1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковид-19 и нанесе удар на сезоната во Охрид

ДТЗ
12 јули 2021

Поради пандемијата, се откажуваат летови од Холандија, се помал е бројот на аранжмани во хотелското сместување. Туристичките работници стравуваат за сезоната.

Ohrid-See in Nord-Mazedonien und Albanien
Фотографија: picture alliance / Zoonar

Пандемијата со Ковид-19 ќе нанесе сериозен удар на туристичката сезона во Охрид и Струга. Иако надежите беа дека со олабавувањето на рестриктивните мерки ќе живне и регионот за време на летните месеци, најавите дека се откажуваат чартер летовите од странство не најавуваат „богата жетва“ за туристичките работници. Сезоната се очекува да започне за неколку дена, но туристичките работници стравуваат дали ќе можат да го издржат ударот од ковид-кризата и да ги задржат вработените и во текот на зимските месеци. Сезоната се сведе на викенд-посети и со намален број гости од странство, кои беа најчестите посетители во хотелите со аранжмани кои траеја и по 14 дена. Отворањето на границите кон Грција и Албанија, како се поатрактивна дестинација за одмор на македонските граѓани, исто така влијае на бројот на гости кои се одлучуваат да заминат на море, место на езеро. 

Холанѓаните се помалку ги има

Еден од двата туристички оператори кои изминативе години носеа поголеми групи на холански туристи кои одмораа на охридското крајбрежје ги откажа летовите за Охрид. Станува збор за холандскиот туроператор „Корендон“ преку кој на охридско-струшкото крајбрежје доаѓаа најголемиот број туристи од  земјата. Пред него беа откажани и тури од Белгија, Турција и други земји, повторно како последица на коронавирусот. 

Сезоната се очекува да започне за неколку дена, но туристичките работници стравуваат дали ќе можат да го издржат ударот од ковид-кризата.Фотографија: picture alliance / Zoonar

„Ова ќе нанесе многу сериозен удар на туристичката сезона, со оглед на тоа дека годините пред пандемијата, холанските туристи во голем број доаѓаа во Охрид. Сезоната траеше многу подолго, од мај до октомври имаше по 3-4 лета неделно со холански туристи, што во однос на реализирани ноќевања е сериозна бројка. Тие најчесто остануваа по седум, 10 или 14 дена во хотелско или апартманско сместување на охридското крајбрежје“, вели за ДВ Зоран Михајлоски од ХОТАМ, менаџер на хотелот „Јуник“ во Охрид. 

-повеќе на темата: Охрид – магнет и крстосница за туристите од Балканот

Но, не се откажани сите аранжмани од Холандија. Најавите се дека на 19 јули во Охрид треба да пристигнат првите летови со холански туристи преку туроператорот „Туи Холанд интернешнл“. Плановите се овој традиционален партнер на охридските хотелиери, да реализира по два лета неделно со гости од Холандија, кои би летувале во Охрид се до почетокот на октомври, кога завршува туристичката сезона. 

И Полјаците на мака

Туристите од Полска се уште доаѓаат, но и тука се забележува опаѓање на бројот на посети. Откако земјата воведе 10-дневен карантин за сите нивни граѓани по враќањето во Полска, многумина се откажуваат од идејата да тргнат на пат. Иако се чини дека Ковид-19 полека стивнува, мутациите на вирусот земаат се поголем замав, особено Делта сојот, кој доведе до повторно заострување на рестрикциите во многу земји. 
„Годинава се чини ударот врз туризмот ќе биде уште посериозен отколку лани“, вели Михајлоски, кој укажува дека за туристичките работници е енормно тешко да издржат да работат во вакви услови на криза којашто трае речиси две години. 

-повеќе на темата: Странците летуваат во Охрид, Македонците во соседството

Гости во охридските хотели има, но далеку е ситуацијата како од „златните времиња“ кога се бараше кревет повеќе. Отсуството на странските гости, како и заминувањето на домашните туристи на море, се чувствува и на плажите и во Охрид и во Струга. „Многу се скрати сезоната, која што порано траеше од април до октомври. Сега се уште се надеваме дека допрва ќе имаме повеќе гости“, коментираат туристичките работници. 

Организирани групи

Низ градот е раздвижено, се забележуваат посетители пред се од регионот, но особено се забележува отсуството на групи од Турција, кои во голем број го посетуваа охридско-струшкиот крај изминатите години. 
Михаил Мишев од здружението на угостители „Охридски еснаф“, потврдува дека гостите од Турција коишто изминативе години во организирани групи пристигнуваа во градот, за време на пандемијата ги нема. „Сезоната започна со гости од земјата, како и туристи од Србија и Албанија, коишто традиционално го посетуваат Охрид. За разлика од порано, зголемен е бројот на туристи од Полска“, вели Мишев за ДВ. 
Високите температури во јуни му беа во прилог на охридскиот туризам - голем број гости од земјата и од регионот побараа барем викенд-разладување во Охридското Езеро за време на горештините. Но, тоа е далеку од навестувања за успешна туристичка сезона. 

Бројки и факти

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во април 2021 година изнесувал 19 064, од кои 52.3 % биле домашни туристи, а 47.7 %  странски туристи. Бројот на ноќевањата во април 2021 година изнесувал 42 117, од кои 51.9 % се од домашните туристи, а 48.1 % од странските туристи. 

Отворањето на границите кон Грција и Албанија, како се поатрактивна дестинација за одмор на македонските граѓани, исто така влијае на бројот на гости кои се одлучуваат да заминат на море, место на езеро. Фотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Во периодот јануари – април 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 19.4 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 23.3 %, а кај странските има намалување за 44.3 %. Во истиот период бројот на ноќевањата е намален за 12.8 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за  12.4 %, а кај странските има намалување за 32.0 %. 

-повеќе на темата: Охрид меѓу короната и УНЕСКО

Туристичките работници кои се жалат дека претрпеа огромни загуби за време на пандемијата, велат дека ако продолжи ваквиот тренд на намалување на пред се странските туристи, тоа ќе нанесе нанадоместливи штети за целиот сектор. И покрај помошта којашто Владата ја издвои изминативе месеци за да го застане туристичкиот сектор на нозе, сепак пандемијата го задава најтешкиот удар. 
Капацитетите на хотелското сместување, според туристичките работници се исполнети околу 20 посто, бројка која навестува дека следи тешка зима, особено во битката да се зачуваат постојните работни места, и особено во време кога се потешко се наоѓаат работници во областа на туризмот и угостителството. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми