1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семестар во царство на династијата Ким

Естер Фелден/К. Краљевска27 август 2015

Северна Кореја се’ уште привлекува внимание во остатокот од светот како една од последните социјалистички утопии. Таа егзотика повеќето претпазливо ја гледаат од далечина. Но, некои се осмелуваат на експеримент...

Фотографија: privat

Семестар во странство денес е ни помалку ни повеќе обврска на секој студент кој држи до својата академска кариера. На листата на омилени дестинации се САД, Германија или Франција. Но, што ако некој одлучи да студира во Северна Кореја? Такви поединци се малку. Всушност, ако се верува на официјални податоци, до сега во Северна Кореја е забележан само еден студент од Запад, кој одлучил на некој од тамошните универзитети да помине еден семестар како гостин-студент.

Во Северна Кореја „по казна“

Британецот Алесандро Форд (18), всушност, не знаел што да прави со својата слободна година: патување во Виетнам, волонтерска работа во Колумбија или патување со воз преку Европа - се само некои од опциите што му се вртеле низ глава на младиот Британец. И тогаш неговиот татко му ставил „бубачка во глава“. „Ако во скоро време не се одлучиш, ќе те испратам во Северна Кореја“, вака звучела заканата на нестрпливиот татко. Заканата не била изречена само онака. Таа имала тежина поради фактот дека таткото и синот Форд претходно минале некое време во „земјата зад железната завеса“. Форд постариот на едно службено патување во Северна Кореја го повел и синот, кој, додека неговиот татко седел на бесконечно долгите состаноци, во земјата без интернет и кабловска, бескрајно се здодевал. Затоа заканата за одење во Северна Кореја навистина звучела како тешка казна за еден тинејџер од Запад. Но, „бубачката во глава“ сепак останала и Алесандро во еден момент се запрашал: а зошто да не?

На „ролери“ низ ПјонгјангФотографија: privat

Се’ е различно, но се навикнуваш

„Татко ми тогаш се распрашуваше колкави се шансите и навистина, по неколку месеци тестирање, пристигна позитивен одговор од севернокорејската амбасада“, раскажува Алесандро. Позитивната одлука ја толкува како желба на властите во Северна Кореја преку размена на студенти да дојдат до западното искуство, кое му е потребно на кадарот кој подоцна работи во дипломатија или надворешна економија. Бидејќи, и покрај медиумската слика, Северна Кореја не е во потполност отсечена од надворешниот свет. Меѓутоа, како изгледа студентското секојдневие во земја каде што се’ е подредено според култот на партијата и драгиот и голем лидер. „Се’ е поразлично: луѓето, атмосферата, однесувањето... Сепак, по некое време човек се навикнува“, вели Алесандро. Освен строго планираниот ден и егзотичниот ритуал покрај секојдневното поклонување на скулптурата на Ким Јонг Ил и Ким Ил Сунг, студентското секојдневие во Пјонгјанг, на големо изненадување на Алесандро, премногу не се разликува од студентското секојдневие ширум светот. Кошарка, излети, пиење пиво и учење. Сепак, на ова последното Северна Кореја става поголем акцент од другите. „Севернокорејските студенти се неверојатни 'воркохолици'. Невозможно е да го држиш истото темпо со нив“, вели младиот Британец.

„Колку што јас знам, не ме прислушкуваа, само ме следеа“

Уште една голема разлика: нема интернет. И уште една одлика на животот во Северна Кореја, која на Алесандро му паднала тешко: сеприсутно заедништво. „Се’ се работи колективно: спорт, учење, одење во сауна, опуштање... Приватната сфера е потполно непозната за граѓаните на таа земја“, се сеќава Алесандро. Изненадувачки за него и за многу кои во своето севернокорејско студентско искуство говори, е фактот дека не му бил одземен мобилниот телефон, и дека можел да телефонира во странство „колку што сака“, и дека, колку што му е познато, никој не’ го прислушкувал. „Количината на телефонските повици единствено зависеше од мојот тенок студентски буџет’, заклучува поранешниот севернокорејски бруцош. Но, 2,2 долари за минута и не е толку претерано со оглед на тоа дека на официјален Пјонгјанг му е потребен секој конвертибилен долар.

Отворање преку поп-култура

Наспроти студентската идила, Алесандро е свесен дека она што тој, со постојано службено следење, го видел и доживеал во Пјонгјанг, нема врска со севернокорејската реалност. Во текот на задолжителните патувања, кои секако се поврзани со животот и делото на династичките лидери, студентот минувал низ рурални предели, кои давале сосема различна слика од средениот главен град. „Патиштата се во катастрофална состојба и зградите се трошни - потполна спротивност од главниот град“, раскажува Алесандро. Иако избегнува да говори за политиката, Алесандро успеал да почувствува дека во Северна Кореја, сепак нешто се менува. Повеќето воопшто не знаат ништо или знаат сосема малку за животот надвор од Северна Кореја. Жедта за информации за странство, особено за Западот, е огромна. Како и во многу случаи во историјата, отворањето оди преку музика и поп-култура. Кинеската, па дури и музиката на јужнокорејските поп-ѕвезди, полека но сигурно, стануваат дел од секојдневието.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми