Сувата трева и’ е виновна на Шпанија
12 јуни 2012Андрес Иниеста, најдобриот шпански играч на натпреварот, ја оцени подлогата на која се одигра натпреварот како „катастрофална“, додека неговиот клупски соиграч Цеск Фабрегас изјави дека е „срамота што актуелните европски и светски шампиони беа принудени да играат на така сув терен“.
За домаќините проблем со теренот нема. Претседателот на полската фудбалска асоцијација Грзегорз Лато изјави дека теренот бил во „совршена состојба“.
„Висината на тревата беше совршена. Вообичаено тревникот се полева пред натпреварот, но за тоа мора да постои одобрение од двете екипи. Шпанија беше за, Италија против, бидејќи знаеја дека сувата трева, како побавна површина, тактичи повеќе ќе им одговара. Доколку двете страни не се согласат, тогаш теренот не смее да се полева“, објасни Лато.
Повеќе среќа вчера имаше тимот на Украина. Тој со победата над Шведска го прекина „проклетството“ на домаќините на европските првенства и со победа го отвори својот настап на ЕУРО 2012. Шведска беше совладана со 2:1, благодарение на ветеранот Андриј Шевченко, кој со двата гола во мрежата на Шведска потсети на своите најдобри времиња. Голот за Швеѓаните го постигна Ибрахимовиќ.
Нерешено заврши и мечот меѓу Англија и Франција. Двете репрезентации кои важат за фаворити во оваа група, на крајот беа задоволни од поделбата на бодовите и не се пожалија за условите на стадионот. Англиската репрезентација пред мечот се соочи со проблем, бидејќи тренерот на голманите Реј Клеменс се здоби со повреда. Тој ја повреди Ахиловата тетива помаѓајќи му на Џон Харт да се загрее. Селекторот Рој Хоџсон потврди дека му претстои долго опоравување. 63-годишниот Клеменс е поранешен голман на Ливерпул и Тотенхем, а го бранеше и репрезентативниот гол на 61 натпревар во периодот од 1972-ра до 1984-та година. Пред ЕУРО 2012, Англија поради повреди остана без Фрек Лампард, Гарет Бери и Гери Кејхил, како и без резервниот голман Џон Руди.