1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загадувањето го скратува животниот век за три години 

ДТЗ
26 јануари 2022

Загадувањето на воздухот доведува до појава на невролошки, кардиоваскуларни и респираторни заболувања, кои често предизвикуваат прерана смрт. 

Europa Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Загадувањето на воздухот е главна причина за прерана смрт и болест и е најголем ризик за здравјето во Европа. Срцевите заболувања и мозочните удари се најчестите причини за прерана смрт што се припишува на загадениот воздух, а потоа следат болестите на белите дробови и ракот на белите дробови. Ова се наведува во последниот извештај на Европската агенција за животна средина, која потсетува на проценките дека во Северна Македонија 3.400 лица починале како резултат на прекумерното загадување со ситни честички (ПМ2,5). Поради прекумерно загадување со озон починале 90 лица, а 120 македонски граѓани починале прекумерно загадување со азот диоксид. 

Состојбата не е подобра ниту во другите земји од регионот. Најалармантно е во Србија, каде има 11.400 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички, во БиХ - 5.900 смртни случаи, Албанија - 4.000 смртни случаи, Косово - 2.800 и Црна Гора со 900 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички. 

Поради прекумерно загадување со озон починале 90 лица, а 120 македонски граѓани починале прекумерно загадување со азот диоксид. Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ваквите податоци се основа и за изработката на најновата студија на „Обединет Балкан за чист воздух“  за загадувањето на воздухот и неговите последици врз стапката на смртност и здравјето на Западен Балкан. Автор на студијата е Срѓан Кукољ, активист со дведецениско професионално искуство во управувањето меѓународни проекти од областа на јавното здравје. Во неа тој посочува дека комбинираните штетни ефекти од загадувањето на воздухот од околината и домаќинствата резултираат со зголемена смртност предизвикана од мозочен удар, срцеви заболувања, хронична белодробна болест, рак на белите дробови и акутни респираторни инфекции. Ефектите од изложеноста на загадениот воздух варираат - тие се движат од клинички ефекти, како што се помали инфекција на респираторниот тракт, до прерана смрт. Тие исто така зависат од општата здравствена состојба на поединецот, должината на изложеноста на загаден воздух и количината на штетни емисии. 

Опасни честички 

Честички (PM2,5 и PM10), озон, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксидот и тешките метали се одговорни за милиони предвремени смртни случаи во светот секоја година. Проценките на Европската агенција за животна средина се дека лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи. 

Агенцијата и во последниот извештај за 2021 година потсетува дека изминативе години во 27 земји членки на ЕУ имало 307.000 предвремени смртни случаи како резултат на хронична изложеност на ситни честички, 40.400 предвремени смртни случаи се смета дека се резултат на хронична изложеност на азот диоксид, а 16.800 предвремени смртни случаи се припишуваат на акутната изложеност на озон.
Заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан. Во просек, 20% од изгубените години од животот поради изложеност на загаден воздух резултираат со прерана смрт на лица помлади од 65 години. Се проценува дека изложеноста на цврсти честички (PM2,5) е одговорна за 75% од сите смртни случаи поврзани со загаден воздух. 

Загадување со јаглен 

Студиите посочуваат дека само електраните на јаглен во Западен Балкан предизвикуваат економска штета која се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита.
Податоците од извештајот „Хронично загадување со јаглен“ покажуваат дека повеќе од половина од предвремените смртни случаи во 2016 година предизвикани од електраните на јаглен во Западен Балкан се случија во ЕУ: 2.013 од вкупно 3.906 предвремени смртни случаи се регистрирани меѓу населението во ЕУ, додека 1.239 смртни случаи се случиле во Западен Балкан и 654 на други локации. Здравјето на населението во Србија е најмногу погодено од загадувањето со јаглен од регионот, каде се забележани 570 предвремени смртни случаи.

Предвремени смртни случаи во Западен Балкан: 

Албанија
4.000 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички (ПМ2,5),
180 смртни случаи поради прекумерно загадување со озон (О3) и
160 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).

