1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

„Страдањата во Авганистан ќе се влошат“

Даниел Хајнрих
4 септември 2021

По повлекувањето на САД од Авганистан, земјата ја очекува неизвесна иднина. ДВ разговараше со Рик Васен, претставник на хуманитарната организација „Јоханитер“.

Afghanistan | Rik Vaassen von den Johannitern in Afghanistan
Фотографија: Johanniter

Рик Васен е координатор на хуманитарната организација „Јоханитер" за Авганистан (на насловната фотографија со група Авганистанци). Оваа германска евангелистичка организација е основана во 1952 година, а во Авганистан дејствува речиси 20 години.

ДВ: Според извештаи на германската организација Помош за светот во храна (Welthungerhilfe), во Авганистан има сѐ помалку бензин и храна. Каква е ситуацијата со снабдувањето таму на теренот?

-Токму дознав дека во земјата се внесува храна преку пакистанската граница. Колку што ни е познато, постојат тесни грла во снабдувањето, посебно во главниот град Кабул. Од она што го слушаме од таму, тоа не е случај во другите региони во кои ние работиме. Се чини дека голем проблем е што речиси сите банки се затворени, луѓето едноставно не можат да подигнат пари и секако, во еден момент нема да можат да купуваат стоки.

Во Авганистан бевте пред само неколку недели. Што Ве загрижува најмногу во овие драматични денови?

Пред сѐ, многу сме загрижени за нашите локални службеници и вработените на нашите партнерски организации. Но и генерално, судбината на многу луѓе во земјата не изгледа добро. И во последните 20 години околу една третина од населението зависеше од хуманитарна помош. Хаосот, укинувањето на меѓународната помош и повлекувањето на невладините организации среднорочно само уште повеќе ќе ја влошат ситуацијата. Ние, но и други организации, не знаеме дали ќе можеме да продолжиме да работиме таму.

Во последните неколку дена успеавте да ги евакуирате странските соработници од Кабул. Разговаравте со преостанатите, локални соработници. Колку се тие безбедни?

Во земјата уште имаме 33 наши локални соработници. Ситеживеат во страв и сакаат што поскоро со семејствата да го напуштат Авганистан. Не можам да влегувам премногу во детали за да не ја загрозам нивната безбедност, но бидете сигурни дека со сите средства и по сите можни канали ќе се обидеме да ги извлечеме нашите колеги. Евакуацијатакоја ја спроведува германската влада можеби е официјално завршена, но за нас како хуманитарна организација, евакуацијата уште не е завршена.

Организацијата Јоханитер" ширум светот им пружа поддршка на мајки и деца. Дали талибанците нешто преземаат во врска со ова прашање?

Постојат многу различни најави од редовите на талибанците. Во Кабул, на пример, нашата работа делумно е попречувана. На пример, моравме да го прекинеме проектот за планирање на семејство, зашто талибанците им забранија на нашите соработнички да доаѓаат на работа. Во провинцијата Хост на пакистанската граница, ситуацијата е меѓутоа поинаква. Нашиот тамошен проект се занимава со основна медицинска нега на мајки и деца. Таму сме во контакт со талибанците и можеме да ја продолжиме работата како и досега.

Дали е тоа зрак на надеж?

Не би одел толку далеку, ситуацијата моментно премногу брзо се менува. Ние првенствено со загриженост следиме како ќе се одвиваат работите по конечното повлекување на американските вооружени сили. Не можеме воопшто да процениме како ќе се однесуваат натаму талибанците.

Во фокусот на хуманитарната организација „Јоханитер“ е поддршка на жени, деца и лица со инвалидитет. Со помош на свои партнерски организации, Јоханитер" само во 2020 година пружи поддршка на преку 340.000 луѓе во Авганистан.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми