1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странските претприемачи во БиХ не очекуваат подобрувања

Марина Мартиновиќ/ А.Трајковска19 октомври 2014

Од новата влада на БиХ странските претприемачи не очекуваат никакви промени. Тие истакнуваат дека и натаму најголем проблем е комплицираната администрација и несоодветна економска политика.

Bosnien-Arbeitslosigkeit.
Фотографија: DW/Emir Musli

Не е за очекување дека политиката на властите во БиХ би можела темелно да се промени по општите избори. Истото важи и за рамковните услови за бизнис, сметаат претставниците на странските инвеститори во Босна и Херцеговина. „Општо може да се каже дека инвеститорите се добредојдени во Босна и Херцеговина и дека се важни како потенцијал за создавање работни места. Но, она што вложувањето, односно тргувањето во БиХ го прави тешко е комплицираната управна структура, односно администрацијата“, истакнува Зигмунд Немети од претставништвото на австриската стопанска комора, сместена при трговскиот оддел во австриското диполоматско претставништво во Сараево.

Претпријатијата „вџашени“ од комплицираната државна структура

Неговиот германски колега Александер Мердиан, раководител на Претставништвото на германското стопанство во БиХ исто така истакнува дека и за германските претпријатија најголемите пречки се наоѓаат на полето на администрацијата. Мердиан наведува дека поради комплицираната структура на државата БиХ некои германски претпријатија биле „вџашени“ и поради тоа одбиле да инвестираат во земјата. Од друга страна анкетите кои ова претставништво ги спровело меѓу своите членови, покажале дека кога едно претпријатие ќе успее да ги совлада тие пречки, потоа останува во БиХ. „80 отсто од фирмите кои се во БиХ радо повторно би дошле и повторно би инвестирале“, наведува економскиот стручњак. Да се остане во БиХ не е проблем, туку воопшто како деловниот партнер да успее да се пробие до БиХ.

Александер МердианФотографија: AHK

Мердиан исто така се осврнува и на законската регулатива, наведувајќи дека законите сами по себе не претставуваат голема пречка, но неприменување на истите, односно непостоење на „упатства за примена“ на законите честопати е тоа на што треба да се поработи вели тој. Германските претприемачи, вели Мердиан, се надеваат дека од новите власти ќе дојдат и нови иницијативи на полето на реформските процеси и приближување на Европската унија и наведува примери од законската регулатива кои не му се наклонети на стопанството. „И натаму не постојат институции за сертификација за извоз на млечни производи во ЕУ, тука е и многу ригидното законодавство на подрачјето на работничкото право, потоа претерана легислатива кога се во прашање постапките за издавање дозвола и одобрување за работа на претпријатијата. Тоа се значи работи кои би требало јасно да се поедностават.“

Австрија досега вложила повеќе од 1,3 милијарди евра во БиХ

Дека има инвестиции во БиХ покажува и податокот на Централната банка на БиХ дека само Австрија во последните дваесетина години вложила повеќе од 1,3 милијарди евра во економијата во БиХ. Австрија е прва по инвестициите во БиХ, а следуваат Србија и Хрватска. За разлика од поединечни германски претприемачи, австриските претприемачи не се исплашени поради комплицираната државна структура. Но, и тие остро ја критикуваат комплицираната администрација. Зигмунд Немети наведува дека проблемот во БиХ е што нема државен поттик за претприемачите, како што е тоа случај во другите земји, така што би било „пожелно кога тоа би се променило. Но јас не гледам дека тоа така брзо би можело да се случи во БиХ“.

Зигмунд НеметиФотографија: Sigmund Nemeti/Advantage Austria WKÖ

Мердиан пак порај недостигот на државен поттик наведува дека на земјата и‘ е потребна соодветна стопанска политика. Идеја водилка притоа би требало да биде „ако на своите сопствени претпријатија им ги поедноставам процесите за да можат да растат, тогаш странските инвеститори ќе дојдат радо во земјата“, вели Мердиан.

Австрискиот стручњак Немети истакнува и дека од страна на инвеститорите, кои на земјата би можеле да и‘ донесат работни места, еден од проблемите е мачната и долготрајна борба за добивање право пред суд: „Ако во борбата за своите права морате да пресметате дека тоа ќе трае долго додека се изборите за нив, тогаш тоа секако го прави тргувањето тешко, и тоа според мое мислење е нешто што мора да се подобри“.

Фотографија: DW

Александер Мердиан наведува уште еден друг „темелен проблем“ поради кој во БиХ не се вложува толку колку што таа земја всушност има потенцијал, а тоа е дека „Босна и Херцеговина како земја речиси и да не се рекламира во странство како можна локација за претпријатијата. На Германците им е непознато кои можности постојат овде“.

Германските и австриските претприемачи се надеваат дека новите власти во БиХ повеќе ќе се свртат кон подобрување на економската состојба, но реално гледано не очекуваат некои поголеми промени по тоа прашање по општите избори. Меѓутоа и Немети и Мердиан истакнуваат дека БиХ има потенцијал за нови вложувања и продолжување на постоечката соработка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми