1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страдањето на луѓето на границата помеѓу Полска и Белорусија

Марина Штраус
16 ноември 2021

На полско-белоруската граница се заглавени илјадници луѓе. Мигрантите известуваат за пушбекови или злоставувања. А, ниските температури веќе ги земаат првите жртви.

Polnisch-weißrussiche Grenze
На границата помеѓу Белорусија и Полска чекаат илјадници луѓеФотографија: Leonid Shcheglov/AP/picture alliance

Очите му се крвави, нијансите на кожата околу нив одат од сино до виолетово, носот сѐ уште е малку накривен.

Јусеф Аталах, 37, потекнува од Дамаск, Сирија. Сега е седнат на маса во сместувалиште за бегалци, некаде во пограничниот регион на Полска со Белорусија. Точната локација мора да остане непозната, зашто стравот на организацијата која се грижи за мигрантите од расистички напади е преголем. Страв дека бесот на жителите ќе се истури врз оние кои овде бараат заштита.

Злоставување на границата

Во текот на изминатите месеци многу се зголеми бројот на луѓето кои доаѓаат од Белорусија во Полска, или во соседните земји Литванија и Летонија. ЕУ го обвинува белорускиот диктатор Александер Лукашенко дека преку Минск на надворешната граница на ЕУ целно носи мигранти од Ирак, Сирија, Авганистан и други земји.

Аталах раскажува дека полските граничари повеќепати го вратиле на белоруската страна. Но, повредите му ги нанесол белоруски граничар. „Ме згазна на лицето, овде ми скрши коска“, вели тој и покажува на десниот образ. „Ребрата сѐ уште ме болат. Кога ме удри првиот пат се онесвестив неколку минути. Сепак, продолжил да ме удира, ми раскажа подоцна еден пријател.“

Јусеф Аталах се надева дека и семејството ќе дојде во ЕвропаФотографија: Adriaan De Loore/DW

Со виза во Белорусија

И Таер Резк има најдено засолниште во истото сместувалиште каде што е Јусеф Аталах. 29-годишниот Сириец пуши цигара во дворот. Јато гулаби исплашено полетува, кога девојче седнува на стол во близината.

Повеќе: Бегалците преку Белорусија пристигнуваат до Летонија и Литванија

Резк е електричар, но во Сирија за себе веќе не гледал иднина. Нема иднина во земја која е уништена од војна. Резк вели дека од пријатели преку Фејсбук дознал оти во Европа може да стигне преку Минск. „Во една туристичка агенција во Дамаск прашав: 'Како да добијам виза за Белорусија?' А, тие ми одговорија дека треба едноставно да појдам во белоруската амбасада.“

И Резк раскажува дека белоруските граничари го газеле и удирале. Тој и Јусеф Аталах се надеваат на азил во ЕУ. Надеж каква што имаат и луѓето кои сѐ уште се наоѓаат на белоруската страна од границата.

Таер Резк сака да остане да работи како електричар во ПолскаФотографија: Adriaan De Loore/DW

Контроверзни полски пушбекови

Полската националконзервативна владана ПиС сака да спречи и овие луѓе да влезат во земјата. Од октомври во Полска е на сила закон кој би требало да го легализира враќањето назад од границата. Борците за човекови права и Обединетите нации сметаат дека ваквата пракса е незаконска и претставува прекршување на меѓународните закони. Портпаролка на регионалната единица на полските граничари има поинаков став. Полска мора да си ја заштити границата, вели Катаржина Зданович за ДВ. „Овие патувања ги организира Белорусија. Полска за овие луѓе не е првата безбедна земја во која влегуваат. Тие овде доаѓаат од Турција и други земји. Не можеме да ги пуштиме во овој регион на границата. Тоа предизвикува хаос во Европа, го загрозува мирот овде.“

Повеќе: Срамната улога на Европа во мигрантската криза

За новинарите и невладините организации е тешко да проверат што навистина се случува на полската страна од границата, со оглед на тоа што полската влада има создадено забранета зона долж границата. Кој ќе влезе во забранетата зона мора да смета со парична или затворска казна. Приодните патишта ги надгледуваат патроли на полицијата и тешко вооружени војници.

Шумата е густа, крие опасности, но најстрашни се гладот и студотФотографија: Kacper Pempel/REUTERS

Луѓето се препуштени на судбината

Да влезат смеат само луѓето кои живеат во тој регион. Јоана Лапинска е една од нив. Таа има куќичка на границата со Белорусија. Со месеци целото слободно време го троши за да им помага на мигрантите и бегалците - со вода, храна, ќебиња... Вели дека не може едноставно да ги затвори очите пред она што ѝ се случува пред куќниот праг. Но, и поради тоа штоникому не му е грижа за овие луѓе, ниту на војската ниту на полицијата, а ни на владата. Луѓето кои ќе успеат да ја преминат границата, често се заглавени во забранетата зона. Тука шумата е густа. Реките, мочуришните предели, дивите животни - сето тоа е опасност. Но, уште пострашни се недостигот на храна и пред сѐ - минусните температури. Досега починале најмалку осум лица, последната жртва е 14-годишно момче кое се смрзнало.

„Овде ни е потребна медицинска и хуманитарна помош“, вели Лапинска. „Веднаш, но и на долг рок. Не можеме едноставно да ги препуштиме овие луѓе во регионов сами на себе.“

Но, досега работите не укажуваат дека полската влада ќе им дозволи простап до границата на независни набљудувачи. Дотогаш, барем за новинарите кои се на лице место, нема да биде можно да информираат што навистина се случува таму.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми