЦДУ/ЦСУ и СПД, кои ја сочинуваат владејачката коалиција, по 70% луѓе мислат дека се потребни само мали измени. Интересно, дури 75% приврзеници на опозициските Либерали заговараат само мали корекции.
Колку наближува пензионирањето на канцеларката Ангела Меркел, толку расте задоволството од нејзината работа. Овој месец 69% луѓе се задоволни од канцеларката, што се 6% повеќе отколку пред еден месец.
И покрај Ковид, шансите за летување се зголемуваат
Бројот на новоинфицирани со коронавирус во Европа се намалува, бројот на вакцинирани се зголемува. Многу земји се надеваат на туристи и почнаа со разлабавување на мерките.
Фотографија: Zhou Nan/Xinhua/picture alliance
Австрија
Гастрономијата, хотелите, спортските настани во Австрија се повторно достапни од 19 мај. Како мерка на заштита е предвидено приложување негативен корона-тест. Дозволени се и манифестации кои се одржуваат надвор (до 3000 лица) и внатре (до 1500 лица). Со разлабавувањето на мерките би требало да отпадне и карантинот. Вакцинираните, тестираните и оздравените од Ковид ќе смеат да влезат во земјата.
Оној кој патува во Швајцарија мора да има негативен корона-тест. Тоа не важи за оние кои патуваат транзит. Во карантин мора да одат оние што доаѓаат од ризични подрачја. Отворени се хотелите, музеите, продавниците, театрите, кината.. На терасите од рестораните е дозволена храна и пијалоци. Насекаде има лимит за бројот на посетители, правила за дистанца и носење маска, но не и полициски час.
Гастрономите во Грција работат, но мора да затворат во 22:45 часот, зашто од 23 часот стапува во сила полицискиот час. Туристите кои одат во Грција мора пред влез во земјата да ги внесат своите податоци онлајн. При влез во земјата мора да се покаже дека лицето е целосно вакцинирано, или да се приложи негативен ПЦР-тест. Обврска за карантин веќе нема.
Фотографија: Chun Ju Wu/Zoonar/picture alliance
Италија
Италија постепено ги разлабавува своите корона-рестрикции. Онаму каде бројките се умерени, рестораните смеат да сервираат храна во отворениот дел. Од 22 часот стапува на сила полициски час. Музеите и кината во т.н. жолти зони се отворени. Во Италија на 2 јуни официјално почнува летната сезона. Како ќе изгледаат правилата тогаш, сѐ уште не е јасно.
Фотографија: Maria Laura Antonelli/Avalon/Photoshot/picture alliance
Франција
И Франција ги разлабавува рестрикциите полека. Луѓето повторно смеат да се движат и подалеку од 10 километри од својот дом, а повторно се можни и патувања во границите на земјата. Во сила е полициски час од 19 часот, кој од 19. мај треба да почнува од 21 часот. Тогаш треба повторно да отворат и рестораните (само отворените делови), како и продавниците и културните институции.
Фотографија: ROBIN UTRECHT/picture alliance
Шпанија
Ситуацијата во Шпанија е значително порелаксирана, многу од мерките се разлабавени, но сепак - повеќе региони сакаат да го задржат ограничувањето на движењето. И натаму важи и обврската за носење маска на отворено. Влез на лица од сите земји од ЕУ и од Шенгенската зона е во основа можен. Обврската за тестирање за оние кои доаѓаат од ризични региони, меѓутоа, и натаму важи.
Фотографија: Jordi Boixareu/Zuma/picture alliance
Португалија
Вонредната состојба, која траеше околу пет и пол месеци, на 1. мај веќе не беше продолжена. Оттогаш, рестораните, културните институции и местата за забава смеат да бидат отворени до 22:30 часот. Досега на викендите работа беше дозволена само до 13 часот. Освен тоа, отворена е и границата со Шпанија. Но, и натаму не е дозволен влез за лица од земји каде 14-дневната инциденција е повисока од 150.
Фотографија: Hilda Weges/Zoonar/picture alliance
Данска
Продавниците работат, а така е и со рестораните, но да влезат смеат само гости кои се најавиле преку апликација и приложиле негативен тест, доказ за целосна вакцинација или доказ за прележан Ковид. Целосно вакцинираните лица од ЕУ и Шенген зоната смеат да влезат во земјата без посебна причина, но услов е да доаѓаат од земја која е барем во портокалова зона, значи каде ситуацијата не е многу лоша.
Фотографија: Bruno Coelho/Zoonar/picture alliance
Хрватска
Во Хрватска хотелите се отворени, а рестораните смеат да примаат гости во отворениот дел. Во затворен простор на јавни места мора да се носи маска онаму каде што не може да се одржува пропишано растојание. За влез во земјата се бара негативен ПЦР-тест или тест за антитела, потврда за прележан Ковид или доказ за целосна вакцинација.
Фотографија: Pablo Camacho/PhotoAlto/picture alliance
Полска
Полска дава дозвола за прием на гости во хотелите, но само доколку се пополнат максимално 50% од капацитетот. Од 15. мај ќе биде можно да се седи во отворените делови на рестораните. Во внатрешниот дел тоа ќе биде можно од 29. мај. При влез во земјата е задолжителен десетдневен карантин, освен за лицата со негативен ПЦР-тест. И целосно вакцинираните и оздравените не мора да одат во карантин.