Босна и Херцеговина
5.900 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички (ПМ2,5),
280 смртни случаи поради прекумерно загадување со озон (О3) и
140 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).

Северна Македонија
3.400 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички (ПМ2,5),
90 смртни случаи поради прекумерно загадување со озон (О3) и
120 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).

Косово
2.800 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички (ПМ2,5),
90 смртни случаи поради прекумерно загадување со озон (О3) и
180 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).

Србија
11.400 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички (ПМ2,5),
320 смртни случаи поради прекумерно загадување со озон (О3) и
660 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).

Црна Гора
900 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички (ПМ2,5),
40 смртни случаи поради прекумерно загадување со озон (О3) и
10 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2). 

Се скратува животниот век 

Само во 2015 година, глобалното загадување на воздухот предизвика дополнителни 8,8 милиони предвремени смртни случаи. Ова значи просечно скратување на животниот век за речиси три години на сите луѓе ширум светот. За споредба, пушењето тутун го скратува животниот век во просек за 2,2 години (7,2 милиони смртни случаи), ХИВ/СИДА за 0,7 години (1 милион смртни случаи), болести како маларија кои ги носат паразити или инсекти како што се комарци, крлежи и болви за 0,6 години (600.000 смртни случаи) и сите форми на насилство (вклучувајќи смртни случаи за време на војна) за 0,3 години (530.000 смртни случаи). 

Големите честички можат да влијаат на горниот дел респираторниот тракт, предизвикувајќи кашлица и кинење. Ситните честички (ПМ2,5) лесно стигнуваат до белодробните алвеоли.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Гледајќи ги ефектите од загадувањето на воздухот врз шест категории болести: инфекции на долниот респираторен тракт, хронични опструктивна белодробна болест, рак на белите дробови, срцеви заболувања, цереброваскуларни болести кои доведуваат до мозочен удар и други незаразни болести – се проценува дека кардиоваскуларните заболувања (срцеви заболувања и цереброваскуларни болести заедно) предизвикуваат најголем дел од предвремените смртни случаи кои се припишуваат на загадувањето на воздухот. Тоа има поголем ефект врз пократкиот животен век на постарите лица и деца на возраст под пет години во земјите со низок приход. 

Како да се намали загадувањето? 

Големите честички можат да влијаат на мукозната мембрана и на горниот дел респираторниот тракт, предизвикувајќи кашлица и кинење. Ситните честички (ПМ2,5) лесно стигнуваат до белодробните алвеоли, додека ултрафините честички (PM0.1) минуваат низ алвеоларно-капиларната мембрана, лесно се апсорбираат од клетките и се ослободува во крвотокот. Затоа, помалите честички имаат повисока системска токсичност. 

Еколозите од регионот сметаат дека намалувањето на загадувањето на воздухот директно ќе влијае на подобар квалитет на живот и на здравјето на граѓаните, со што ќе помогне да се намали стапката на предвремени смртни случаи.  

-повеќе на темата: Чадот од болничките оџаци - тивок „убиец“ на воздухот

Во студијата на „Обединет Балкан за чист воздух“ се препорачува дека најфундаменталното решение за загадувањето на воздухот е постепено исфрлање на фосилните горива и нивна замена со алтернативи како што се сончевата, ветерната и геотермалната енергија. Производството на чиста енергија е од клучно значење. Сепак, подеднакво важен чекор е да се намали потрошувачката на енергија со усвојување одговорни навики и користење уреди кои се повеќе ефикасни. Премин на електрични и водородни возила и промовирање на јавен транспорт може да го намали загадувањето на воздухот. Еколозите бараат да се ​​дефинира намалувањето на загадувањето на воздухот како национален и меѓународен приоритет и да се интегрира во државата и процесите на планирање на развојот на градот. Да се ​​зголеми националниот буџет за контрола на загадувањето и да се постават приоритети посветени на намалување на влијанието на загадувачи врз населението и животната средина. Според нив, потребно е да се воспостави и  систем за следење на загадувањето и неговите ефекти врз јавното здравје.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми