Речиси половина жители на Ишгл инфицирани со коронавирус
ЖА
25 јуни 2020
Во австриската општина Ишгл, која беше жариште на коронавирусот, биле инфицирани 42,4 проценти од жителите. Најинтересното – 85 % од заразените не ни забележале дека се заразени.
Реклама
Опсежна студија, како што соопшти Медицинскиот универзитет Инсбрук, при испитувањето на граѓаните кај 42,4 % утврдила присуство на антитела за коронавирус. Ова е досега највисока вредност регистрирана во светот, изјави директорката на Институтот за вирологија, Дороте фон Лер денеска во Инсбрук. Антителата во крвта се сметаат како доказ за прележана инфекција.
Ишгл со своите барови- собиралишта на туристи-скијачи, се сметаше за жариште од кое коронавирусот се рашири низ Австрија и во делови од Европа. Податоците на австриските власти велат дека во извесен период дури 40 проценти од сите случаи во земјата потекнувале од кластерот Ишгл. И многумина Германци веруваат дека се заразиле токму во ова австриско скијалиште. Специјална истражна комисија во сојузната австриска држава Тирол го испитува во меѓувреме критикуваниот кризен менаџмент.
Интересно е што од тестираните лица, само 15 проценти имаат добиено дијагноза дека се болни од Ковид-19, истакнува Дороте фон Лер. „85 проценти од оние кои се инфицирале, поминале без да почувствуваат некакви симптоми". Без оглед на високиот процент на жители кај кои се присутни антитела за коронавирус, ни Ишгл нема достигнато т.н. имунитет на стадото, односно општ имунитет на популцијата. Решавачки за опаѓање на бројот на случаи биле карантинот и запазувањето социјална дистанца. Во студијата биле опфатени околу 80 проценти од жителите на Ишгл. 1427 учесници биле испитувани во периодот меѓу 21 и 27 април.
Витамин Ц: Добар за имунитет и за сузбивање на инфекции
Токму во време на Ковид-19 е особено важно да се има функционален имунолошки систем. На телото затоа му се потребни доволно микронутриенти, на пример витамин Ц. А него го има во овошјето и зеленчукот.
Фотографија: picture-alliance/Zoonar/D. Freigner
Јади ме!
Најголем дел од животните - цицачи можат да го синтетизираат витаминот Ц, значи сами да го произведуваат. Но, не и луѓето. Ние мораме да го земаме преку храната. Витаминот Ц го има во киви, портокали и грејпфрут, но и во зеленчук како прокељ, брокула и пиперка. За жал, тој е чувствителен на температура, затоа, внимавајте при готвењето!
Фотографија: picture-alliance/Zoonar/S. Schnepf
Помалку мистерија, повеќе биохемија
Витаминот Ц не е важен само за старите луѓе, болните и вегетаријанците. Неговите биохемиски функции во секое тело се исти и подеднакво важни. Витаминот Ц спаѓа во микронутриенти, кои на организмот не му даваат енергија, но сепак се есенцијални за неговите основни функции. Во нив се вбројуваат метаболизмот и нашиот одбранбен систем.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gabbert
Радикален ловец на слободни радикали
Како антиоксидант, витаминот Ц ги редуцира штетите кои ги предизвикуваат т.н. слободни радикали, штетни молекули кои ја нарушуваат структурата на здравите ткива во организмот. Овие радикали настануваат при нормалните процеси на метаболизам. Но штетни материи, како на пример цигарите, водат до оксидативен стрес и зголемено настанување на слободни радикали, па се зголемува и потребата од витамин Ц
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Rothermel
Јагоди за ензимски активности
Витаминот Ц од овие јагоди во човечкото тело не се користи само за заштита од слободни радикали, туку тој е важен т.н. кофактор при цела редица ензимски активности, како на пример синтеза на протеинот колаген. Колагенот е дел од тетивите, коските, рскавицата и кожата. Бавно и лошо заздравување на некоја рана од оваа причина може да е знак за недостиг на витамин Ц во организмот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Противнапад со помош на грејпфрут
На телото му е потребен витамин Ц за да може да се одбрани од инфекции. Витаминот Ц не само што е задолжен за заштита на клетките, туку во случај на инфекција преминува и во напад. Тој стимулира преместување на имунолошките клетки, т.н. неутрофили на местото на инфекција, ја поттикнува фагоцитозата - разградување и отстранување на штетните материи и убивање на вирусите.
Поголем недостиг од витамин Ц може да доведе до скорбут. Забавено заздравување на рани, модрици, опаѓање на косата, крварење на непцата и губење на забите, како и болки во зглобовите се симптоми на оваа потенцијално смртна болест. За заштита се доволни веќе 10 милиграми витамин Ц дневно. Доволно витамин Ц во телото значи и помал ризик од висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочни удари.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Колку е доволно?
Според Централата за заштита на потрошувачите, препорачана дневна доза на витамин Ц за мажите е околу 110 милиграми, за жените - 95. Научниците од Државниот универзитет Орегон пак на сите возрасни им препорачуваат 400 мг витамин Ц дневно. Тврдат, тој е безопасен и ако се „предозирате“, ќе се исфрли преку урината. Нема разлика дали го внесувате преку храната или таблети, велат експертите.