Странските инвеститори не можат да ја спасат Хрватска
3 мај 2014Привлекувањето странски инвестиции во Хрватска непрекинато се повторува како императив на економската политика, без разлика дали од владините функционери или од дел од експертската јавност. Во таа смисла, владата минатата недела најави поттикнувачки мерки по ткн. словачки модел. Рамковно, тоа подразбира низа отстапки за потенцијалните инвеститори, како што се големи даночни олеснувања за секој вработен работник, помош во инфраструктурното опремување, пониски кирии... Предност би добиле инвестициите во материјалното индустриско производство, енергетиката и туризмот.
Идејата на владините економски стратези веднаш беше дочекана критички, со потсетување на лошите искуства на земјите кои со сличен модел повеќе загубија одошто добија.
„Делува како повторно да се обидуваме да примениме некој увезен модел без база во нашата реална ситуација“, вели Славко Кулиќ. „Наместо да креираме сопствена економска политика, од своите човечки и материјални стратешки ресурси, како и од сопствениот развоен ментален и менталитетски склоп“. Кулиќ смета дека ваквиот експеримент може Хрватска да ја чини дополнителни тешки последици.
Според него, земјата страда од недостаток на интегрален систем на стопанство, каде преовладува речиси исклучително, погубниот трговски модел на располагање со ресурсите. „Изложувањето на белосветските прекупувачи на добра може да ни донесе нови големи штети особено во подрачјето на туризмот“, вели Кулиќ и додава дека туризмот не е и не може да биде стопанска гранка број еден за ниту една земја.
Неолиберална логика
Во слична насока размислува и Густе Сантини. Според него, оптималниот начин за излез од кризата е можен само доколку се пронајде конкретна, стратешка економско-политичка цел. Но, празното повикување на странските инвеститори, без посебни критериуми, е само опасна заблуда. „Тоа не е ништо ново, туку дополнителен показател колку е нашиот систем неверодостоен и паушален. Се плашам дека ова ќе заврши во уште едно краткорочно даночно редизајнирање, а тоа влева дополнителна несигурност“.
Според Сантини, мора да се отфрли уверувањето дека странскиот капитал е пресуден, бидејќи ништо не може да го надомести националниот концепт на развој. Професорот Сантини предупредува дека странските инвеститори по правило се евакуираат кон пазарите со помал отпор, веднаш штом профитот ќе започне да се намалува, или пак синдикатите ќе искажат незадоволство.
„Зад нив останува пустош. Затоа треба да се избегнува брзоплетото воведување на националното стопанство во глобалното опкружување по диктат на неолибералниот, односно вашингтонскиот консензус. Не смееме да си дозволиме таква грешка“, вели Сантини.