1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските инвестиции „лапнале“ близу 200 милиони евра!?

Костадин Делимитов
28 јули 2017

Потрошените народни пари за субвенционирање на странските фирми во Македонија веројатно ќе биде повисока од сите досегашни проценки, дознава Дојче веле.

Länderfinanzausgleich Symbolbild Geldscheine Spritze
Фотографија: imago

Од стотина илјади, до неколку милиони евра. Странските инвеститори во Македонија различно се офајдувале од бизнис условите што ги договарале со претходната Влада. Даночни и царински ослободувања, бесплатна инфраструктура, пари за градба на објекти, обуки на вработени, субвенционирање на плати, ослободување од придонеси. Списокот со државни поволности кои ги добивале странските инвеститори е поприлично долг. Стартно достапен за сите, но во обем и динамика со различна содржина , или согласно договорите кои неретко се склопувале и во четири очи. Новата Влада деновиве објави дека ќе ги декласифицира па ќе ги објави сите договори со странските инвеститори. Јавноста ќе дознае која компанија колку пари добила од државата, но и кои од странските инвеститори директно во четири очи договарал специјални услови за својот бизнис во земјата: 

„Во тек е анализа, од која ќе произлезе резултат за кумулативната сума која што  била доделена во форма на директна финансиска помош на странските инвестиции. Кога ќе биде завршена анализата, податоците ќе бидат јавно објавени. Од досега утврденото е детектирано дека дискреционо се одредувани сумите, односно различни правила се применети за  различни компании.  Државната помош што била доделувана изнесувала од 10% до  49.9% од вредноста на инвестицијата“, велат за Дојче веле од Владата.

Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Договори со статус: деловна тајна

Податоците за висината на државната помош и поддршката низ годините која ја добиваат странките инвеститори во Македонија беше најстрого чувана тајна. Поранешната власт постојано се правдаше дека голем дел од договорите се со статус на деловна тајна. Во отсуство на официјални, се објавуваа неофицијални податоци кои беа анализирани и собирани главно од невладиниот сектор. Како последна и најдетална беше анализата на Институтот за општествени и хуманистички науки. Во оваа студија која беше објавена на почетокот на годинава се забележува дека за десет години поранешната Влада потрошила 160 милиони евра за привлекување на странските директни инвестиции. „Директните трошоци од владините политики за поддршка на странски и инвестиции изнесуваат околу 160 милиони евра и се доста повисоки од директните повратни ефекти на овие политики. Односно, платите на работниците што работат во овие фабрики во вкупен износ од 92 милиони евра“, пишува во студијата која ја изработи економистот Бранимир Јовановиќ.

Дел од упатените сепак предупредуваат дека конечната сума веројатно е повисока од оваа анализа која е темелена врз јавно објавените податоци во буџетите и интернет страниците на надлежните институции.

„Објавеното во оваа студија не е далеку од вистинската сума, а веројатно е во дел и потценета. Но во неа не се земени во предвид и некои дополнителни буџетски ставки, така што конечната сума е сигурно таа, а веројатно и повисока уште неколку десетина милиони евра. Што се однесува пак до тоа кои фирми имаат земено најмногу пари тоа се оние кои имаат и најголеми инвестиции и најмногу вработувања. Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Дрекселмајер и други. Во принцип, кај нив завршиле најмногу државни пари но да почекаме, деталите допрва треба да се доистражат и ќе се објават“, вели за Дојче веле владин претставник кој е инволвиран во целиот процес. 

Фотографија: Petr Stojanovski

Еднаков третман и на домашните инвеститори

Паралелно со скенирањето на финансискиот дел на една од клучните стратегии на поранешната власт, новата Влада најавува дека подготвува нов пристап, или нови услови за странските но и домашните инвеститори. Целта е да нема повеќе дискреционо право на одлучување за висината на државната помош што ќе им се доделува на инвеститорите. Со новиот модел ќе се дефинираат критериуми врз основа на кои ќе може да се добие државна помош. Новиот концепт ќе биде транспарентен и јавно достапен до сите и ќе гарантира еднаков третман на сите инвеститори, без разлика дали станува збор за домашни или странски, велат од Владата:

„Инвеститорите ќе се мотивираат со субвенции но само доколку даваат високи нето плати. Ако некој дава ниска нето плата како досега тој нема што да се субвенционира. Критериумите за стимулирање ќе бидат јасни. Посебно ќе дадеме внимание во методологијата да биде задржан високо образованиот домашен кадар. За нив ќе има посебни критериуми. Па така за сите кои што имаат завршено високо образование за нив ќе има посебни субвенции но ако има пристојна плата. Мислам дека не е решение виосоко образовниот кадар во Македонија да го држите за 25 илјади денари плата. Во таков случај вие сте веќе субвенционирани. Но со пристојна плата да. Дополнително субвенцинирањето ќе зависи и од тоа колку и во колкав обем ќе соработуваат и со домашното стопанството. И тука ќе има критериуми со различно ниво“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Фотографија: DW

Без тајни договори и зделки во четири очи

Она што е клучно во новата стратегија која ќе се објави по летниот период е дека повеќе нема да има тајни договори и зделки во четири очи туку јавноста ќе биде информирана за се` во детали:

„Критериумите ќе бидат јасни и транспарентни и нема повеќе да бидат дискреционо право на кој било преговарач. Секој странски инвеститор врз база на моделот ќе може да се најде себеси и да знае однапред каква финансиска помош ќе добие“, дополнува Анѓушев.

Кочо АнѓушевФотографија: DW/Petr Stojanovski

Новите критериуми според Владата ќе важат за компаниите кои допрва ќе донесат одлука да инвестираат во Македонија. За оние што веќе работат постојните договори ќе се почитуваат, но ќе се следи дали инвеститорите се придржуваат до договореното. Од јавно објавените податоци македонската влада во периодот 2007-2015 година доделила државна помош на 25 странски фирми кои заклучно со крајот на 2015 година вработувале вкупно 12.600 работници. Според пресметките на Институтот за општествени и хуманистички науки средствата кои овие фирми ги исплатиле за плати на работници во целиот овој период изнесуваат 92 милиони евра. Во истиот период, нето добивката на помаганите фирми изнесувала 235 милиони евра, односно, два и пол пати повеќе од платите на работниците. Ваквите податоци само го потврдуваат она што во континуитет низ годините го предупредуваше поголем дел од експертската и бизнис јавноста во земјата. Сите забелешки беа во насока дека политиката на привлекување на странски инвестиции во државата е базирана врз погрешни принципи кои во најголем дел им носат огромни профити на странските газди, за сметка на трошките кои остануваа за домашната економија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми