Студено ракување
11 ноември 2014Долгото ракување и 25-минутната средба меѓу двајцата државници треба да означат почеток на затоплување на односите меѓу двата соседи Кина и Јапонија. Три дена претходно двете држави ненадејно се договорија на „почнување на нов политички, дипломатски дијалог, насочен и кон безбедносни прашања, што ќе се одвива чекор по чекор“. Но, пред камерите атмосферата остана ладна. Ши ја подаде раката со скаменето лице, двајцата политичари изгледаа круто.
„Ова беше прв чекор на Кина и на Јапонија за враќање на почетна точка на меѓусебно корисни односи, врз основа на стратешките интереси“, соопшти јапонскиот премиер по средбата. Абе вети продолжување на дијалогот зад кулисите. Воздржаниот Ши ја предупреди Јапонија да остане на патот на мирен развој и да води мудра воено-безбедносна политика. Значи, тој остана на својот критички пристап кон Јапонија.
Без голем пробив?
Јапонски владин портпарол атмосферата на средбата ја опиша како „сериозна“. Договорени се контакти, еден вид „црвен телефон“ меѓу двете страни заради избегнување воен конфликт поради островската група која Јапонија ја нарекува Сенкаку, а Кина - Диаоју. Со тоа Ши и Абе дадоа зелено светло за билатерални преговори на административно ниво.
Но, Роберт Дујарик од Институтот за Азија на американскиот Темпл универзитет во Токио, со оглед на краткото траење, средбата во Пекинг не ја смета за голем пробив. Во заедничкото соопштение од петокот, 07.11.2014, пред средбата на Абе и Ши, ниедна страна не се откажа од досегашните позиции. Кина, всушност, не доби ни признание од Јапонија за спорноста на островската група како територија, ниту дека Абе официјално се откажува од натамошни посети на светилиштето Јасукуни. Иако, се шпекулира со наводно приватно ветување на оваа тема.
И експерттот за источноазиски прашања Лиу Џиангјонг од универзитетот Цингуа, во разговор за Дојче веле, негира „кршење на мразот“ меѓу Пекинг и Токио:
„Во својот прв мандат (2006-2007), Абе се откажа од посета на споменикот на загинатите воини. Тогаш Пекинг го покани во официјална државна посета. Такви чекори беа шанса за подобрување на кинеско-јапонските односи“. Сегашната средба, смета Лиу, нуди најмногу шанса за натамошни идни дијалози.
Тектонски потреси во Азија
Од гледиште на аналитичарите, Кина сака да го искористи Азиско-Пацифичкиот самит во Пекинг за да ја подвлече својата претензија за водечка улога на големиот континент. Одбивањето средба меѓу Абе и Ши би бил тежок прекршок против дипломатскиот протокол и би фрлил сенка врз самитот АПЕК. Затоа, двете страни ја искористија оваа шанса да ги намалат меѓусебните напнатости. Но, тоа ништо не смени во постојниот основен конфликт. Кина сака повторно да биде „Царство на Истокот“ и да и‘ ја одземе на Јапонија улогата на најважна нација во Азија.
Поранешниот издавач на јапонскиот либерален весник Асахи Шимбун, Јоичи Фунабаши, зборува за „тектонски промени“ во Азија. Вековната јапонска доминација е на крајот. Во 1894/95 Јапонија ја победи Кина во војна, а десет години подоцна и Русија. Без оглед на поразот во Втората светска војна, на Јапонија како на единствена незападна нација и‘ успеа подемот и влезот во редот на индустриски земји. Сега Кина, по три децении силен економски развој, се бори за својата стара улога во Азија. За Јапонија би било „болно будење“ ако не биде и натаму број еден во Азија, вели Фунабаши за „Фајненшл тајмс“. Јапонскиот премиер Шинзо Абе сака да го одолговлече овој процес на менување на односот на силите во Азија. Со таа цел тој ја интензивира воената соработка со САД во последните две години и ги олабави пацифистичките ограничувања во јапонскиот устав. Абе посети дури 50 земји, за да го потисне глобалното влијание на Кина. И неговата економска политика има за цел јакнење на нацијата.
Оваа нова желба за самопотврдување на Јапонија очигледно ја изненади Кина. Кинескиот претседател Ши затоа нема интерес да го легитимира новиот курс на Токио. Од друга страна, Кина не сака конфронтација со јапонскиот партнер САД во островскиот спор, откако претседателот Барак Обама и‘ вети на Јапонија дека ќе ги брани спорните острови. Освен тоа, Кина сака уште некое време да профитира од јапонското ноу-хау. Овие фактори зборуваат дека времето на топење на мразот ќе потрае, но дека за момент брзо може да настапи повторно мраз.