1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Странците“ од регионот во Косово

Зулфија Јакупи/ Жана Ацеска21 март 2014

Во составна меѓународните мисии на Косово има и голем број луѓе кои доаѓаат од соседните земји. Сите се задоволни од начинот на кој се прифатени кај домашното население. Јазичните бариери одамна се надминати.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Никола Гаон над 9 години работел како „интернационалец“ во мисијата на ОБСЕ на Косово. Бил на различни позиции, одржувал врски со медиумите и јавноста, а во последните три години е портпарол на мисијата. Пред Косово работел во мисијата на ОБСЕ во Сараево и во Скопје. Тој е роден во Сараево, но периодот на војната во БиХ го поминал во Израел. Гаон денес има две државјанства, босанско-херцеговско и израелско. Никола вели дека фактот што доаѓа од БиХ многу му помогнал да се вклопи на Косово. Кога тргнувал за Косово, познаниците главно му препорачувале да се чува, но тие предупредувања, вели Никола, се дел од стереотипите кои постојат во регионот.

„Луѓето го гледаат главно она што се пласира во вестите, а тие во секој случај се фокусираат на некој негативен развој на ситуацијата“, објаснува Никола. Тој вели дека веднаш по доаѓањето на Косово во 2004. година зборувал босански и никогаш немал проблеми поради тоа.

„Не знам дали можеби бев првиот кој толку слободно го користеше мајчиниот јазик, но дефинитивно го користев слободно, од доаѓањето па се‘ до денес, ниеднаш немав незгодна ситуација поради тоа“.

Никола ГаонФотографија: DW/Z. Jakupi

За разлика од големиот број странци кои работат во меѓународните мисии и остануваат во круговите во кои работат, Никола од почеток почнал да се дружи со луѓето од Приштина, а посетувал и курсеви по албански јазик.

„Сега зборувам албански доволно добро за да се снајдам на улица, можам да отидам во самопослуга, да разговарам со таксисти, да водам основни разговори со комшиите во зградата, да комуницирам на албански. Сето тоа придонесе да се интегрирам во општеството и овде да се чувствувам навистина како дома“, вели Никола Гаон.

Од Загреб на Косово преку Холандија

И Доминик Колиќ е вработена во меѓународната мисија на Косово. Таа во Приштина стигнала во 2009. година, кога почнала да работи за европската мисија Еулекс. Пред доаѓањето на Косово 20 години живеела во Холандија, каде работела во Хашкиот трибунал.

„По потекло сум од Хрватска, родена сум во Загреб, но пораснав во Австралија. Таму завршив основно училиште, а потоа средно училиште во Осиек, а факултет во Загреб. Работејќи за Југотурс, поминав три години во Дубровник, Сплит, Шибеник и стигнав до Холандија“, вели Доминик.

Таа истакнува дека никогаш дотогаш не била на Косово и се сеќава на првиот убав впечаток при пристигнувањето со авион: рамница, покриена со снег, во далечината планини.

„За жал, кога снегот се стопи, видов дека има многу смет, па ми беше чудно, зашто не бев навикната на тоа. Во однос на останатото, тоа беше дел од бивша Југославија, па на некој начин ми беше познато. Од друга страна се сретнав со друга култура, јазик, но со оглед дека цел живот многу патував, брзо се снаоѓам. За само три месеци јас и семејството бевме како дома“, вели Доминик.

Доминик КолиќФотографија: DW/Z. Jakupi

Поглед во подобро утре

Доминик Колиќ на Косово ги довела и сопругот Кемал, кој е од Горажде, и синот, кој денес има 12 години и оди во Американското училиште во Приштина. Покрај куќата во која живее има мала џамија, за која вели дека не и‘ пречи. Освен со „интернационалците“, Доминик многу се дружи и со домашното население.

Јазикот не и‘ претставува проблем, со оние кои се постари од 35 години се разбира на хрватски јазик, а со помладите на англиски.

„Знаев дека албанскиот е поинаков, одев на курс и научив неколку зборови за да можам да се снајдам, тоа претставува и почит кон домашното население“.

Колку долго Доминик ќе остане на Косово зависи од работата, но би сакала синот да го продолжи образованието во Холандија.

Никола Гаон пак кон крајот на ова лето ја завршува мисијата на Косово, од каде ќе замине со впечаток дека комуникацијата меѓу Албанците и Србите е уште мала, но оди на подобро.

„Недостигаат многу информации за животот на луѓето во Приштина или во Грачаница, сега гледам дека луѓе од Приштина полека почнуваат да излегуваат на ручек таму некаде кон Грачаница. Тоа донекаде ќе доведе до некои промени и сфаќања дека луѓето сепак живеат едни покрај други, едни со други и ако не поинаку, низ економските ќе почнат да се развиваат и меѓучовечките односи“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми