Строс-Кан поднесе оставка поради аферата со силување
19 мај 2011Во формалното писмо што Доминик Строс-Кан му го испратил на ММФ, а кое е објавено денеска (19.05) на интернет-страницата на фондот, се наведува дека одлуката го исполнува Строс-Кан со „бескрајна тага“. Тој со „најголема можна решителност“ ги отфрла обвинувањата против него и наведува дека со својата оставка сака да ги заштити семејството и угледот на ММФ.
Адвокатите на Строс-Кан денеска ќе направат нов обид за ослободување на Строс-Кан со кауција. Притоа, до судски процес, Французинот би морал да остане во Њујорк. Сослушувањето пред судот во Њујорк е закажано за денеска попладне по локално време.
Весникот „Њујорк пост“ пишува дека во новото барање за ослободување со кaуција, адвокатите предлагаат Строс-Кан да биде постојано набљудуван, а освен тоа, во изјава под заклетва тој се откажува од секакво право на израчување на други држави. Повторно како износ за ослободување со кауција се наведува еден милион долари.
На почетокот на неделава барањето за ослободување со кауција беше отфрлено од страна на судот, поради опасноста Строс-Кан да избега од САД. Тој е обвинет дека се обидел да принуди една 32-годишна собарка во хотелот Софител на орален секс. Полицијата смета дека исказите на собарката се веродостојни.
Автор: ЕМФ/ЖА/афп/дпа/дапд
Редактор: Жана Ацеска