1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студија: Антисемитизам меѓу мигрантите?

Керстен Книп
31 јули 2018

Тезата дека растечката миграција кон Европа со себе носи и пораст на муслимански антисемитизам сега повторно се тематизира. Една меѓународна студија ги истражува причините.

Kundgebung gegen Antisemitismus
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Hitij

Како се мери антисемитизам? Преку бројот на дадени изјави и постапки. Но и според субјективната перцепција на засегнатите. Ако ова се земе како репер, тогаш резултатите се јасни – тоа го покажуваат податоците од различни анализи кои тим меѓународни аналитичари сега ги оценуваше: антисемитизмот во Западна Европа расте. 78 проценти од германските Евреи во 2017 година доживеале зголемена закана. Две третини од француските Евреи, односно 63%, во 2016 година имале впечаток дека во нивната земја има „многу“ антиеврејски расизам. И речиси половина, или 48% од читателите на еврејскиот весник „Nieuw Israëlitisch Weekblad", кој излегува во Холандија, во 2017 година се изјасниле дека повторно размислуваат околу безбедноста и антисемитизмот.

Колкава е сериозноста на ваквите размисли и чувства на испитаниците потврдуваат бројките од Франција: Околу 1900 Евреи во 2012 година се иселиле од оваа земја во Израел. Оттогаш овој тренд е во пораст: Во 2015 оваа бројка се искачи на 7800. Иако минатата година оваа бројка повторно падна на 5000, сепак бројот на иселени е двојно поголем во споредба со годините пред 2012 година. Алармантна е и ситуацијата со Евреите во Белгија. Властите во Брисел советувале многумина од нив да не истакнуваат во јавност симболи на јудаизмот. Особено по конфликтот во Газа во 2014 година, еврејските родители ги советуваат своите деца да не ја носат Давидовата ѕвезда.

Страв и загриженост од „транснационален феномен"

Овие резултати се сумирани во еден актуелна студија по нарачка на „Фондацијата сеќавање, одговорност и иднина“ (ЕВЗ), чија официјална презентација е денеска: „Антисемитизмот и миграцијата во денешна Европа – дали постои поврзаност?". 13 научници се занимаваа со феноменот на антисемитизам во пет земји: Белгија, Франција, Германија, Холандија и Велика Британија.

Студијата дојде до алармантни сознанија: страв и загриженост меѓу Евреите во Европа од Западна Европа е „транснационален феномен".

Сепак авторите на студијата даваат претпазлив одговор на прашањето колку овие стравувања се поврзани со доселувањето од таканаречениот МЕНА-регион (Среден и Блиски Исток и Северна Африка). Сите анализирани податоци ги дефинираат мигрантите од горенаведените области како „актуелен или потенцијален извор на антисемитизам“. Сепак, научниците не ги прифаќаат овие резултати здраво за готово. Својата воздржаност ја базираат на методологијата: „Анкети даваат различни резултати во зависност од прашањето што е поставено".

„Тандем против антисемитизам и непријателство кон муслимани“: Демонстрации во Берлин, јуни 2018Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

Знамиња на ИСИС

Сепак, авторите зборуваат за „тенденции“ кои произлегуваат од анкетите во петте западноевропски земји: „Ако го погледнеме трендот на бројот на антисемитистички напади се покажува дека во сите пет земји втората Интифада од 2000 до 2005 претставува значаен пресврт. Од 2000 година наваму, одредени случувања во Израел, Газа и окупираните територии постојано предизвикуваа реакции во Западна Европа, вклучително и антисемитски."

Според студијата, негативниот став кај младите муслимани е сепак ограничен, а и антисемитизмот не е паушален. Така, една студија спроведена од 2014 до 2015 година покажува дека околу 66% од испитаните млади муслимани имаат негативен став кон ционистичките тенденции, односно кон оние кои сакаат Израел да остане национална држава на палестинска територија. Многу понизок, односно околу 12% е бројот на оние кои генерално имаат негативен став кон Евреите. Сепак: „Младите Холанѓани со мароканско потекло, а во поново време и млади Холанѓани со турско потекло, главно мажи, учествуваат во јавни навреди на Евреи. Во летото 214 година, во антисемитистичките напади видливо беа присутни холандски граѓани со муслиманско потекло.“

Во еден напад, припадници на терористичката организација ИД вееја нивни црни знамиња и на арапски извикуваа „смрт за Евреите".

Повеќе: 

Моја Европа: Антисемитизмот во Европа не е увезенБерлин носи кипа: Собири во Германија против антисемитизмот

 

Комплексни резултати

Научниците ангажирани во студијата севкупно заклучуваат дека „антисемтиски ставови и/или антисемтиско однесување е натпропорционално силно присутно меѓу муслиманското малцинство, како и меѓу лицата кои имаат симпатии кон десноекстремни групи.“ 

Во крајна линија студијата дојде до еден комплексен заклучок, чии одделни аспекти е тешко да се вклопат во една рамка: „Некои податоци покажуваат дека антисемитски ставови меѓу мигрантите од Средниот и Блискиот Исток се широко распространети, но исто така се и позитивните ставови за демократија, еднаквост и мирен соживот меѓу муслимани, христијани и Евреи.“

Според научниците, не постои индикатор дека мигрантите од Северна Африка и од Блискиот Исток на општествено ниво значително придонесуваат за антисемитизмот во Европа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми