1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Субвенциите растат, земјоделството се намалува

Костадин Делимитов27 декември 2015

Растот на субвенциите кои ги добиваат земјоделците повеќе влијае за одржување во живот отколку за развој на земјоделското приозводсто. Експертите предупредуваат на недостаток на отчетност.

Фотографија: BGNES

Податоците за првите девет месеци од 2015 година покажуваат дека земјоделството е во минус, 3,5% во првиот квартал, 1,2% во второто, односно 4,6% во третото тромесечие. Негативниот тренд добива на интензитет во година кога државата одвојува рекордни 150 милиони евра директна поддршка за земјоделците. Ваквите податоци, паралелно со оние за континуираниот раст и на увозот на храна во Македонија се само потврда на она што дел од експертскта јавност веќе одамна го предупредува, дека политиката на субвенции вака како што е поставена нема развојна димензија, туку обебзедува само голо преживување:

„Зошто годинава во континуитет имаме пад на земјоделството не можем да тврдам, но дефинитивно тоа не е само поради временските неприлики. Како и да се земе, би било нереално да се критикува поддршката за земјоделците која ја има секаде во светот, но проблематично е кога таа се користи се` помалку за да се вложи во земјата, а се повеќе во стандардот на земјоделците односно негово приближување кон оној од градските средини. Генерално е добро што се даваат тие наши средства, но треба да се настојува на нивно порационално искористување, да се вршат подетални анализи. Треба да се докаже кои се штетни политики, требаат детални анализи, имате план и програма, но немате извештај како и на што се потрошени средствата, структурата на тоа што е потрошено за земјоделството. Не се објавуваат детали за што се потрошени, нема извештај за потрошеното, се кријат вистинските податоци и затоа анализите ги нема, а ниту институциите не даваат информации. Тоа очигледно се прави за да не се откријат дефектите, затоа не се даваат. Големо влијание има и лошото планирање, но тоа е, за жал кога аграрната политика веќе подолг период ја водат нестручни луѓе кои се само извршители. Но земјоделството е страшно сложен систем кој зависи од многу фактори и затоа е потребен сериозен пристап и водење сметка“, коментира за Дојче веле агроекономистот Борис Анакиев.

Фотографија: dpa

Во делот на учеството на БДП експертите сметаат дека податоците сигнализираат дека Македонија се уште заостанува зад развиените држави.

„Зголеменото учество на земјоделството во БДП е одраз на неразвиеното стопанство. На пример во развиените земји учеството во бруто домашниот производ доминантно се должи на услугите и индустријата. Земјоделството во просек во развиените земјоделски држави е околу 4 до 5% и тоа во услови кога тие имаат високо развиена земјоделска технологија и производство. Во Македонија тоа е се уште нешто под 10% што сигнализира дека стоапнството е се уште недоволно развиено. Но сепак факт е дека се напредува на тој план, но според мене тоа е резултат како тренд на време, на некои неминовини процеси и настани, а не дека којзнае што сме направиле како држава и како политики. Затоа велам во делот на земјоделството се потребни мерења. Секоја година по 150 милиони евра можеби малку се оптоварувачки за стопанството, но тоа е помалиот проблем. Потребни се анализи за односот помеѓу даденото и оствареното, дали парите се даваат за инвестирање или за трошење“, предупредува Анакиев.

Фотографија: Fotolia/Stefan Körber

Дилемите или прашањата околу исплатливоста, односно на што повеќе се трошат парите од субвенциите за земјоделците се лаички. Во услови кога земјоделците водат борба за преживување според Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци е несериозно да се поставуваат вакви дилеми:

„Субвенциите се користат за да се покријат загубите, или трошоците што ги имаме во континуитет во текот на целата година. Од процесот на сеидба па до самиот крај. Така што безмалку е лаички да се поставува и прашањето дали имаме или какви се нашите податоци на што реално се трошат овие пари. Според мене, ако не ги добиваме овие средства, ако не се овие пари за да ги затнеме дупките во буџетот, тогаш верувајте нема ниту 60% од сегашните земјоделци да останат да се занимаваат со оваа дејност. Но друго е прашањето дали овие средства се доволни да обезбедат развој. Одговорот е не, бидејќи ако сакаме да имаме квалитетен и квантитативен скок тогаш е потребно најмалку двојно да се зголеми поддршката. Но тоа да го бараме во вакви услови би било малку несериозно од нас. Но сепак дефинитивно дека се потребни повеќе пари. Ако ја земеме една Словенија која е како нас, таму ќе видите дека за земјоделците се одвојуваат двојно повеќе средства“, смета Шаклев.

Фотографија: Petr Stojanovski

Причината за зголемениот увоз на земјоделски производи наспроти милионските субвенции, според земјоделците и агроекспертите се должи на повеќе фактори. Недоволна едукација на земјоделците, погрешната распределба, нецелосна реализација на планираните суми но и политиката, односно доделувањето по партиски клуч. Колку политиката навистина игра улога во овој сектор доволно илустрира препукувањето на власта и опозицијата последниве денови. Имено дополнителниот заменик министер за земјоделство Љупчо Николовски прозва функционери од власта за уцени кон земјоделците со укинување на субвенции, раскинување на договорите за добиено земјоделско земјиште под концесија и со одземање на тракторите добиени преку програмата за рурален развој. За ова тој добил и писмени изјави од земјоделци кои биле жртви на злоупотреби. Власта пак реагираше дека ваквите информации се само обид за попречување на редовното работење на Министерството во отсуство на идеи како да им се помогне на земјоделците. Инаку согласно планираната програма во наредните 4 години само за субвенции за земјоделците и за рурален развој ќе бидат издвоени 600 милиони евра, односно по 150 милиони евра годишно.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми