1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страдањата на децата во домовите во Бугарија

15 октомври 2010

Состојбата во бугарските домови за хендикепирани деца е катастрофална. Прегладнети, малтретирани и запоставени во Бугарија во изминативе десет години умреле околу 240 деца. Сега, треба да помогне Западот!

Детскиот дом „Надеж“Фотографија: DW-TV

Во детскиот дом „Надеж“ во селото Тарнава живеат 20 душевно хендикепирани деца. Некои од нив можат да го посетуваат селското училиште. Условите во домот се очајни и покрај тоа што домот важи за еден од подобрите во земјата. Родителите ги дале девојчињата и момчињата во домот веднаш по нивното раѓање. Тоа беше уште во времето на комунизмот, вели Красимир Петков. Тој е единствениот раководител, кој е подготвен да зборува пред микрофонот на Дојче веле. За тоа тој подоцна ќе добие дисциплинска казна од соодветните служби: „Ние сме еден од најмалите домови во Бугарија. Други мораат да згрижат дури и по 150 деца, на ист квадратен простор како нашиот и без доволно пари. Па, кој може да му понуди соодветни услови на секое дете? Посакувам да се укинат овие домови и децата да се згрижуваат во помали групи“, објаснува Петков.

Во поголемиот дел од домовите владеат нечовечки услови за живот

Тоа пред три години го покажаа и снимките на еден британски телевизиски тим. Од тогаш до денес ништо не се променило. Сега се обелоденети и информациите дека во изминативе десет години поради глад, малтретирање и запоставеност умреле вкупно 238 деца. Ваквата грозоморната вистина за децата во домовите беше објавена благодарение на Маргарита Елиева, борец за човекови права. Таа бара решителна акција: „На сторителите до сега никој не им можеше ништо, но сега државното обинителство покажа одлучност и реши да не го толерира повеќе ваквото однесување, поради кое децата стануваат жртви. За нив голем проблем е тоа што се хендикепирани и живеат во домови кои се наоѓаат многу далеку од населените места.“

Маргарита ЕлиеваФотографија: DW-TV

Активистите за човекови права, како Маргарита, за време на нивните истражувања наидуваа на рамнодушност и молчење. Лекарите и негувателите рамнодушно го гледале умирањето на децата. Родителите, пак, не се интересирале за судбината на нивните деца. И до денес тоа е така: „Во моментов на 103 хендикепирани деца, чии имиња и адреси на живеење ни се познати, им се заканува смрт поради неухранетост. Ова мора веднаш да престане!“, инсистира Елиева.

Потребна е грижливост од страна на сограѓаните

Прегладнети, малтретирани и запоставениФотографија: DW-TV

Децата се затворени зад висок бодликав тел, некаде во некое зафрлено место. Судбината на бугарските деца никого не го интересира во земјата, затоа сега треба да помогне Западот, велат од детскиот дом „Надеж“: „Подобрувањето на нашата финансиска состојба може да успее само со помош на приватни социјални организации и фондации пред се’ од странство. Од бугарската држава не се надевам многу на помош“, вели директорот Красимир Петков.

Но, на хендикепираните деца во Бугарија не им е потребна само финансиска поддршка, туку многу повеќе им е потребна грижливоста од нивните сограѓани.

Автор: Гунар Кене/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми