1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странски служби работеле против Софија во спорот со Скопје

20 мај 2021

Во извештајот на ДАНС не се посочува кои се странските служби, но пишува дека биле насочени кон маргинализирање на бугарските позиции во однос на јазикот, историјата и културата

Sofia - Regierungsgebäude
Фотографија: picture alliance/ZB

Спорот меѓу Софија и Скопје од ден на ден влегува во нови лавиринти. Последното што е ставено во контекст на тој спор, е тврдењето дека надворешно- политичката позиција на Бугарија била атакувана од странски разузнавачки служби. Ова произлегува од годишниот извештај за активностите на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС), каде се вели дека во 2020 година странски специјални служби работеле против Бугарија за да ги маргинализираат нејзините надворешно-политички позиции. Во извештајот не се посочува кои се тие странски служби, но според наводите, може да се заклучи дека нивните активностите биле насочени против бугарската позиција во спорот за историските прашање со Северна Македонија.

„Во 2020 година, се активираа дејствата на некои странски специјални служби, како дел од комплексните напори за маргинализирање на бугарските позиции во областа на надворешната политика, поврзани со застапување на нашите национални интереси по линија на државотворниот елемент каков што е јазикот, како и во однос на нашата историја и култура“, се вели во извештајот на ДАНС за 2020 година, кој е објавен на веб страницата на бугарската влада, откако бил одобрен од парламентот.

-повеќе на темата:Холштајн: Проширувањето на ЕУ е заложник на ситни национални интереси на една земја 

Во него се нагласува и дека „продолжува активноста за потпомагање на асимилциската политика кон бугарските заедници во странство, во согласност со странските национални доктрини“.

Дека нема дилема оти тој дел од извештајот се однесува на спорот со Северна Македонија, говорат и насловите во бугарските медиуми со идентични наслови: „ДАНС: Странски служби дејствуваат во спорот со Скопје“, „Странски разузнавачи работат против позициите на Бугарија кон РСМ“,  „Странски служби нѐ атакуваат во спорот со Македонците за јазикот и историјата“...

На сајтот на бугарската влада е објавен и извештајот за 2020 година на Државната агенција „Разузнавање“ (ДАР) во кој е наведено дека „продолжува нивната активна дејност во однос на разузнавачките служби на странски држави со интереси различни од бугарските и од интересите на ЕУ и НАТО“.

„Неприфатлива и неоправдана изјава“

Чувствителноста на источниот сосед во врска со секоја изјава со која се дава поддршка за интегративниот пат на Северна Македонија во ЕУ, беше видлива и вчера, кога хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац, беше повикана на разговор во бугарското МНР по наредба на министерот за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев. Причина за тоа е изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој по самитот „Брдо -Бриони“ ги критикуваше условите што Бугарија ѝ ги поставува на Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ.

Бугарија има забелешки на изјави на државници на самитот Брдо-БриониФотографија: Presidents Office of North Macedonia

Таа изјава официјална Софија ја оцени како „неприфатлива и неоправдана", а на хрватската амбасадорка тоа и го соопшти Румен Александров, генерален директор за европски прашања во бугарското МНР. Бугарскиот дипломат посочил дека процесот на европска интеграција треба да се заснова на сопствените достигнувања на секоја земја-кандидат, истовремено почитувајќи ги основните вредности на ЕУ, вклучително и принципот на добрососедство.

-повеќе на темата:Седум балкански земји бараат ЕУ да ги забрза преговорите со Скопје и Тирана

Хрватскиот претседател на 17-ти мај по самиот во Брдо кај Крањ изјави дека Северна Македонија е во невозможна позиција заради една земја членка на ЕУ. Тој не ја спомна Бугарија со име.

„Она што официјалната политика на една членка на Европската унија и го прави на Северна Македонија сега, е она што јас го нарекувам влегување во туѓото, влегување во интимен простор“, рече хрватскиот претседател.

-повеќе на темата:Политичката цена на спорот меѓу Скопје и Софија

Како илустрација го посочи барањето да се дефинира национална генеза во учебниците по историја, како што бара соседната држава.

„Ако вашата цел е да го уништите послабиот од себе само затоа што тој е послаб, тоа никогаш не завршува добро. Тоа е една од пораките што не ги испративме денес во текстот на Декларацијата. Не сме се занимавале со работи што се од егзистенцијално значење за земјите кои сакаат да станат членки на Европската унија“, изјави хрватскиот претседател по самитот „Брдо-Бриони“, на кој учествуваше и македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Напуштање на Договорот

Во бугарските медиуми особено внимание се посветува на изјавите на премиерот Заев дадени во Брисел - дека јазикот и идентитетот не можат да бидат предмет на преговори, дека Северна Македонија има добра волја и е подготвена во секој момонт да разговара со Бугарија за билатерални прашања, но и дека тие не треба да бидат пречка за почеток на преговарачкиот процес.

-повеќе на темата:Заев: Покажавме повеќе европски вредности од ЕУ

БГНЕС денеска пренесува и дел од интервју на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за неделникот Фокус, под наслов „Договорот со Бугарија треба еднострано да го напуштиме".

„Не ни останува ништо друго, освен еднострано да го напуштиме тој Договор и да побараме меѓународна помош. Да седнеме заедно и да подготвиме нов Договор со Бугарија, но со гаранции. Верувам дека во Бугарија ќе дојдат нови политички сили кои ќе бидат заинтересирани да ја видат Македонија интегрирана во ЕУ“, пренесува БГНЕС дел од интервју со Мицкоски во „Фокус“, чие издание денеска треба да се појави на пазарот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми